Виталните институции на оваа држава не функционираат и не ги сервисираат граѓаните и не ги сузбиваат криминалот и корупцијата на она ниво кое е неопходно за да кажеме дефинитивно дека сме зрела демократија, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик

“Имаме долги децении зад нас, не години, во кои многу институции, вклучително и политичките, не реагираа така како што требаше да реагираат и затоа сме во оваа ситуација во која сме. Едноставно, граѓаните сметаат дека институциите кои се платени од нивни пари, не си ја вршат својата работа. Повторувам, не зборувам само за судско-обвинителскиот комплекс, туку генерално, виталните институции на оваа држава не функционираат и не ги сервисираат граѓаните и не ги сузбиваат криминалот и корупцијата на она ниво кое е неопходно за да кажеме дефинитивно дека сме зрела демократија, вели Стево Пендаровски, Претседател на Северна Македонија, за Гласот на Америка на македонски.

Глас на Америка: Претседателе, пред 3 дена рековте поточно побаравте забрзување на истрагата за случајот „Рекет“, поднесување обвиненија ако за тоа има докази. Дали последните настани, мислам пред сé на повикување на надлежни обвинители од СЈО да дадат исказ во Обвинителството за органиризиран криминал, ви даваат надеж или простор повеќе дека ќе има скорешно решение на оваа корупциска афера?

ПРСМ Пендаровски: Сега да бидеме реални. Има само 3 дена од мојата прес-конференција на која повикав на побрза истрага и, се разбира,притоа не влијаев на истрагата, само побарав тоа што најголемиот дел на граѓаните го бараат, го очекуваат од сите државни институции, конечно после долги години да работат ефикасно и брзо и темелно. Значи, само 3 дена од таа изјава се прекус временски период за да може да кажеме дека работите се придвижуваат во позитивна насока на супстанцијален начин, на битно различен начин од досегашниот. Јас не би брзал со проценките дали тоа значи квалитативно, ново, побрзо, потемелно водење на истрагите или на постапувањето на надлежните органи затоа што, знаете дека имаме долги децении зад нас во кои не само тој сегмент од општеството кој е многу битен, туку и многу други вклучително и политичките институции, се разбира,не реагираа онака како што треба и затоа сме во оваа ситуација во која сме. Значи, едноставно граѓаните сметаат дека институциите кои се платени од нивни пари не си ја вршат својата работа. Значи, повторувам, не зборувам само за судско-обвинителскиот комплекс, туку генерално виталните институции на оваа држава не функционираат и не ги сервисираат граѓаните и не го сузбиваат криминалот и корупцијата на она ниво кое е неопходно за да кажеме дефинитивно дека сме зрела демократија, а не само демократија во транзиција.

Глас на Америка: Изјавивте дека оваа афера зафаќа повеќе слоеви од општеството. Споменавте и политичка одговорност. Дали тоа значи дека, според вас, вакво нешто не можело да се случи без знаење или одобрување на одредени политички кругови во државата?

ПРСМ Пендаровски: Тоа треба да го покаже истрагата. Ние знаеме дека имаше порано случаи, аферата ТАТ од ’97 година, една од најкрупните, од сличен профил, иако не знаеме, таа заврши и судски дефинитивно, за оваа не знаеме како ќе заврши. Значи, не ги знаеме сите димензии од аферата меѓутоа во тоа време исто така имаше забелешки дека, наводно, некои политички актери се позади таа афера, или знаеле или толерирале, дури се спомнуваа и некои кругови во Народна банка во тоа време, меѓутоа на крајот сите паметиме дека сé се заврши само на Соња Николовска која беше сопственик на таа пирамидална штедилница. Сега има само индиции за таа работа, меѓутоа би било непримерено и би било многу некоректно и како претседател и како граѓанин во државата да прејудицирам и да кажам, да, има секако политичка инволвираност. Почетните индикатори кои спомнуваат имиња и од политичките кругови односно слоеви како велам во таа изјава, и не само од политичките кругови туку и од бизнис круговите би морале да бидат навистина брзо и темелно истражени од надлежните органи за да не остане впечаток како што остана впечатокот ’97.година дека, наводно, крупните риби избегнаа одговорност и настрадаа само ситните. И, конечно, не се знае и ден денеска,каде сите тие силни пари отидоа. Во тоа време аферата ТАТ беше проценета на над 100 милиони германски марки.

Глас на Америка: Наредба за форензичко бришење на компјутери во СЈО, изгубен, па пронајден мобилен телефон-избришан. Нели е ова некој начин на влијание врз истрага? Впечатокот на јавноста е дека, иако јавноста нема доволни информации за целиот случај,како некој да пробува некого да заштити.

ПРСМ Пендаровски: Повторно не можам да влезам во шпекулации, меѓутоа,спомнав за еден интересен збор околу мешањето во истрагите. Јас сакам тука да се реферирам на она што мене ми беше забележано. Инаку, преку соопштение на Јавното обвинителство околу некакво, наводно, мешање. Мешање во работата на судовите и на обвинителите е можно ако вие повикате судија или обвинител или му пуштите човек да му пренесе дека треба на одреден начин да го реши тој случај. Со политичка изјава од било кого вклучително и од претседателот на државата, вие не се мешате во работата на обвинителството. Постојат неколку, јас ги нарекувам митови кои нé следат со децении, на пример,еден од нив е дека не смее да се коментираат одлуките на Уставниот суд. Замислете, не постои ниту една законска одредба која тоа го забранува изречно, не постои ниту еден Устав во светот кој во себе си содржи одредби кои велат она што овде го пишува не смеете да го коментирате. Ако содржината на Библијата или на Куранот може да се коментира зашто не би можеле да се коментираат одлуките на Уставниот суд? Во сличен манир некои делови од нашиот судско-обвинителен систем мислат дека не смее воопшто да се спомене нивното име или нивната институција затоа што тоа по дефиниција било мешање. Не е мешање ако велите, цитирам она што го кажав пред 3 дена: „Барам брза, ефикасна, темелна истрага!“ Какво мешање, каде е мешањето? Во што е мешањето? Меѓутоа, ова што вие го прашувате за тој тип на мешање јас би го нарекол овозможување доволно долг временски период некој нешто да направи или да уништи докази, такви сомнежи постојат во јавноста. Јас во понеделникот на прес-конференцијата само го сублимирав тоа што граѓаните на Република Северна Македонија го кажуваат подолг временски период. Дајте да не оставиме простор дека некој навистина тука овозможува на некој друг да направи нешто во врска со тој случај бидејќи тврдам, од реакцијата на државата, не на поединци, на претседател, суд, обвинител, премиер, министер, од реакцијата на Република Северна Македонија во целина во многу ќе зависи проценката на членките на Европската унија наесен кога ќе го разгледуваат нашето барање за отварање на пристапни преговори.

Глас на Америка: За тоа нешто подоцна ќе ве прашам. Повторно за „Рекет“. Телефонските разговори на кои го слушаме гласот на шефицата на СЈО даваат простор за повеќе од тоа, како што вие рековте,разочараност од работата на Катица Јанева, не само кај вас, претпоставувам кај целата јавност.

ПРСМ Пендаровски: Јас ќе останам на изјавите кои ги дадов во понеделникот. Разочаран сум затоа што мислам дека првичната реакција на надлежните органи, да не именуваме сега еден, друг или трет,поединец кој работел во тие институции, реакцијата беше почнавме нешто да работиме, тоа е генералната перцепција, јас други информации немам ниту побарувам од оваа позиција ниту смеам да барам како претседател кажете ми до кај сте стигнати во истрагата, тоа би било мешање, меѓутоа генералната перцепција кај најширокото граѓанство беше дека почнаа некои работи во овој мега-случај сам по себе и после тоа што се случи, земаа колективен одмор. Јас тврдам дека колективен одмор се зема само во редовни ситуации, ова не е редовна ситуација и притоа не навредив никого и притоа не сакам да кажам дека вие сте пуштиле некои луѓе од пониските слоеви на тој случај да бидат испрашувани, а не ги прашувате главните. Невозможно е главните актери претпоставени во оваа драма, во однос на правната држава, невозможно е да тераат годишни одмори независно дали се претпоставено обвинети или се обвинители и притоа да кажувате дека ние работата не ја третираме како редовно, како вонредно. Вие, државата, ние сите, „Рекет“ до пред некој ден го третиравме како да е рутински редовен дневен случај, а тој тоа не е.

Глас на Америка: Дали овој случај може да влијае или веќе влијае на политичката стабилност на државата. Имавме изјава на премиерот во којашто то се реферира на хомосексуалци, суетни новинари и криминалци, дека нема да дозволи тие да му ја урнат државата.

ПРСМ Пендаровски: Добро, да ја искоментирам прво изјавата на премиерот. Мислам дека еснафските здруженија на новинари дадоа најдобра квалификација. Станува збор за навистина непримерена изјава која користи речник кој може да навреди цели категории наши граѓани и во таа смисла мислам дека е добро што премиерот уште истиот ден се извини на оние кои се почувствувале евентуално навредени од тие негови зборови и во тој дел би сакал, ако ми дозволите,да кажам уште неколку збора. Сите ние, сите граѓани на нашата земја изминативе неколку години се навистина,живееме во едно турбулентно политичко време. Ако смеам да компарирам, јас мислам дека само во првата половина од 2015 година сите ние како држава, како граѓани бевме во едно такво политичко време во кое дневно се менуваа настаните, во кое еден настан престигнува друг, луѓето не знаеја, слушаа многу информации, не знаеја што се случува во државата и од сета таа гужва, знаете после тоа беа Пржински договори, технички влади и предвремени избори итн. Сега ова според темпото, кога еден настан престигнува друг е сличен, значи имаме динамична политичка ситуација внатрешна и тоа прави притисок и врз нас политичарите. Меѓутоа, јас постојано велам, ние повторно притиснати од тој огромен товар на јавна одговорност, ние повторно немаме иста одговорност како сите други граѓани, ние мораме да имаме поголема одговорност и ние мораме да бидеме мониторирани 24/7 од граѓаните, од новинарите, од јавноста. И мене некојпат тоа не ми е право. И мене низ годините, јас сум над 20 години во јавноста присутен во медиумите, и мене ми се случувало некој збор некојпат да ми избега и ми било криво кога ме критикувале за таа реченица, фраза, теза. Меѓутоа, така требало да биде. Така се станува сериозна демократија и никој од нас не треба и вклучително и од мене тргнувам,не треба да биде нервозен или не треба да биде лут што јавноста така нé перцепира. Ние сме платени од парите на граѓаните и ние мораме да испорачаме за тие пари. Нашите плати се од нивните даноци и ние мораме, ние сме тука дојдени со нивна доверба да работиме во нивен интерес. Значи тргнувам од себе си и со тоа не сакам да кажам дека ако е турбулентно политичкото време, политичкиот притисок е огромен, а е огромен врз нас првите функционери во државата, дека тоа е некакво оправдување, не е оправдување. Јас и од сега и натаму не барам и за себе лично оправдување од никого и од јавноста најмалку и од граѓаните. Просто јас немам право на грешка.

Глас на Америка: Актуелната владеачка постава која застана зад вашата кандидатура дојде на власт на бранот на незадоволство кај граѓаните од тоа дека Македонија беше изолирана затоа што правото не владееше. Меѓутоа последните случувања, пред сé мислам на „Рекет“, даваат впечаток дека независно од тоа кој е на власт, дека правната држава како термин е тешко достижна за Северна Македонија.

ПРСМ Пендаровски: Тоа ќе биде најтешката квалификација ако сите се согласиме дека е така-дека правната држава е недостижна за нас. Инаку, да бидеме искрени. Независно од тоа што се случува сега последниве недели во врска со овој случај,не може никој да го пренебрегне фактот, не може никој да го тргне на страна фактот кога ги споредуваме тие ситуации од пред десетина или седум, осум, пет години и оваа сега, дека е неспорен крупниот демократски исчекор кој го направивме како држава во сите сегменти: од новинарството, од судството во кое објективно вие немате системски, немате системски политички притисок каков што имавме, ние до овој момент, не знам што ќе излезе во оваа последнава ситуација со „Рекет“, меѓутоа ние до овој момент немаме случај докажан па дури ни на ниво на индиции дека некој висок функционер во државава, премиер, претседател, министер директно наредува судска пресуда или казна затвор. До овој момент ние немаме ниту еден, барем јас не сум видел дека има индикатори за вакво нешто, ниту има политички затвореници до овој момент немаме и јас се надевам дека нема да имаме новинар во затвор не затоа што правел криминал, туку затоа што напишал текст, изрекол збор, изрекол квалификација за некој настан. Значи тоа е неспоредливо во сите сегменти дека оваа држава во изминативе 3,4 години драстично се трансформираше на подобро. Меѓутоа, јас се согласувам со вашата перцепција дека постепено почнуваат луѓето и така да размислуваат. Ние ве избравме на бранот на борбата против корупција и криминал, масовно прислушување на граѓани и тоа го немаме сега, ако се прашувам јас, во наредните 3,4 години нема да го има, јас не би можел тоа да го замислам, а не да го одобрам итн. Значи, неспорни се демократските придобивки и исчекори во меѓувреме, но се согласувам дека демократијата не е еднаш засекогаш добиена. Ако ние сме сега подемократска држава, а неспорно сме во однос на 2015 или 2016 година, тоа не значи дека ние сега треба да земеме колективен одмор и да кажеме ги завршивме главните работи и оттука натаму немаме како да ја подобруваме нашата демократија. Имаме. Овие случаи кои излегуваат одвреме-навреме се одличен сигнал за надлежните институции, не за граѓаните, оставете ги тие, тие чекаат од нас да си ја сработиме нашата работа. Надлежните институции конечно на вистински начин, брзо и темелно да ги процесуираат сите тие информации.

Глас на Америка: Во која мера „Рекет“ ќе се ефектуира и дали ќе се ефектуира на евроинтеграцискиот процес? Во јуни објаснувањето беше дека датум не добивме поради технички причини, не можеше навреме сé да се стигне во националните парламенти. Меѓутоа, дали сега во октомври евентуалното одбивање би можело да биде од суштинска причина?

ПРСМ Пендаровски: Јас во понеделникот реков, па и до овој момент, еве 3 дена подоцна, јас немам како претседател добиено ниту една информација, ниту некаква назнака дека некој во главните градови на земјите членки на Европската унија се премислува. Но, тоа не значи дека нема да се премисли ако државата остане инертна и ако државата не ги процесуира овие случаи или можеби други кои во иднина би се појавиле. Веќе имате во оваа насока,во овој контекст во кој прашувате, веќе имате изјава на амбасадор тука во Скопје на битна членка на Европската унија која долги години наназад има став дека државата прво, се извинувам, Европската унија прво треба да се продлабочи или внатрешно да се реформира па дури потоа да почне да разговара за примање на нови земји членки во својот состав и јас не би го отфрлил тоа туку така. Значи, ако, повторувам, во однос на „Рекет“ случајот, во однос на некои други кои може да се појават до октомври кога ја очекуваме одлуката за отворање на преговори од страна на Европската унија во целина со новите органи и тела, новата Европска комисија и новиот Европски совет во октомври, имаме сосема доволно време да покажеме дека сме правна држава, дека знаеме на вистински начин да реагираме. Ако не реагираме, не исклучувам, до овој момент немам информација,но не исклучувам дека некаде во некоја од тие земји членки кои се и така и така скептични према проширувањето посебно проширувањето кон балканските држави,дека може да се појават и суштински забелешки. Ние можеме потоа  до утре да ламентираме, дакажеме дека тоа е направено затоа што во суштина тие не сакале да нé примат нас, меѓутоа тие во меѓувреме може да добијат и аргументи за тој свој стар став.

Глас на Америка: 21 земја членка на НАТО го ратификуваа пристапниот Протокол за Северна Македонија. Споменавте дека можеби од технички причини со една земја членка како што е Шпанија може да не има формирано влада, Македонија да не добие покана за полноправно членство на декемврискиот самит на Алијансата во Лондон. Меѓутоа дали, не зборувам сега само за „Рекет“ конкретно, туку за целата внатрешна ситуација на земјата, може да предомисли некои земји да бидат повоздржани во брзината со која се ратификува овој пристапен протокол и тоа да го одложат за понатаму, да кажеме сéуште не е ратификуван протоколот во Соединетите Американски Држави којашто е клучна НАТО членка и клучен сојузник на Северна Македонија.

ПРСМ Пендаровски: Добро, во однос на САД јас мислам дека имаме прилично цврсти гаранции дека по враќањето од нивните колективни договори дека Сенатот тоа ќе го направи со огромно мнозинство. Во овие осум држави накусо, во две од тие осум држави процедурата е во влада, во останатие шест во парламентите, во овој случај во Сенатот и Конгресот, меѓутоа од ниту една од овие преостанати осум држави членки на НАТО немаме никаков податок, дури мислам дека тука дури и оние полуинформации или индиции се многу поцврсти отколку во однос на Европската унија, во однос на нивната одлука во октомври дека никој нема да се премисли. Мислам дека е јасно. Прашањето за влез во НАТО е повеќе геостратешко, геополитичко прашање. Не е прашање дали вие ќе имате како нова земја членка толку и толку нови гласови па ќе им се мешате на овие поголемите или стариве членки во Европската унија што е калкулација секојпат кога се зборува за Европската унија, во НАТО пред сé станува збор за безбедност во таа поширока евроатланска зона како ја нарекуваат и во отстранување, како што тие велат, во овие 3,4 години на нивните самити, во нивните завршни декларации, отстранување на екстра регионалните влијанија, некои ги нарекуваат и малигни врз нивните држави. Од тој аспект мислам дека нема да има премислување кај НАТО членките, меѓутоа Европската унија е сосема друга работа.

Глас на Америка: Околу договорите со Бугарија и со Грција. По првичната еуфорија на површина  веќе излегуваат проблемите од практичното имплементирање на тие договори конкретно Бугарија, гледаме се инсистира на затварање на сериозни прашања на еден, би рекол,асиметричен начин. Тоа го видовме последниот пат. Слично нешто можеби се случува и со Грција чијшто претседател на комисијата за учебници вели дека се затворени некои прашања во корист на Грција. Впечатокот е дека договорите може не ни биле соодветни на еднаква основа формирани.

ПРСМ Пендаровски: Добро, ние знаеме дека спорот со Грција беше асиметричен од самиот почеток, од самото негово зачнување. Тие бараа да го промениме нашето уставно име, ние не баравме тие да го променат нивното уставно име. И внатре во договорот е јасно конкретизирано, прецизирано кој што треба да направи и јасно е дека Грците во тој договор, Преспанскиот, кој според мене е одлично политички и стратешки балансиран, одлично балансиран за двете страни, јасно е дека ние имаме повеќе обврски внатре отколку што ги имаат Грците. Инаку, во однос на оваа комисија што ја спомнавте, македонско-грчката комисија во однос на некои прашања особено во однос на трговските марки за извоз на продукти мислам дека во тој дел ние сме потполно во симетрична позиција во однос на ова што го имаме сега како ново уставно име. Значи,тука не би гледал некој посебен проблем. Инаку, објективно најтешките делови од Преспанскиот договор ние веќе ги имплементиравме, значи промената на името и внатре и во сите меѓународни организации и во тој дел навистина не гледам дека таа комисија со Грција која има рок од 3 години да го реши тоа прашање, не гледам дека може тоа да нé закочи, па дури и во однос на Европската унија. Објективно тука нема крупни несогласувања или не би можело да има крупни несогласувања. Меѓутоа во однос на Бугарија несогласувањата за многумина неочекувано се јавија и се поголеми по моја проценка, бидејќи вашата квалификација е точна. Бугарија се обидува на еден крајно асиметричен начин да го реши 19-от, 20-от век со една фразена формулација која јас би ја нарекол дека, не зборуваме за споделена историја, туку само за наша историја. Значи, договорот со Бугарија прави комисија од историчари на паритетна основа кои треба да ги разгледаат историските настани, случаи и личности кои се споделени меѓу двете држави и меѓу двата народа. Конкретниов случај кој излезе во јавноста со Гоце Делчев. Значи вие нема да го решите проблемот ако кажете или еве ако ние случајно се согласиме дека Гоце Делчев бил Бугарин и се борел исклучиво за бугарската кауза. Ако ние не кажеме што е неспорен историски факт, а тоа е дека Гоце Делчев се борел не за Бугарија, туку се борел за Македонија и за македонска самостојна држава,ние во тој случај не сме го решиле проблемот. Во тој дел јас гледам дека комисијата составена од историчари нема прогрес во својата работа во изминативе неколку месеци заради тоа што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап во работата на комисијата. Јас на последната средба со премиерот Борисов овде во Скопје на која зачудувачки беше и претседателот на бугарскиот дел на историската комисија, јас јасно му дадов до знаење дека таа комисија не смее да има дедлајн, не смее да има краен рок бидејќи вие не можете, па таман и со најдобра намера и најдобрите историчари да ги земете и странци и наши и нивни,вие не можете за 2 недели или за 2 месеци да решите 2 века и тоа да го решите на таков начин каков што тие или вие сакате. Јас се надевам дека тука ќе преовлада разумот и дека нема да има политички притисоци кои неспорно доаѓаат од Софија многу во изминатиот период врз работата на таа комисија и дека следната сесија на комисијата која веќе е закажана за во септември ќе донесе добри резултати. Инаку, ако ме прашувате за Европската унија не мислам воопшто дека Бугарија ќе нé блокира за отворање на разговорите наесен, Бугарија е дел од тие 13 земји членки кои потпишаа заедничка декларација и јавно ја објавија во која велат дека се бара побрзо отварање на пристапните преговори на Европската унија за нас,меѓутоа перспективно, ние можеме да имаме, додека разговараме со Европската унија, поголеми проблеми во овој дел, бидејќи моето чувство е дека во соседна Бугарија е направена една генерална перцепција, не само кај поединци во влада или во опозиција или во медиуми, генерална перцепција дека сега е моментот да нагазиме и нашиот сосед кој сака да влезе во Европската унија и да почне преговори сега да ги решиме тие прашања на наш начин и понатаму да немаме проблеми, дури има и јавни изјави во таа насока од бугарски политичари кои велат дека треба да направиме, тие да направат како што направија Грците, сакате да влезете таму и таму, мора да го решите спорот со името, инаку потоа нема да имаме ниту една следна прилика тоа да го направиме.

Сподели: