Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на учеството на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа, со претседателот на Република Молдавија, Игор Додон и со премиерот на Канада, Џастин Трудо.

На средбата на претседателот Пендаровски со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа беше констатирано дека односите меѓу Северна Македонија и Литванија се традиционално добри и пријателски, со континуиран политички дијалог.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за досегашната поддршка од Литванија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

Претседателот подвлече дека за нас е клучно што поскоро државите членки на ЕУ да се усогласат за новата методологија за преговарање и нашата држава да добие датум за почеток на преговорите за време на хрватското претседателство со Европската Унија.

На средбата беше изразена подготвеност за развој на економската соработка, како и за унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.

На средбата со претседателот на Република Молдавија, Игор Додон беа разменети мислења за севкупните билатерални односи при што беше констатирано дека повеќе од две децении двете држави негуваат пријателски односи и меѓусебно почитување.

Двајцата соговорници оценија дека е потребен континуиран политички дијалог со заемни заложби за понатамошно унапредување на соработката на билатерален и мултилатерален план преку размена на официјални и работни посети на високо ниво.

На средбата беше разговарано и за актуелните случувања во двете земји, при што беа истакнати приоритетите на двете земји за интензивирање на економските врски преку склучување на меѓувладини договори и комисии за економска соработка.
Претседателот Пендаровски го истакна и интересот на Северна Македонија за продлабочување и интензивирање на соработката во рамки на регионални иницијативи.

На средбата на претседателот Пендаровски со премиерот на Канада, Џастин Трудо беше изразено задоволство од традиционално добрата соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности и партнерство.

На средбата, заблагодарувајќи се за постојаната канадска поддршка за нашите евро-атлантски интеграции, претседателот Пендаровски го нагласи интересот на Република Северна Македонија за јакнење на политичката и на економската соработка во областите од взаемен интерес.

Претседателот Пендаровски нагласи дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе придонесе за безбедност, стабилност и просперитет на целиот регион и се заблагодари за ратификацијата на Протоколот за членство од страна на канадскиот парламент.

На средбата беше изразено задоволство од соработката и успешниот дијалог меѓу двата парламента, што резултираше со основање на Парламентарна група за пријателство.

Сподели: