Почитувани членови на Подгоричкиот клуб,

Ценети екселенции,

Драги пријатели,

Како Претседател на Република Северна Македонија ми претставува задоволство да учествувам на оваа регионална конференција на Подгоричкиот клуб, и тоа поради две причини.

Регионалната соработка е клучна за развојот на нашите држави. Неопходно ни е поврзување на сите нивоа, од политичко, економско, се до инфраструктурно. Во нашиот регион постојат многу регионални иницијативи во кои учествуваат актуелни претседатели, премиери и министри. Ќе истакнам само две комплементарни иницијативи – Берлинскиот процес и Процесот Брдо-Бриони.  Но, сакале или не, актуелните политичари многу често се оптоварени со дневно-политички прашања. Досега недостасуваше влијателна платформа за отворен и суштински дијалог што би бил растоварен од дневно-политичката динамика. Вие нудите нешто ново. Верувам дека Подгоричкиот клуб како совет на искусни лидери ќе го пополни овој вакуум. И вие тоа веќе го правите со вашата амбициозна визија за Западниот Балкан 2030, визија што е растоварена од минатото и историјата и е целосно фокусирана на сегашноста и иднината.

Втората причина поради која сум денеска тука меѓу вас, е што ќе зборуваме за вистинското прашање во вистинско време – „Проширувањето на Европската Унија на крстопат“.

Драги пријатели,

Сите вие знаете дека ова е многу значаен период за нас. Минатата недела, Северна Македонија го доби најдобриот и најпозитивниот Извештај од Европската Комисија за напредокот во интеграциите. Добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

За да стигнеме до тука не беше нималку лесно. Ќе ве потсетам дека само пред неколку години, во својот Извештај од 2015 година, Европската Комисија идентификуваше дека имаме култура на политички поделби, отсуство на политички дијалог и стагнација на многу полиња. За разлика од тоа, во годинешниот Извештај Комисијата препознава дека имаме несомнен напредок како и однос кон соседите кој е од поширок регионален и европски интерес.

За многу кратко време успеавме да решиме децениски прашања. Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција, покажавме политичка храброст да ги затвориме сите отворени прашања во духот на добрососедството. Со овие две спогодби ние ја променивме парадигмата на добрососедството и регионалната соработка. Северна Македонија е единствената држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи, туку само отворени перспективи.

Освен тоа, преземаме и неопходни чекори и спроведуваме суштински и напорни реформи во повеќе клучни области. Ја усогласуваме нашата внатрешна и надворешна и безбедносна политика со политиката на Европската Унија.

Преку зголемена транспарентност и одговорност на носителите на клучни одлуки ја враќаме довербата на граѓаните во институциите. Напредуваме на полето на реформите во правосудството и владеењето на правото. Свесни сме дека имаме уште многу работа, но правиме се што е во наша моќ за да постигнеме суштински демократски напредок за граѓаните. Како резултат на нашата посветеност, не претерувам кога велам дека сме подготвени да ги започнеме преговорите за влез во Европската Унија.

Почитувани пријатели,

Членството во НАТО и во Европската Унија е нашиот највисок стратешки приоритет што ги обединува сите сегменти на нашето мултиетничко демократско општество. Постои целосен политички, меѓуетнички и социјален консензус околу нашата интеграција.

Во изминатите два дена Северна Македонија беше домаќин на историската посета на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и Северно-Атлантскиот совет. На средбата со нив истакнав дека упатувајќи ни покана за членство, НАТО покажа дека знае да ја цени и вреднува нашата политичка храброст за компромисно решавање на тешките прашања во нашиот регион. Изразив надеж дека и Европската Унија ќе го следи примерот на НАТО и ќе даде датум за почеток на преговори за членство на Северна Македонија.

Преговорите за членство ќе бидат кохезивен фактор во нашето мултиетничко општество. Датумот ќе ги мотивира институциите на државата одговорно да ги спроведуваат суштинските реформи неопходни за инклузивна, стабилна и функционална демократија. Само со конкретни чекори Европската Унија ќе ја запечати европската ориентација на нашата држава и ќе ја неутрализира ретроградната реторика во регионот. Да не заборавиме дека интеграцијата во Унијата е основниот заеднички содржател на сите земји од Западен Балкан. Тоа е она што не упатува сите нас да соработуваме за доброто на нашето општество и за доброто на нашите граѓани.

И токму заради незаменливата улога на проширувањето за нашиот регион, Европската Унија треба да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните.

Минатата година беше донесена Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан во која се предвидени објективни критериуми за проширување на Унијата со вреднување на заслугите на секоја земја поединечно. И Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер истакна дека ако Унијата сака повеќе стабилност во соседството, тогаш мора да одржи кредибилна перспектива за проширување за Западен Балкан.

Дами и господа,

Сакам да потсетам дека со потпишувањето на Преспанската спогодба минатата година, донесовме една од најтешките одлуки од нашата независност. Со право очекувавме Европскиот совет уште тогаш да го валоризира тој храбар чекор и да ни додели датум за преговори. Но, тоа не се случи. Одлагањето на доделувањето на датум за преговори негативно влијаеше врз исходот на референдумот за прашањето за името.

Верувам дека во слична ситуација се најдоа и други држави од регионот. Доколку на Северна Македонија и Албанија не им се даде датум за почеток на преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок, во регионот ќе имаме разочарување.

Во однос на најтешките прашања, ние го направивме нашиот дел. Сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел – да им го дадат на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување со пристапните преговори. Препораката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија ќе биде тест и за кредибилноста на политиката за проширување на Унијата.

Секое дополнително одложување на преговорите ќе ја наруши кредибилноста на Европската Унија, ќе ги демотивира граѓаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на регионот. Единствен начин трајно да се спречи ширењето на малигните геополитички влијанија во нашиот регион е доследно продолжување на политиката на проширување и на Европската Унија и на НАТО.

Ценети екселенции, Дами и господа,

На самиот крај, дозволете ми да резимирам. Како Претседател на Република Северна Македонија од Европската Унија очекувам лидерство и решителност. Очекувам неодложно да го одредат датумот за да ги започнеме преговорите за членство. Тоа е добитна комбинација за сите засегнати страни. Северна Македонија, нејзините граѓани и институции добиваат силен мотив и фокусираност за реформи, регионот на Западен Балкан добива силен охрабрувачки сигнал за европската перспектива, а Европската Унија ќе го потврди кредибилитетот во однос на нејзината најуспешна политика – а тоа е проширувањето. Само така ние ќе успееме да ја надоместиме изгубената деценија, и од Северна Македонија да изградиме европска држава и праведно, хумано и напредно општество.

Уште еднаш, ви благодарам за поканата и ви посакувам успешна конференција и плодна работа на Подгоричкиот клуб.

Ви благодарам.

Сподели: