Да ве информирам дека сме на половина од средбата. Начелно зацртавме да има две точки за кои ќе разговараме. Првата се неодамнешните заклучоци на Европскиот Совет, кои беа такви какви што сите ги знаеме. Од сите учесници на денешната средба побарав да го реафирмираме нашиот став дека продолжуваме по истиот пат кон Европската унија. Во тој дел ќе кажам неколку специфики и неколку заклучоци кои ги постигнавме со апсолутен консензус. Втората точка е можноста за организирање предвремени парламентарни избори.

Првата точка ја завршивме и јас сум тука бидејќи и е во склад со моите надлежности да ве информирам што е договорено. По паузата веднаш продолжуваме со втората точка околу можноста за предвремени парламентарни избори, за што ќе добиете информација кој и како ќе ве информира. Можеби ќе идеме со изјави на лидерите кои се тука присутни, но како ќе биде, откако ќе го завршиме вториот дел од вечерашната средба.

За првиот дел, можеби должам објаснување. Некој од вас ме прашуваа зошто е форматот на поканети таков каков што е. Сакам накусо да објаснам. Имавме еден принцип според кој се водевме. Значи поканети се политички лидери на политички партии кои освоиле самостојно пратеници на последните парламентарни избори, не биде дел од коалиција и затоа е составот таков каков што е. Се разбира, за тоа нема стриктна законска одредба, ова се објективно неформални средби кои ниту еден закон не ги предвидува во кој формат ќе бидат, меѓутоа сакам да ви кажам дека не било баш случајно тоа што овие луѓе се поканети.

Почитувани, ова го кажав на почетокот на средбата. Мислам дека некој од вас го забележаа. Според моето сеќавање или паметење, нашата држава е по трет пат во слична ситуација, барем што се однесува до нашето етаблирање на меѓународен план и нашите евро-атлантски аспирации.

Во 1991-та бевме во една ваква слична ситуација, во сосема поинаков меѓународен и политички контекст, кога беше донесена познатата Лисабонска декларација која велеше државата нема да биде признаена воопшто ако во своето име го содржи зборот Македонија. Тоа беше заклучок на тогашната Европска унија. Тоа беше надминато, година дена потоа станавме членки на Обединети нации и понатаму на сите други глобални и регионални меѓународни организации. Во 2008-та бевме во слична ситуација, јас имам доволно години да ви кажам дека бев присутен во македонската делегација која 2008 беше на самитот на НАТО во Букурешт, кога од познати причини, поради спорот околу името со нашиот јужен сосед бевме де факто блокирани, односно немавме одлука на целата алијанса дека треба да станеме членки и сега после овие крајно неповолни заклучоци на Европскиот совет од пред неколку дена со кои нашата понуда да почнеме конечно после долги години чекање, после 14 години статус на земја кандидат и после исполнување практично на сите предуслови кои ни беа поставени и од самата Европска унија на нејзиниот јунски самит минатата година, кога бевме пак одбиени, односно прашањето беше одложено за пролет за следното претседавање со Европската унија кое ќе биде направено од страна на Република Хрватска. Мене ми е драго, и тоа сакам да го истакнам во јавноста што сите поканети лидери на политички партии искажаа јасен државотворен капацитет и застанаа зад оваа стратешка цел која ни е зацртана уште во раните деведесетти години. Значи ниту еден од нив не испушти да каже дека ова е единствениот пат по кој треба да оди нашата земја, Република Северна Македонија сега, и дека не постојат никакви алтернативи на тој пат, затоа што тоа е единствената алтернатива која гарантира на среден и на долг рок дека државата може да биде трансформирана во просперитетна, во демократска и во економски успешна држава и општество.

Ви кажувам што побарав од нив и што добивме од нив. Имаме јасен државен консензус на релевантните политички лидери во нашата земја дека, независно од заклучоците на Европскиот совет, стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне и што е можно поскоро да ги заврши тие преговори, за да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека ние немаме проблем со евентуално нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот. Значи, едно поглавје кога ќе го затворите, ако трендовите во таа област се негативни, слободно можат да не вратат назад, па дури и до самиот почеток на процесот.

Немаме од што да се плашиме, тоа е во наш интерес и во интерес на нашите граѓани. Ако немаме добри резултати, ако не се резултатите во склад со европските принципи нека не враќаат назад. Меѓутоа, сите присутни лидери на состанокот рекоа „не“ за било какви евентуални алтернативи на процесот на приклучување за нашето полноправно членство. До сега тоа никој не ни го нуди, меѓутоа на маргините на таа дебата која сите ние ја следевме, а што се водеше во Брисел и во Луксембург постоеја некакви поинакви размислувања дека можеби и ние треба да бидеме ставени во категоријата на соседство, а тоа е сосема друга категорија. Во однос на ЕУ, ние сме дел од Европа и според базичните документи, според основачките документи на ЕУ, ние имаме право да бидеме членка на ЕУ на денот кога ќе ги задоволиме критериумите. Затоа што базичните документи од 57’ година велат, секоја држава на континентот може да аплицира и да стане членка на таа организација. Ние не бараме никаква алтернатива на овој формат, на ова придружување, туку само како полноправна членка на таа организација. Ова е првиот дел, тука запревме. Имаме комплетен консензус дека ги реафирмираме овие вредности и ставови и дека немаме и воопшто не размислуваме за алтернатива. Било кој да е на власт, денеска, утре, задутре, во годините што доаѓаат, и било кој да е во опозиција сите се обврзаа дека ќе работат, секој од позицијата која што ќе ја има во дадениот момент, ќе работат на нашето што побрзо приклучување кон ЕУ. Во вториот дел ќе зборуваме за точката за предвремени парламентарни избори.

Сподели: