Мојот впечаток од оваа позиција е дека техничката влада почна на многу лош начин да функционира. Техничката влада од првиот момент, не навлегувајќи чија е вината повеќе или помалку, не настапи како тим, оценува претседателот Стево Пендаровски. Во интервју за МКД.мк тој вели дека актуелната политичка структура најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството и го пренсува ставот на комесарот за проширување Вархеји дека законот за Јавно обвинителство не е поставен како формален услов на ЕУ, но „во некои европски градови поставуваат прашања од типот нели би било добро и тој закон да се донесе“. Што се однесува до односите со соседите, најзагрижен е од Декларацијата на бугарската Влада. „Таа декларација е со прилично негативна реторика и на неколку места, по мое убедување, директно го поткопува Договорот за добрососедство“, вели Пендаровски.

Новинар: Се сретнавте со комесарот за проширување Оливер Вархеји. Сите ги слушнавме неговите пораки дека ЕУ не се откажува од проширувањето и дека тој очекува одлука за преговори да се донесе пред Самитот во Загреб. Ве убеди ли Вас во ова, каков е Вашиот впечаток, слушнавте ли нешто повеќе од тоа?

ПРСМ Пендаровски: Новиот комесар ме импресионираше со познавањето на процесот што има многу технички детали, со оглед дека е кратко време на таа позиција, и со плановите за во иднина. Неговата агенда е исклучително амбициозна во оваа смисла. Речиси е убеден дека методологијата ќе биде усвоена најдоцна до март, вклучително со сите амандмани што земјите членки во меѓувреме ги даваат. И е прилично сигурен дека одлуката може да биде донесена пред Самитот во Загреб на 6 мај.

Во таа смисла рече дека има добиено и повратни сигнали од некои битни европски градови, односно држави, кои досега искажуваа резерви за проширувањето во однос на овој круг, во кој сме ние и Албанија. Наводно тоа што тој го презентирал како задачи што двете држави треба да ги испорачаат во наредниве месец до два за нив ќе биде доволно за да можат да донесат позитивна политичка одлука врз основа на новата методологија пред мајскиот самит.

Новинар: Прилично сигурен врз основа на тие сигнали? Доволни се тие сигнали?

ПРСМ Пендаровски: Да. Ние во овој момент можеме да се базираме на тоа што го кажува Вархеји, на кого тоа му е работа и кој ги има контактите во тој контекст со засегнатите страни.

Илузија е некој да мисли дека ние можеме од Скопје да диктираме кога ќе биде донесена одлуката и каква ќе биде. Ние чекаме одлуката да ја донесат земјите членки и се знае меѓу нив кои ги диктираат тие процеси и трендови. Комесарот за проширување има контакт со тие неколку држави и вели почетни, повратни сигнали добив, позитивни се и, се разбира, понатаму треба да се испорача. За нас станува збор за Законот за Јавно обвинителство, а во однос на Албанија за сет изборни закони за кои е потребен консензус меѓу власта и опозицијата.

Новинар: Ние дали добиваме такви сигнали од земји членки?

ПРСМ Пендаровски: Колку што јас имам информација, до овој момент не. Зошто не? Не дека не прашуваме. Процесот по француското вето од октомври е префрлен комплетно во рацете на Вархеји. И да прашувате, сите велат тоа што имаме да го кажеме ќе му го кажеме на новиот комесар за проширување.

Вархеи ми рече „сакам да бидам во комплетна контрола на овој процес како комесар за проширување, а не некој надвор од моето портфолио да го води процесот. Ако можам во координација со земјите членки тоа да го направам, добро. Ако не, нема да излезам со никаков предлог”.

Новинар: Мислите ли дека македонските граѓани веруваат дека ЕУ навистина сака да го реформира процесот на проширување или, пак, мислат дека не ја сака Македонија (и Албанија) во нејзиниот клуб?

ПРСМ Пендаровски: Видов некои истражувања на прашањето дали сте за ЕУ, што мислите дека е мотивот за француската одлука во октомври и тука има една значаен процент на граѓани, претежно се етнички Македонци, ама ако зборуваме за пакетот и за Албанија, и другите заедници имаат исто размислување – дека Европа, што и да направиме, нема да нè прими. Тоа се случуваше и порано, во 2008 и 2009, по блокадата поради името. Таа група луѓе, која не е мала, велеа како е можно да ни се поставуваат такви услови, само за нас, да смениме име. Од кого го барале тоа?

Ние требаше да објаснуваме какви се правилата и работата на политичарите е да објаснуваат бидејќи луѓето не веруваат. Друга теза, по октомври, е дека ние најверојатно ќе бидеме втора Турција, која формално преговара (преговорите сега се замрзнати), но сите и во Турција и во Европа знаат дека Турција никогаш нема да стане членка. Тоа е многу лоша перцепција, ако стане доминантна меѓу граѓаните. Ние мораме да објаснуваме дека тоа нема да биде така. И во таа насока бараме и позитивни одлуки од Брисел.

Ако не добиеме од некои причини, луѓето ќе речат да не не се технички причини, да не се политички, да не не сакаат и слично, па се цитираат и анкетите во западноевропските држави во кои се тврди дека доминантното население во земјите членки е против нови членки, особено од Балканот. Но јас ги видов последните анкети за расположението и во Франција и во Германија и во Холандија, тие не се против, и иако разликата не е голема, постои мнозинство што е за понатамошно проширување.

Новинар: Значи европските држави калкулираат со бројките кај нив?

ПРСМ Пендаровски: Можеме да шпекулираме околу нивните мотиви, но факт е дека генералното расположение во Западна Европа не е главниот фактор зошто нивните политичари решаваат некогаш да ги одложат. По мое убедување, тоа се разликува од земја до земја зависно од внатрешната политичка ситуација и зависно од тоа што во тој момент бара од нив домашниот политички аудиториум. Некој ќе рече тоа е популистички начин на водење политика и тоа е легитимно.

Не можеш да ги оспориш, а од позицијата во која сме ние, чекаме да влеземе во клубот, немаме никаков механизам да влијаеме на тоа.

Новинар: Може ли Хрватска сега како претседавач некако да влијае?

ПРСМ Пендаровски: Има една дебата дали држава што објективно е една од помалите во ЕУ ќе има таква сила да ги менаџира главните процеси и дали која било држава може тоа да го направи за шест месеци. Јасно е дека Хрватска не може да биде главниот фактор на промените, не само за ова, туку и за новиот европски буџет, за идните политички приоритети на Унијата по брегзитот. Јасно е, но не е небитно како Хрватска ќе го менаџира целиот процес и како ќе ја врамува агендата, бидејќи тие се задолжени за дневниот ред и ако му даде приоритет на проширувањето на Западен Балкан, тоа може да биде многу битно.

Добро е што имаме врзано претседавање, по Хрватска доаѓа Германија, која е прилично благонаклонета кон проширувањето. Па мислам дека имаме година дена во претседавање на земји што ќе бидат активни на тој план.

Новинар: По самитот во октомври единствената причина за немањето одлука за преговори беше француското барање за нова методологија, а сега сè почесто слушаме за реформи, па законот за ЈО, па доследно спроведување на Договорот од Преспа, па фер избори. Се наметнуваат ли овие елементи како услови?

ПРСМ Пендаровски: Не. Можеме само да толкуваме што рекол комесарот за проширување. Сè друго се шпекулации од луѓе што или не се упатени во процесот или имаат политички мотиви зошто тоа го кажуваат. Вархеји вели дека законот за Јавно обвинителство не е поставен како формален услов на ЕУ, но вели во некои европски градови поставуваат прашања од типот нели би било добро и тој закон да се донесе. Ова не е формален услов, но да не им дадеме дополнителен мотив на некои да речат „и тоа требаше”. Услов беше проблемот со името и сега новата методологија.

Новинар: Кога слушаме за реформите во правосудството и борбата против корупцијата, се чини дека различно ги сфаќаме со меѓународната заедница… Каде е разликата? Тие бараат реформи, владата вели дека има напредок, се работи ли за суштински реформи или е само бирократско одработување на работата?

ПРСМ Пендаровски: Вака како што ги поставувате тезите, мислам дека и двете страни се во право. Првата теза, секоја објективна анализа ќе покаже дека состојбата во нашето правосудство денес е неспоредливо подобра во смисла на политичко мешање и менаџирање на сензитивни случаи и помалку сензитивни, во однос на она што го имавме до 2016 година. Кога некој ќе ви каже дека политичкото мешање, менаџирање или контрола, или политичката шепа врз судството е еднакво присутна денес како во најлошите години на Никола Груевски, греши. Не е битно од кои мотиви, зашто тоа не е точно. Она што го велат Европејците е „нас не нè интересира од колку ниска стартна позиција тргнувате, ова што е актуелна состојба во правосудството е далеку од европскиот просек. И затоа имате уште многу работа”. Ние велиме, знаете ли каде бевме пред некоја година? Нивниот одговор е „да во ред е, ние констатираме напредок, ама не е доволен”.

Новинар: Ама факт е дека досега нема ниту една судска разрешница за големите корупциски случаи. Како ќе ги убедите граѓаните дека Владата постигнала напредок во правосудството?

ПРСМ Пендаровски: Тоа што нема пресуда е минус, се согласувам и затоа велам дека не сме на нивото на еден просечен европски систем.

Што нема сега, а имаше порано и каде јас го гледам напредокот? Нема ниту еден индикатор дека луѓе политичари диктирале судски пресуди, како што имаше случаи по телефон од лустрација на судија до политички пресуди. Нема доказ дека некој нарачува по телефон судска пресуда, нема политички затвореници како што беше случајот на Љубе Бошковски, нема новинар во затвор што е штелуван да влезе во затвор од политички причини како Кежаровски. Тоа е неоспорно подобрување, далеку сме од 2011, 2012, 2015, но во исто време многу далеку сме од она што значи европски стандард.

Во овие три години нема таков скок, такво подобрување во сферата на судството какво што граѓаните бараа за време на Шарената револуција кога главниот слоган беше „Нема правда, нема мир”. Бараа правда.

Новинар: А, сега мислите дека граѓаните мислат дека има правда?

ПРСМ Пендаровски: Не. Најголем дел од активните учесници на таа Шарена револуција, од која и јас бев дел како граѓанин, мислат дека новата политичка структура, која е од 2016 на власт, најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството.

Новинар: Прашањето е зошто?

ПРСМ Пендаровски: Тоа е работа на подлабока анализа. Мене ми се чини дека инсталациите на претходниот режим беа толку длабоки, толку интензивно влезени во сите пори на дотогашниот правосуден систем што времето беше прекратко. Тоа е еден дел од образложението. Вториот дел, објективно владата на Заев 90 отсто од времето му се посвети на решавањето на проблемот со Грција и со Бугарија за да исчекориме од изолација и да фатиме чекор кон Европа. Не е оправдување, но не можам да видам трето.

Новинар: Во вакви околности, што ќе донесат, што ќе сменат предвремените парламентарни избори?

ПРСМ Пендаровски: Мислам дека во неколку магистрални насоки и внатре и надвор, нема да сменат ништо. Во однос на стратегиските цели, во НАТО влегуваме, денови или недели се во прашање, и таа ситуација објективно политички не може да се измени и не мислам дека опозицијата, ако ги добие изборите, ќе сака да ја менува.

За преговорите со ЕУ, не можам да видам дека во која било ситуација, и при промена на власта, нема да ни дадат преговори. На внатрешен план, најбитната оска за стабилноста, меѓуетничките односи, убеден сум дека која било следна влада ќе има значаен и доминантен албански партнер во својата структура. Во тие главни насоки нема што да се смени.

Најчесто поставуваното прашање дали придобивките од изминатите три години, демократија, човекови слободи и права, слобода на медиуми, којашто е неспоредливо подобра, дали ќе се сочуваат или може ќе се забележат реверзибилни трендови, не може да знаеме, зашто треба да видиме кој ќе ги добие изборите и на која платформа.

Новинар: Што е со договорите со соседите?

ПРСМ Пендаровски: Мојата процена е дека во однос на Договорот од Преспа шансите за промена се еднакви на нула. Не дека не може да се промени, туку затоа што треба промена на Устав, што во принцип е тешко и нема да добиете согласност од претпоставениот албански партнер, не поради содржината на Преспанскиот договор и новото име, туку на тој начин практично ја блокирате земјата кон евроатлантските интеграции. А тоа е ултимативен интерес на секој од нас.

Во однос на Договорот со Бугарија, објективно имаме една неповолна околност со Декларацијата што беше усвоена во бугарскиот парламент и веројатно веднаш по отворањето на преговорите ќе се постави како нивна позиција и во Брисел. Таа декларација, знаете, е со прилично негативна реторика и на неколку места, по мое убедување, директно го поткопува Договорот.

Новинар: Има ли рационално објаснување за она што се случи со негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарската академија на науките? Како Вие го објаснувате тоа?

ПРСМ Пендаровски: Рационално објаснување нема, барем јас не можам да го најдам. Слушав објаснување дека беа во кампања за локални избори, дека им било битно, но јас мислам дека луѓе што водат сметка за иднината на својата држава и за градење на вистински искрени добрососедски односи по долги години практична изолација едни од други, мора да гледаат подалеку од изборите и од својот мандат. Она што непријатно ме изненади е неверојатното мнозинство со кое беше усвоена Декларацијата во Парламентот. Само 4 пратеници беа против. Тоа ќе биде пречка ако бугарската страна, кога ќе почнат преговорите, инсистира на некои формулации од тој документ што се анахрони со времето во кое живееме и со документот што го потпишавме.

Кога прашувате за БАН, да не одиме во анализи за фактори што не се битни во преговарањето. БАН не е фактор при формулирањето на ставовите на бугарската влада или влади за нашите преговори. Но мене ми е битно што мисли државата Бугарија, бугарската влада, официјалните органи што испорачуваат ставови во Брисел. Тие тоа што го мислат го покажаа, прво со документ усвоен во бугарската влада, усвоен во Собранието. Академијата, не велам дека е небитна таму или дека е небитна кај нас, но постојано велиме немојте да слушате што зборуваат за тоа одделни лидери или интелектуалци, видете што вели владата. Владата, за жал, предложи ваков документ и тој беше усвоен. Тоа ме загрижува, а не што мислат академиците.

Новинар: Со Грција мислите дека односите се подобруваат, бидејќи од нивна страна некако стивна работата, нема коментари и слично?

ПРСМ Пендаровски: Се подобруваат, да, а стивна работата бидејќи клучниот дел од Преспанскиот договор веќе е имплементиран, името. Останува комисијата што работи на трговски марки, но најтешкиот дел за нас, имплементацијата на новото име и надвор и внатре, ние го имаме веќе. Може да најдете дека на некое училиште или шахта го има сонцето од Вергина, ама тоа не е стратегиска пречка за да развиваме добра билатерала.

Новинар:  Го споменавте името, пред неколку месеци рековте дека Ви пречи тоа Северна во името на државата и дека не можете да се навикнете. Се навикнавте ли сега?

ПРСМ Пендаровски: Не. Ние остаревме со нашето име што си го имавме, уставното име од ‘91 година и не може да очекувате од мене… јас ви тврдам дека нема граѓанин или политичар што со задоволство го изговара тоа име. Но знаеме дека тоа е политичка потреба или нужност заради повисока цел. Инаку, не ми е пријатно, ниту мислам дека некогаш ќе ми биде пријатно, ниту пак дека со радост ќе го изговарам.

Новинар: Како ја оценувате досегашната соработка со опозицијата и особено сега со техничките министри во Владата? Уште веднаш изби „спор” со министерот за внатрешни работи.

ПРСМ Пендаровски: Од првиот мој настап реков дека сакам да бидам заштитник на политичкото малцинство од евентуалните злоупотреби на политичкото мнозинство во институциите, што не го направил ниту еден претседател кај нас. Иако бев избран од политичкото мнозинство.

За жал, комуникацијата со главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ (инаку со таканаречената албанска опозиција имам одлична соработка и редовна комуникација) соработката не е на нивото на кое јас би сакал да биде. Одбија присуство на првата седница на Советот за безбедност со тривијално образложение, имав два куси телефонски контакти уште тогаш со лидерот на најголемата опозициска партија, договарајќи можна идна средба, до која никогаш не дојде. Значи една средба имавме овде, на лидерската средба.

Премалку се контактите, не го воспоставивме она што сакав да го воспоставиме, канал на константна комуникација меѓу нас. Небитно е дали се сакаме или не, ние сме овде, не со личните имиња и презимиња, не е тоа пиење кафе меѓу Христијан и Стево, туку се работи за кабинет на претседател и кабинет на партијата и јас мислам дека тоа може да донесе само придобивка. Комуникацијата, и покрај моите настојувања, не беше толку интензивна и честа и квалитетна. Моја задача е, бидејќи сум платен од парите на сите граѓани, да се обидувам и понатаму да направам што е можно подобра комуникација, кој и да е утре во таа улога на опозиција.

Новинар: Што е со техничката влада?

ПРСМ Пендаровски: Мојот впечаток од оваа позиција е дека техничката влада почна на многу лош начин да функционира.

Техничката влада од првиот момент, не навлегувајќи чија е вината повеќе или помалку, не настапи како тим. Во јавноста не е перципирана како еден тим. За жал, тоа го демонстрираа уште од моментот на изборот кога двајцата министри од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не дојдоа на традиционалниот прием кај претседателот. Не дојдоа на честитање, да пружат рака за соработка, во интерес на граѓаните, а не во мој или партиски интерес.

И понатаму, сведоци сме дека на дневна основа се издаваат соопштенија од луѓе што се од различни партии, ама седат во иста влада со дијаметрално спротивна содржина и предлози и денот ни поминува во тоа што едниот министер ќе каже, а заменикот ќе негира и обратно. Јас мислам дека министрите во техничката влада мора да сфатат дека се таму за организирање на изборите и дека таму не се затоа што била таква волјата на граѓаните. Законот од 2016 тоа го налага и мора да бидат таму во интерес на цела држава и на сите граѓани, а не само на своите гласачи и членство. Се надевам дека со тек на време владата ќе почне да работи на еден посинхронизиран начин. Кратко е времето, а се губи скапоцено време.

Политичките партии се третираат како најголеми непријатели и после се чудиме кога граѓаните во огромен дел велат „сите се исти”. Барем во овие сто дена сите во Владата мора да сфатат дека, сакале или не сакале, мора да работат во интерес на државата.

Новинар: Ги испеглавте ли односите со МВР?

ПРСМ Пендаровски: Тоа е крајно непријатна ситуација и ве уверувам дека во историјата на земјата не се случило министерот за внатрешни работи да им каже на десетина инспектори за придружба, како што се викаат, да дојдат на капија во кабинетот на претседателот и да бараат работен ангажман. Тоа беше несериозен однос за едно сериозно прашање од страна на една институција што мора да биде сериозна и институција клучна во нашиот амбиент за организирање на фер и демократски избори.

Моето обезбедување и обезбедувањето на сите други функционери што го имаат по закон не го избирам јас, ми го дава МВР. Колку луѓе ќе бидат, 1 или 101, процена е на МВР. Безбедносните процени за тоа дали јас сум во поголема или помала опасност пак ги прави МВР. Сите луѓе што ме обезбедуваат тука, од прв до последен, пред да дојдам овде во мај не сум ги познавал лично. Тие ми ги дадоа.

Мене не ме интересира дали техничкиот министер е од една партија, а дополнителниот заменик е од друга, тие мора да имаат синхронизација меѓу себе како министерство и на тие луѓе ако претходно биле со решенија кај Иванов, а во меѓувреме не им дале други решенија за нов работен ангажман, треба да им дадат решенија. Претседателот не дава решенија за работен ангажман. А тоа дека треба да работат кај мене, нека им дадат решенија за кај мене, нема проблем, ќе го прифатам тоа, тие се надлежни, ама тие (МВР) треба да им дадат такво решение.

А, не да викаат одете кај претседателот на капија и барајте решенија зашто старите решенија ви биле за тоа. Зошто во меѓувреме не им дале решение воопшто не ме интересира, поранешниот министер или раководство, сегашниот министер… не смееме да се однесуваме на детски начин кон сериозни работи. Вие ќе си ги решите тие работи внатре и ќе истапите и кон мене и другите институции на сериозен начин како институција со институција, а не дали некој бил од ВМРО или од СДСМ. Деновиве тие треба да добијат решенија за конкретен работен ангажман некаде низ структурите на МВР.

Новинар: „Лице в лице со Претседателот”, имате многу средби со граѓани, ранливи групи… низ Македонија. Доаѓаат и во Вила Водно. Што Ви кажуваат, што им е најголемиот проблем, што ги мачи најмногу, што им треба најмногу?

ПРСМ Пендаровски: Како област нивните најголеми проблеми се во економската и социјалната сфера. Тешко се живее, нема работа, мала плата, односот на работодавците кон нив итн. А во однос на перспективите на државата, ова постојано седење и чекање во транзиција, неизвесноста каква ќе биде иднината на државата.

Кажувајќи го ова, некои ме прашуваат зошто ги примаш кога немаш никаква надлежност. Една од причините зошто доаѓаат кај мене е тоа што надлежните институции не ги примиле и не им ги решиле нивните проблеми. Кога доаѓаат кај мене, никој не ми рекол „ти не си го решил прашањето, чекам да го решиш”. Знаат дека не е за кај претседателот, ама бараат барем некој да ги прими и да покаже дека има некаква емпатија како човек кон човек и ве уверувам дека, немам надлежности, не ги решавам тие проблеми, ама најголемиот дел од нив велат благодарам што нè примивте, барем со збор нè пречекавте како луѓе, нè удостоивте како граѓани, и тоа ми е најбитно. И јас ќе продолжам да го правам тоа независно од критиките.

Мислам дека во 21 век политичарите не смеат да бидат изолирана елита или каста што ќе ја гледаш само на телевизија или дури ќе чекаш да ти закаже прием по три месеци. Замислете во една мала држава, во која секој секого го познава, јас да изигрувам величина и да речам следните два месеца сè ми е пополнето и немам време.

Новинар: Кога зборувате за ингеренциите на претседателот, би менувале ли Вие нешто во однос на ингеренциите и околу изборот – на избори или во Собрание?

Сум работел со двајца претседатели и тенденцијата секогаш е кога си на некоја позиција, сакаш да имаш повеќе овластувања, а кога си надвор, велиш многу има, треба да му се земе. Бидејќи сум актуелен претседател не би заземал позиција по тоа прашање, освен што би кажал, што ми припаѓа по Устав и закон сега ниту барам да ми дадат повеќе, ниту барам да ми земат. По завршувањето на мандатот ќе ви кажам што мислам за улогата на претседателот во нашиот политички систем.

За изборот, пак, мислам дека е направен добар баланс. Претседател избиран на директни избори има шанса, дали ќе ја искористи зависи од него, да биде многу понезависен во однос на сите други политички фактори во државата. Ако те избираат во Собрание со меѓупартиски договор, на ист начин можат истото попладне да те сменат ако не играш по нивни ноти. Тврдам, секое компаративно искуство ќе покаже и на Балканот и во Европа и во светот дека претседателите што имаат добиено директен мандат од народот имаат шанса да бидат посамостојни и да тераат посамостојна политика како претседател од оние што се избирани со меѓупартиски договор во парламентите.

Новинар: Жана П. Божиновска

 Фото: Роберт Атанасовски

Сподели: