Почитувани,

Дозволете ми да го изразам моето задоволство што Европската Комисија го препозна напредокот на Република Северна Македонија и повторно препорача отпочнување на пристапните преговори за членство.

Добивме јасна препорака за почетокот на преговорите, без дополнителни услови.

Извештајот е најдобар досега, а имајќи го предвид строгиот пристап во оценката на напредокот на секоја држава-кандидат, извештајот реално ги отсликува состојбите во Република Северна Македонија.

Европа денеска покажа дека знае да цени и валоризира политичка храброст, компромисно решавање на тешките прашања во духот на европските вредности и политика на добрососедство и регионална соработка.

Република Северна Македонија направи решителни чекори, како на надворешно-политички план, така и на внатрешен план, преку спроведувањето на клучни реформи неопходни за напредок на европскиот пат.

Овде би истакнал дека во извештајот се препознаени нашите напори во насока на враќање на довербата на граѓаните во институциите, зголемената отчетност, транспарентност и одговорноста на носителите на клучните политики. Но, и обврската за преземање на одговорност во случаите кадешто има идентификувани коруптивни дејствија и соодветен институционален одговор. 

Сепак, треба да се обележи дека Република Северна Македонија напредува во оценката за реформите во делот на правната држава и правосудството, не губејќи од вид дека е потребно интензивирање на реформите, за што сум сигурен дека постои подготвеност од сите засегнати политички фактори.

Како Претседател, очекувам Европскиот Совет да ги валоризира напорите на земјата, и согласно донесената препорака на Европската Комисија, во јуни да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство.

Наместо да биде колекционер на позитивни извештаи, очекувам Република Северна Македонија да добие фер шанса и да се трансформира преку отворањето на секое одделно поглавје од пристапните преговори.

Секое дополнително одложување на почетокот на преговорите, ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на реформските процеси. Но, истовремено може да биде разбрано и како поттик на антиевропските политичари во целиот регион, што е спротивно на напорите за стабилизирање и интегрирање на нашиот регион.

Очекувам и барам од сите релевантни политички чинители во Република Северна Македонија да ја препознаат важноста на моментот и преку одговорен и конструктивен пристап да дадат придонес за напорите на државата за нејзиниот напредок на европскиот пат.

Во оваа прилика сакам посебно да потенцирам – прво дека денеска добивме најдобар извештај во историјата на нашите евроатлантски интеграции, со јасна препорака за почнување на преговорите, без дополнителни услови, но посебно ми претставува чест и задоволство што за прв пат Извештајот на Европската комисија за напредокот се предава заеднички на Претседателот на државата, на Претседателот на Собранието, на Претседателот на Владата, и на Врховниот суд.

Денешното присуство на државниот врв, на судството и на претставниците на најрелевантните политички партии на едно место, го демонстрира државниот консензус во Република Северна Македонија за членство во Европската унија.

Уште еднаш, ги повикувам сите институции на власта, вклучително и опозицијата, без задршка, без штедење да се посветат на завршување на нашите обврски во интерес на сите граѓани на нашата заедничка земја.

Ви благодарам.

Сподели: