За време на посетата на Париз и учеството на Парискиот мировен форум, претседателот Стево Пендаровски имаше разговор со Ле Монд за актуелните прашања за европската интеграција на Северна Македонија. 

Во Париз, претседателот на Северна Македонија очекува гест од Макрон за влез во ЕУ

Нешто помалку од еден месец откако Емануел Макрон стави вето за отпочнување на пристапните преговори помеѓу ЕУ и неговата земја, Стево Пендаровски вели дека е подготвен за „вистински промени“.

Сèуште исполнет со надеж дека Европската Унија (ЕУ) сепак ќе ѝ подаде рака на неговата мала земја, убеден дека има цврсти аргументи, Стево Пендаровски ја тргна настрана разочараноста и ја прифати „честа“ што му ја укажа Франција преку испратената покана. Денес, на 11 ноември, нешто помалку од еден месец откако Емануел Макрон предизвика вчудовиденост со ставањето вето за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија (како и со Албанија), социјалдемократскиот претседател на оваа мала балканска земја треба да се сретне со шефот на француската држава на вечера, а утре и на директна средба на маргините на Мировниот форум.

„Навистина се чувствува горчина кај населението. Но, тоа не беше одлука на Емануел Макрон, туку на на Европскиот совет“ вели Пендаровски во интервјуто за весникот Ле Монд (Le Monde).

Избран во мај, 56-годишниот шеф на државата признава дека веста предизвикала „шок“ во земјата. За да добие влез и да стави крај на дваесет и седумгодишниот спор со грчкиот сосед, државата дури прифати и да го промени името и да не биде повеќе нарекувана Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ). „Сите беа уверени дека ќе имаме привилегирани преговори. Ние направивме нешто што никој друг не го сторил во историјата на модерната дипломатија. Но, дури ни тоа не беше доволно“, жали претседателот.

Неразбирање и лутина

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, го нарече „историска грешка“ француското „не“ што воедно беше поддржано од Холандија и Данска. Истото предизвика многу емоции особено поради тоа што според Северна Македонија, но и други земји членки, земјата што брои 2 милиони жители, ги исполни сите потребни критериуми.

Но, се чини дека на местото на неразбирањето помешано со лутина, сега настапува прагматизмот. Пендаровски смета дека одлуката на францускиот претседател далеку од тоа да претставува навреда за неговата земја, таа е пред сè, критика за функционирањето на Европа и за процесот за интеграција на нови земји членки што се смета за многу строг и бирократски. „Г. Макрон ја критикуваше оваа методологија и тој е потполно во право“, вели шефот на државата.

Франција повторува дека e потребно продлабочување на ЕУ пред да се прејде на проширување. Во таа смисла, Франција се залага за воведување на принцип на реверзибилност при што кандидатите би биле обврзани повторно да работат на реформите што не биле задоволителни. „Ние ја поддржуваме таа идеја“, уверува Пендаровски наведувајќи дека процесот на пристапување „навистина го трансформира општеството“ за приближување кон стандардите на земјите основачи. „Ние не ги вложуваме сите овие напори за да им се допаднеме на бирократите во Брисел, туку за доброто на нашиот народ“, потсетува тој. „Јас имам 56 години и половина од животот го поминав во авторитарна држава, во поранешна Југославија. Во периодот од 2006 до 2016 година, повторно бевме потчинети на авторитарен режим, во Владата на Груевски“, продолжува тој спомнувајќи го поранешниот премиер Никола Груевски кој е осуден на две години затворска казна поради злоупотреба на службената должност и кој денес е во бегство во Унгарија.

„Да се водат двата процеса паралелно“

„Јас не сакам мојата земја повторно да поминува низ истото. Токму затоа и ние сакаме вистински, а не козметички промени“, вели тој. Посочува и дека „историјата ни покажува дека најфундаменталните реформи се воделе секогаш под надзор на Европската Унија. Пред 1991 година, ние не бевме демократија. За нас е исклучително важно да имаме надворешен оценувач за темите како, слобода на печатот, демократските вредности…“

Сепак, времето минува, а Пендаровски знае дека внатрешната реформа на ЕУ ќе трае повеќе години. Исто како и процесот на пристапување на Северна Македонија. „Ние можеме да ги водиме двата процеса паралелно“, предлага тој. „Ние не бараме итно започнување на пристапните преговори“ вели тој. Меѓутоа, тој очекува некаков гест во пресрет на предвремените избори, свикани за април 2020 година. „Сакам да зборувам за агенда со г. Макрон.“ „Балканот е простор на геополитички игри“, заклучува тој истакнувајќи дека во отсуство на перспектива за пристапување во НАТО и во ЕУ, други сили би можеле да бидат заинтересирани за „пополнување на празнината“ во регионот.

Текстот во оригинал на француски јазик е достапен на 
Сподели: