Новинар: Добровечер. Вечерва во „Топ Тема“ гостин е претседателот на државата, Стево Пендаровски. Добровечер.

ПРСМ Пендаровски: Добровечер.

Новинар: Добродојдовте во студиото на Телма.

ПРСМ Пендаровски: Добро ве најдов.

Новинар: Прв пат откако стапивте на функцијата претседател на државата. Веќе стигнуваат некои првични, да речам, оценки и анализи дека делувате стабилизирачки, прецизно ги адресирате главните проблеми, иако некој ќе рече можеби е рано да се оценува вашата работа, иако сте прилично активни. Сепак, можам да забележам дека не изостануваат критики, што веројатно е добар сигнал, или барем не толку многу. Но најважно, и сеуште свежо во овој момент, по ова големо разочарување од недобивањето на датум за преговори со Европската унија, е вашата средба со францускиот претседател Емануел Макрон, која се случи завчера во Париз. Дали на оваа средба во четири очи добивте некаков сигнал од францускиот претседател дека Македонија ќе добие и ќе почне преговори со Европската унија?

ПРСМ Пендаровски: Добровечер уште еднаш. Не добив сигнал дека ќе почне преговори сигурно. Значи, не добив гаранција дека ќе добие позитивна одлука на пролет. Добив еден вид гаранција дека методологијата ја прават и ќе биде брзо готова. Се разбира, тоа зависи и од другите земји членки. Меѓутоа, ми најави дека крајниот рок според него треба да биде максимум март, за да биде усвоена. Тука има многу финеси, бидејќи методологијата треба да биде нешто сосема ново, а кога преговарате нешто сосема ново во Европската унија, со толку многу земји членки, тоа е секој пат проблем. Можеме да се вратиме на тоа, меѓутоа можно е промената на методологијата да ги засегне дури и базичните европски договори, со кои е направена Европската унија и според кои функционира. Ако е тоа така, тогаш ќе земе уште повеќе време. Меѓутоа, тој ми рече во тој дел – крајниот рок кој јас си го поставувам себе си и на целата Европска унија е март. Добивме гаранции дека политичка одлука нема да има подоцна од мај, од самитот на Европската унија во Загреб. Закажан е веќе за 6-ти мај. И добивме гаранција дека секако доаѓа во првите шест месеци од 2020.

Новинар: Што значи тоа, каква одлука ќе добиеме во мај?

ПРСМ Пендаровски: Прво во март чекаме да ја видиме методологијата усвоена од земјите членки.

Новинар: Тука, мора да ве прекинам. Вчера германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека не виделе таков документ.

ПРСМ Пендаровски: До овој момент, тоа циркулира како нон-пејпер. По нашите информации, тоа го имаат видено само неколку земји членки засега. Не би сакал да ги набројувам, за да не ги навредам другите. Тоа е нивна внатрешна европска работа. Дури потоа, откако ќе добијат инпут или повратна информација од овие кои се сега контактирани и консултирани, а генерално кажано станува збор за земјите кои имаат забелешки за процесот на проширување и наназад неколку години, ги знаеме, не би сакал да ги кажувам јас, дури потоа ќе биде циркулирано до останатите земји членки, и потоа се влегува во процедура каква што пропишува Европската унија, во која на официјални седници ќе се разговара за методологијата.

Новинар: Кој ви е генералниот впечаток од средбата, колку траеше средбата? Опозицијата вели дека била многу куса, неколку минути.

ПРСМ Пендаровски: Да ги чув тие коментари и на дел од социјалните мрежи. Средбата траеше 20 минути. За оние кои не разбираат меѓународна политика, на меѓународни форуми од овој формат – 30 шефови на држави и над 100-тина министри од многу земји во светот, средбите се куси и бидејќи имате набиена агенда не може да бидат подолги. Еве за споредба, мојата средба со Лавров беше 20 минути, мојата средба со кинескиот потпретседател беше 25 минути со се превод и мојата средба со австриската премиерка беше 12 минути. Толку имавме време и ние и тие, затоа што имаше серија други митинзи. Сега јас претпоставувам дека од овие кои многу разбираат меѓународна политика, можат да имаат средба со Макрон по 4-5 саати, на која ќе зборуваат за македонските и балканските работи, меѓутоа јас толку можев – 20 минути, колку што беше најавено претходно. Да се вратам на вашето прашање, генерално ми остави впечаток на нетрадиционален, нестандарден политичар. Тој и во политичка смисла, неговото движење „Ен Марш“ го направи дури откога излезе од Владата на Оланд. Значи не го следеше традиционалниот начин од локално ниво, па на централно ниво. Значи неговата партија е млада, тој има локални избори следната година и тој нема ниту еден градоначалник во моментов, значи нема локална инфраструктура неговото движење. Нестандарден е, директен е, прилично е интелигентен и не употребува дипломатски фрази, заморни кои можат да ве однесат на друга страна и на крај да прашате што беше воопшто муабетот, што беше суштината. На самиот почеток на разговорот ми рече дека, вели сакам да зборуваме само за ЕУ проширувањето, ако се согласувате, сега јас ќе ви кажам која е мојата позиција и сакам да ги чујам вашите размислувања за мојата позиција. И на крајот на разговорот што е невообичаено на такво високо дипломатско ниво, бидејќи неспорно се работи за еден од петте највлијателни лидери во светот во моментов, ми вели, сега да ви кажам на што можам да се обврзам, на што не можам да се обврзам.

Новинар: На што се обврза?

ПРСМ Пендаровски: Се обврза во делот на методологијата, во делот на одлуката политичка која ќе следи по методологијата и се обврза да дојде во нашата земја и да им објасни, така рече – сакам јас да им објаснам на вашите граѓани која е мојата позиција, бидејќи во меѓувреме, после 18-ти октомври и Советот на ЕУ, вели многу негативни извештаи имаше за позицијата на Франција и за моите видувања за проширувањето. Голем дел од тоа не беа точни, видувања, коментари, анализи. Јас немам намера да ви нудам алтернативно членство или алтернатива на членството. Имам намера да го подобрам процесот, за да не бидете само формално бирократски да влезете во Европската унија и на крајот да добиеме негативни тенденции во виталните области како што имаме, не само кај земји кои преговараат, туку и кај земји кои се стари веќе, земји членки на Унијата.

Новинар: Она што збунува после вашата средба, рековте дека ве уверувал оти причината за неговото вето не е состојбата со реформите во државата. Од друга страна неговиот амбасадор во Македонија, Тимоние, веднаш после одлуката ни кажа дека тоа се должи само заради недостаток на потребните реформи, посочувајќи ги, се разбира, судството… Како ја објаснувате, нели е тоа во спротивност…

ПРСМ Пендаровски: Не можам да го објаснам, можам да ви кажам само што беше разговорот со претседателот Макрон. Инаку јас имам редовни средби со францускиот амбасадор, ги следам неговите јавни изјави, неговите јавни настапи. Меѓутоа ви кажувам што се случуваше на средбата кај претседателот Макрон, дека тоа воопшто не беше споменато. Постои една фраза која Макрон ја кажува и после 18-ти октомври во Брисел, веднаш на првата прес конференција на која го образложува својот став и која мене ми ја повтори, буквално во ист облик со иста содржина, со исти зборови. Вели, овој пат нам ни треба повеќе време, не вам. И во неговото последно интервју за Економист, да не заборавиме таму пишува, исто така прецизно, што било проблемот со нас. Вели Северна Македонија е мала држава, не е закана за никого. Многу направи, вклучително и промената на името и најголемиот дел земји-членки беа за почнување на преговорите. Меѓутоа неговиот став беше принцип, бил принципиелен дека и за овие што преговараат и за овие што чекаат да почнат преговори методологијата мора да биде изменета за да добиеме суштински пробив и вистински реформи, а не само козметика.

Новинар: Се појавува и сомневање дека можеби со оваа методологија, за која уште не знаеме детали, во која може да се бараат како што велите суштински промени, промени во договори, дали можеби е обид на Макрон со ова вето да купува време, за да направи промени некакви или да дојде во некоја позиција во Европската унија, за која има амбиција, а ние Македонија, Албанија, заедно сме…

ПРСМ Пендаровски: Има шпекулации во таа насока во европскиот печат, меѓу европските политичари, па и на највисоко ниво, меѓутоа јас тоа не можам да го коментирам. Можам да ви кажам неколку детали кои ги разбравме околу интенцијата за новата методологија, јас се надевам дека нема да бидам здодевен за вашите гледачи, бидејќи на моменти ќе се служам со бирократски изрази кои ги обожаваат, за жал или за среќа, во Брисел. Освен мојата средба со францускиот претседател, на нивно барање имавме средба, мои три клучни советници имаа средба со неговите советници во Елисејската палата, наредниот ден, на која беа разработувани детали, тие прашуваа ние одговаравме, тие бараа проценки за некои регионални состојби, не само за кај нас, и на која стана збор и за методологијата. Значи начелно сега, најгенерално да кажам за оние кои не се упатени, постојат 35 поглавја по кои се преговара, тоа е усвојување на европското acquis како го нарекуваат, низ 35 поглавја. Идејата на Франција е да го намали бројот на поглавјата преку тоа што ќе ги групира тие 35 поглавја во 8 или 9, првично е така замислено, кластери. Значи група на области во кои ќе се преговара. Откако успешно ќе испреговарате еден од тие кластери, таа група на области, вие практично станувате парцијална членка, или секторска членка на Европската унија. Од тој момент имате право на структурните фондови, кои не им се достапни на кандидатите, туку само на членките, и вие од тој момент имате право да присуствувате, кога станува збор за тие области, во Брисел, како да сте полноправна членка, се разбира без право на глас, но со право на дискусија. Е сега тука се враќаме на она што е за мене голема непознаница, јас се надевам дека француската дипломатија нема да оди во таа насока, затоа што толкувањето на нашите, на моите правни експерти вели дека не постои категорија која би била наречена меѓучленство. Или си кандидат или си членка, и ти ако си членка можеш да ги користиш структурните фондови, или претходно, ако не си, ако си само кандидат, можеш да ги користиш ИПА фондовите, претпристапните фондови како ги нарекуваме. Зошто е ова битно, затоа што структурните фондови се несразмерно поголеми од овие другите. Би било добро да имаме пристап до тие, меѓутоа не знам како тие внатре, знаете тие се во суштина прилично бирократска организација, како Европска унија, и ако тие можат тоа правно да го образложат ОК, меѓутоа јас мислам дека не би требало да се оди толку далеку, бидејќи евентуалната измена на базичните европски договори може да земе години.

Новинар: Не ми одговоривте, да заокружиме тука, каква одлука во мај во Загреб можеме да добиеме, вие рековте одлука.

ПРСМ Пендаровски: Јас се надевам дека одлуката ќе биде позитивна, па не би исклучил, сега кога би шпекулирале, не врз основа на разговорот со претседателот Макрон, дека може одлуката да биде донесена и порано. Е сега ако одлуката не биде позитивно донесена за отворање на преговори, донесена во март, ако не биде значи порано донесена и во март евентуално, бидејќи Европскиот совет е закажан веќе за 26 март, четири пати годишно имаат средби на највисоко ниво, на ниво на шефови на држави и влади, ако не биде донесена тогаш одлуката, во март велам, и се чека мај, логично е дека ќе сакаат да видат и како ќе ги организираме предвремените парламентарни избори. Тоа е моја проценка.

Новинар: Во меѓувреме додека трае ова разочарување и шокот е навистина голем, очекувањата беа големи, за добивањето на датум се појавија нови иницијативи, мал Шенген, во Охрид се сретнаа тројцата претседатели од регионов и договорија некаква соработка која се темели пред се на економски план, се појави идејата за Нордискиот модел, членство во Европска економска заедница. Како Вие ги коментирате овие иницијативи?

ПРСМ Пендаровски: Искрено да Ви кажам со доза на резерва.

Новинар: Зошто?

ПРСМ Пендаровски: Затоа што јас би сакал да знам уште од почетокот, дали тоа, а кога почна беше прилично нејасно, сега после средбата со Макрон тоа е многу појасно. Тој вели…јас го прашав директно за една алтернативна форма на асоцирање која се нарекува Европска економска зона, и му викам ние не сакаме да бидеме во Европската унија само заради заедничкиот пазар, се разбира и тоа е битна компонента, ние сакаме да бидеме и заради политичките вредности, се е тоа во ред меѓутоа во Европската економска зона вие имате само заеднички европски пазар, минус земјоделие, тоа е во ред меѓутоа што правиме со другите клучни детерминанти на еден вистински демократски систем, независно судство, професионална администрација, слободни медиуми, што правиме со тоа? Ние ако сме само членки, велите како Норвешкиот модел, ЕЕА скратено, ако сме само таму ние ќе бидеме дел од заедничкиот европски пазар, а во другиот дел, што правиме во другиот дел. Јас тврдам дека не може да постои силна економија ако не постои силна демократија претходно. Историскиот развој на сите големи економии во светот тоа го покажува. Вие не можете да бидете диктатура или автократија и да имате супер економија. Значи ние мораме како предуслов да имаме правна сигурност, правна држава, владеење на правото, па да се надеваме дека тоа ќе биде предуслов, не само за инвеститорите од надвор, туку и од внатре, и генерално за граѓаните, за да можат да се посветат на повисоки стапки на економски раст од овие кои до сега ги имаме и кои знаеме дека не се доволни.

Новинар: Да, но нели ви велат што мора Париз, Брисел, Берлин да ве водат кон овие реформи, нели можете тие сами да ги спроведете и на Македонија и на другите Балкански земји?

ПРСМ Пендаровски: Јас знам, ова го повторувам неколку пати низ годините, низ многу години наназад и знам дека не им се допаѓа на некои македонски националисти, меѓутоа јас тврдам дека ако ги користите само автономните сили и ресурси кои ги имаме ние тука на овој развој на политичка култура, генерално демократски развој, ние сме само од 91ва формална демократија, ние не можеме да успееме, значи ние можеме да се развиваме и да дојдеме до некое задоволително, да речеме просечно денешно европско ниво во економски и демократски развој, ако одиме сами после 80 години, а ако одиме со помош на Европската унија, со помош на тие стари и зрели демократии можеме тоа да го направиме за многу покусо време. Јас на Макрон му го реков тој пример. Внимавајте, ние и ден денеска децата наши ги учиме на вредностите на Француската револуција. Вие тоа сте го стартувале пред 230 години. Ние да сакаме тие векови да ги премостиме ама без ваша помош, без старите демократии на западната алијанса, ние тоа не можеме да го направиме доволно брзо и доволно квалитетно .

Новинар: Да се вратам на мал Шенген, има ли несогласување меѓу Вас и премиерот Заев, околу оваа иницијатива бидејќи малку мал Шенген е изненадување за многумина, имаат и другите земји резерви, Црна Гора прва се јави бидејќи постојат и други вакви иницијативи, ЦЕФТА кој ги регулираат истите односи, Берлински процес…

ПРСМ Пендаровски: Да, значи, таа тема ја отворивме и не знам колку јавноста знае и на лидерската средба кај мене кога разговаравме околу европерспективите после негативната одлука на последниот ЕУ самит. И тука беше исто дискусија во која примерот се вклучи, и рече се разбира дека е многу претпазлив во таа насока дека нема ништо потпишано, дека допрва се препознаваат базичните елементи на тој концепт. Меѓутоа мојот дел од дискусијата беше во оваа насока. Внимавајте, она што се знае, барем во тој момент се знаеше од првичните документи понудени од српска страна, во основата на тој концепт популарно наречен мини Шенген, иако тој е повеќе, не е само Шенген. Во основата стојат 4-те таканаречени слободи, од движење на луѓе, капитал, услуги, значи она што е во основата на европската економска зона што ви ја спомнав пред малку тој така наречен норвешки модел. И ако е само тоа, а при тоа ја имаме практично мртва ЦЕФТА, која е во суштина слободна економска зона во југоисточна Европа и која претходно како така функционираше, сега од познати причини косовските такси и мерките кон Србија и санкциите кон Босна и Херцеговина во тој дел не само кон Србија, практично е на стенд бај. Ако не ја оживуваме ЦЕФТА, а одиме во овој концепт кој е многу сличен на она што тогаш циркулираше, да не бидам сега до толку отворен, меѓутоа високи европски функционери на наши делегации им велеа зошто не би размислиле ако ова е далечна иднина или не знам ако Франција или било кој од х причини не сака да ве примаме во Европската унија следните години или децении, што не би размислиле за оваа варијанта. И јас во тој дел имав резерва. И да ви кажам најотворено, кога Ѓукановиќ беше на посета кај мене јас го прашав, бидејќи станува збор неспорно за еден од најискусните политичари во целата регија и пошироко…

Новинар: Најдолго е на функција дефинитивно…

ПРСМ Пендаровски: …и многу работи поминаа за да биде таму каде што е сега, неговата држава од независноста до денес. Му велам, господине претседателе, како вам ви личи ова. Тоа беше буквално, ако не се лажам, дента кога беше првиот самит на оној таканаречен мини Шенген воНови Сад. Вели, не ги знам сите елементи, меѓутоа ако е тоа било каква компензација за полноправно членство, јас би бил резервиран према тоа. Вели ова ќе му го кажам на премиерот и му го кажал и на премиерот. Така што во делот на мини шенгенот, од она што го знам последно од Заев, се оди многу внимателно, се оди кон тргање на трговските бариери во регионот и кон олеснување на движењето на луѓе стоки, услуги и капитал, и при тоа не се чепка воопшто во она што значи некакво пошироко политичко…

Новинар: Што ќе му кажете на претседателот Вучиќ идната недела одите во Белград во официјална посета сигурно ќе стане збор и за ова, а тој се повикува на американска поддршка токму за малиот Шенген.

ПРСМ Пендаровски: Да, се повикува на изјавата на Метју Палмер, меѓутоа и некои други во меѓувреме рекоа. Сега и мене ми е полесно. Откако Макрон кажа дека ние не ви нудиме алтернатива на членство и мојата идеја никогаш не била да ви нудиме алтернатива на членство, сега можеме да разговараме помирно и за мини Шенген и за било што. Меѓутоа знаете што е проблем со тој мини Шенген во старт, тој има системски проблем, структурен проблем. Вие имате 6 држави на западниот Балкан, меѓутоа тие се 6 само за нас, со се нас, бидејќи ние ги признаваме и Косово и Србија. Вие практично не можете ни една регионална иницијатива, било која, во култура, во спорт, фудбалски мечеви кога се во прашање, да ја извлечете консеквентно, затоа што ако поканите претставник на Косово, Србите не доаѓаат и обратно. Значи вие не можете буквално западнобалканска иницијатива да извлечете до крај консеквентно ако се обидувате да ги повикате сите кои вие сте ги признале како држави каде што имате амбасади, дипломатско претставување. Затоа мене ми се чини дека мини Шенгенот мора да направи напори во идниот период на некаков начин, се разбира како велат странците, статусно неутрално кон Косово. Мора да најде начин да го асоцира Косово некаде во близина, а претходно задолжително Босна и Херцеговина. Инаку не гледам како ќе функционира било каква балканска иницијатива, ако дел доаѓаме на средби, а дел не доаѓаме. Ова е прва фаза и тоа го почитувам. Меѓутоа наредниот период ако тоа се развива во добра насока што најискрено посакувам, ние мора да водиме сметка и останатите од регионот да се приклучат на таа иницијатива. Инаку да знаете, нема среќа, не е возможно само вие да просперирате во регионот, сите околу вас да страдаат, или да назадуваат.

Новинар: Да, но стравувањата, ќе се согласите постојат, бидејќи чувството дека не туркаат, како што рече Рот, во задниот двор на Европската Унија, се навистина големи. Вечерва се сретнаа премиерот Заев и грчкиот премиер Мицотакис, мислам дека ова е втора нивна средба, но прва на грчка територија. Се договориле да продолжи со работа мешовитата комисија и главно разговараат за економска соработка, дури е побарана, премиерот Заев рече дека побарал помош од Грција за членство во Европската Унија, да ни помогнат околу Франција, како стари пријатели. Како ги гледате овие движења? Имаше многу резерви, околу новата грчка владата, нивниот пристап, околу Преспанскиот договор…

ПРСМ Пендаровски: Знаете како, во тој дел, јас мислам дека…колку се веќе на власт, еве неколку месеци, јас мислам дека тие успешно ги разбија сите тие муабети или шпекулации дека тие ќе одат кон директно поништување на Преспанскиот договор, ако не во правна смисла и со правни средства и методи, тогаш со своето практично политичко однесување. За наша среќа тоа не се случи, бидејќи на чело на грчката влада е еден искусен политичар, од една од најголемите нивни политички династии во историјата, кој многу добро знае што е реалната политика и многу добро знае, бидејќи неговите најблиски од семејството, беа инволвирани во самите почетоци на нашиот спор околу името, многу добро знае кој стои зад договорот од Преспа. Дека тоа не е личен каприц на Заев и на Ципрас, им текнало едно попладне… Многу добро знае кој беше во вториот ред, во третиот ред, во позадина, кои беа силите, освен Метју Нимиц, кој е формално видлив, беше формално видлив во таа позиција. Мојата проценка е дека во првиве неколку месеци од своето владеење, грчката влада се однесува со должна почит кон потпишаното, како што и личи на секоја сериозна држава, која држи до тоа, договорите кои ги потпишала, како држава, не како влада или како поединец, ги почитува, и мислам дека во таа насока и ќе продолжат. Инаку комисијата вие за која зборувате, нема никаква врска со името на државата, бидејќи тој дел е имплементиран од страна на нас, за жал не и од страна на Грците, бидејќи тие таблите уште ги немаат променето на граничните премини, но станува збор за трговските знаци или ознаки, како ќе се брендираат производите, она што го знам почетно, првите состаноци на таа комисија, тие имаат добро темпо на работа.

Новинар: Изјавивте дека употребата на официјалното име Република Северна Македонија, ќе биде на чекање, додека не се отворат преговорите со Европската Унија.

ПРСМ Пендаровски: Тоа е едно вообичаено новинарско поедноставување на работите за генералната публика да разбере, не ги критикувам новинарите, вашите колеги, не се секирајте. Станува збор за следново. Во Преспанскиот договор има два типа на рокови, ги нарекуваат политички и технички. Едните се однесуваат на примената на новото име, во нашата комуникација со светот, со меѓународни организации и во билатералната со другите земји. Значи новото име со „Северна“ внатре, да биде аплицирано во нашите односи со останатите меѓународни субјекти.

Новинар: Тоа е нашиот дел од договорот, да поедноставам.

ПРСМ Пендаровски: И овој другиов е наш, само ќе ви кажам на што се однесува чекањево, што го велите. Значи политичките велат, од моментот кога е ратификуван договорот во нашиот парламент, понатаму вие и билатерално и мултилатерално и во меѓународни организации и со држави, вие сте Република Северна Македонија. Тоа е применето, тоа е направено. Техничките рокови се однесуваат на областите, внатре во нашиот правен поредок, во рамки на нашите граници, бидејќи сега имаме „ерга омнес“ и внатре, не само према надвор, како што беше со FYROM. Тоа значи дека кога ќе почнеме да преговараме со Европската Унија, на пример преговараме екологија, во тој момент во областа на екологијата, во внатрешниот правен сообраќај, ние ќе мораме да го употребуваме новото име, ќе почнеме да преговараме не знам во сферата на образованието, тогаш ќе биде задолжително целокупната документација, на подрачните единици и на централното Министерство за образование, значи внатре во поредокот наш правен, да биде применето и новото име, тоа е, и тука вели од кога ќе почнеш да преговараш, во одделно поглавје со Европска Унија имаш транзиционен рок од 5 години ….

Новинар : …да го примениш…

ПРСМ Пендаровски: …да го направиш тоа како што треба до крај, за тоа станува збор. Значи ние ако не преговараме со Европската Унија, овие таканаречени технички рокови ќе чекаат, инаку политичките рокови се испочитувани.

Новинар: Што значи дека и Преспанскиот Договор ќе биде ставен на чекање.

ПРСМ Пендаровски: Инаку да бидеме прецизни. Јас тоа го реков, меѓутоа на поминување, не е лошо да го потврдам. На враќањето сега од посетата во Париз, поради лошото време во Скопје, се спуштивме во Солун и од таму со кола до Скопје, и можам да ви кажам дека ниедна ознака кога се приближувате кон границата од грчка страна не е со Република Северна Македонија, туку со Скопје, што исто не е почитување на Договорот во тој дел.

Новинар: Но тој истиот авион сега, бидејќи споменавте дека се вративте, вчера имаше…

ПРСМ Пендаровски: тој е истиот авион…

Новинар: …технички проблеми и вонредно слетување…

ПРСМ Пендаровски: Да, да.

Новинар: Тоа е владиниот Лир-џет, слетавте во Солун рековте заради лошото…имаше ли проблеми…

ПРСМ Пендаровски: Заради лошото време. Слетавме заради силен страничен ветар во скопската котлина, слетавме во Солун, инаку ова се некои дополнителни технички проблеми кои се појавиле и денеска се отидени на технички преглед да проверат за што станува збор. Колку што знам наредните денови и премиерот Заев ќе го користи за лет према Хелсинки, ако не се лажам, значи нема никакви…

Новинар: Нели ви создава стрес и самата информација дека имате технички проблеми во владиниот Лир- џет, а ве очекуваат и вас други патувања, верувам дека го користите.

ПРСМ Пендаровски: Па да сме го користеле и порано тоа, меѓутоа тоа е што е сега.

Новинар: Кога сме кај надворешната политика уште едно прашање поврзано со Русија. Сите американски претставници кои дојдоа тука заклучно со државниот секретар Помпео предупредија на штетно руско влијание во земјата, во Париз како што кажавте се сретнавте со вашиот руски колега Лавров, а во мај ќе одите во Москва.

ПРСМ Пендаровски: Да гледајте, тоа му реков и на Лавров на самиот почеток, иако тие тоа го знаат од нивната амбасада во Скопје, јас бев единствениот кандидат на пролетните претседателски избори кој во својата претседателска програма имаше еден дел за Руската Федерација, во која ја велам следно: Руската Федерација не смее да биде баук, Руската Федерација не смее да биде дежурно плашило за нас како држава. Ние одиме кон реализација на нашите стратешки цели. Конечно, јас пред да станам Претседател бев Национален Координатор за НАТО, моите западни референции јас мислам дека никој кој следи политика во оваа земја не ги спори, и мислам дека имам најголемо право да кажам, да нам мора да ни претстои, да го наречам помпезно, стратешкото отворање и кон Москва, не во смисла да ја замениме стратешката парадигма исток и запад, тоа е надмината работа. Меѓутоа ако ние за неколку месеци од сега влегуваме во НАТО, тоа е неспорно, технички се проблемите во Мадрид сите ги знаеме, и ако почнуваме преговори со Европска Унија сега или за некој месец од сега, во што е стравот кон такво отворање кон Русија, во делот на трговија, во делот на економија и особено во делот на енергетиката, станува збор за голем пазар, и особено станува збор за енергетски џин кои има веројатно една од најдобрите експертизи во таа смисла. Зборуваме за гасификација кај нас. Од кај ќе ги донесеме тие експерти за таа работа, ние ги немаме. Ако погледнете на картата на Европа, па и на членките на Европската Унија дали знаете кои се три најмногу енергетски зависни држави, членки на Европската Унија, од руските енергенси? Германија, Италија и Грција. И сега ако ние почнеме да се плашиме сега некој да не ни замери од нашите западни пријатели и другари што сега барате во Москва, јас мислам дека е на погрешен пат, и тоа е погрешна анализа. Конкретно за тоа што го спомнавме на почетокот на средбата и се слушам во дел од конверзацијата на стартот на мојот состанок со Лавров, на 9 мај се слави, не слават Русите, слави целиот демократски свет, 75 години од победата на фашизмот. За оние кои не знаат или за оние кои сакаат да направат реинвент на историјата, значи оние кои сакаат да ја фабрикуваат нашата национална, државна историја, мораме да се научиме дека тоа е дефинитивно и таму историскиот ревизионизам не помага. Во самата основа, во самиот темел на македонската државност и држава лежи борбата против фашизмот. Ние би биле луди како народ да се откажеме од тоа дека бевме членка на антифашистичката коалиција која го порази најголемото зло, не само на 20-от век. Значи на тоа почива нашата прва современа македонска држава која ја направивме во 1944 година.

Новинар: Се разбира ова е објаснување за сите западни сојузници. Во сите овие држави одите, во поголемиот дел од престолнините нема амбасадор да ве пречека, дипломатската мрежа е десеткувана.

ПРСМ Пендаровски: Во Париз имавме и нé пречека.

Новинар: Зборувам за следните, немаме во НАТО, немаме во Москва, немаме во Вашингтон, да не ги набројувам, многу се. Каде запна знаејќи дека надлежни сте вие, премиерот Заев, министерот за надворешни, Димитров.

ПРСМ Пендаровски: Од самиот почеток сум го кажувал, да го повторам накусо, каков беше патот до денес. Побарав функционална анализа за состојбата со мрежата на нашите ДКП-а во светот. Таа ја добив. Да не ги заморувам вашите гледачи со детали. Меѓутоа, после тоа почнавме серија координативни митинзи, состаноци, со министерот за надворешни работи кој кај мене доаѓаше откако претходно ќе добиеше владин став. Владата знаете има повеќе политички партии кои имаат свои интереси итн. Дојдовме до една, да ја наречам, поширока листа со имиња и мислам дека сме сосема во завршната фаза на тој процес, практично можеби не сите 25-26 колку се празни дестинации дипломатски, меѓутоа, еден најголем дел од нив да ги пополниме по мое убедување, со прилично квалитетни кадри. Што е ново во меѓувреме? Што се случи ново во меѓувреме? Закажаните предвремени парламентарни избори и податокот дека ние според нашиот закон со т.н пржинска влада треба да стартуваме на 3 јануари. Ние можеме еве утре да почнеме со процедурата, инаку процедурата е МНР до Владата, Владата до мене на писмено, хартија, документ со имиња и презимиња. Дали тоа воопшто може да се заврши до 3 јануари, бидејќи сега ви кажувам принципиелно. Јас можам да го терам тоа до крај и да речам баш ми е гајле за техничка Влада од 3 јануари. Меѓутоа, принципиелно во политичка смисла, бидејќи јас од првиот ден се залагам да бидам мост меѓу власта и опозицијата. Јас сум биран, предложен и гласан од одредена политичка структура, меѓутоа вечерта кога ги добив изборите реков сакам да бидам Претседател на сите, вклучително и на оние кои гласаа за некој друг или седеа дома, на што имаат право. Во тој дел прашувам, ако за најголемиот дел од нив нема да биде завршена процедурата до 3-ти јануари, дали е политички, правно е, дали е политички коректно да ги пуштаме амбасадорите во сите овие дестинации после 3-ти јануари, ако до тој момент не помине целокупната процедура, вклучително и тие сослушувања во собраниската комисија. Само тоа е проблемот. Инаку, ви кажувам…

Новинар: Да, имавме и случај на отповикување откако беше назначен пред избори Александар Николовски за Брисел. Дојде следната Влада, го повлече ова назначување. Може тоа да се случи доколку имаме друга Влада.

ПРСМ Пендаровски: Ако јас одам со глава во ѕид и да речам правно, законски, уставно сум покриен како Претседател, пишувам указ, го праќам некојси некаде надвор, и што ќе биде ако некои од нив бидат вратени, ако евентуално, шпекулираме, после 12-ти имаме нова Влада, друга Влада. Значи, мораме да мислите и за судбината на тие луѓе. Не само да пратите и да се инаетите. Така што навистина сакам тоа да биде направено во еден издржан политички процес, на вагање на сите тие аргументи. Инаку, претпоставувам знаете, јавноста тоа го знае, јас сум го кажал. Јас за клучните дипломатски дестинации се обидов да направам и контакт со опозиционите партии. На пример, за Вашингтон, дали е стратешки интерес за оваа земја, да Америка биде наш стратешки партнер? Да. Значи, тој амбасадор кој таму ќе отиде не смее да биде ваш или мој личен избор, партиски или владин избор, зашто да не биде со поддршка и на опозицијата и на власта? Истото тоа го мислам и за дестинацијата наречена амбасадор во НАТО. Никој од релевантните политички партии не рекол не ни треба членство во НАТО. За да трае тој таму што ќе отиде и да има соработка утре, заутре или за некоја година, и со евентуално со некоја друга влада која може да дојде, не треба да се инаетите…

Новинар: Добивте ли одговор и од власта и од опозицијата?

ПРСМ Пендаровски: За жал не, од опозицијата не. Во првите фази не добив никаков одговор, или поинаку кажано тие не сакаа да учествуваат во тој процес.

Новинар: Што значи овој ваш став. Дека нема веќе време да се испратат нови амбасадори?

ПРСМ Пендаровски: Има време да се испратат. На пример за меѓународните организации, на пример за НАТО или Советот на Европа вие не поминувате низ процес на барање на агреман, кој трае три или кусур месеци, зависно од државата. Вие само ги нотификувате, ги известувате дека од утре наш амбасадор е…

Новинар: Но за другите?

ПРСМ Пендаровски: Еве да појаснам за претходниот став, имам резерва, ако тоа не заврши до трети, ако заврши до трети, пеки. Ако не заврши, имам резерва за оние т.н. политички номинации, тоа се луѓе кои не се од професионалниот состав на министерството за надворешни работи. Сакам да ве уверам дека ова што е до сега разговарано од таа пошироката листа, над 90% се луѓе кои се сега веќе вработени во МНР, но имаме одредени политички номинации, за кои имаме право по закон. И во тој дел, ако пратите политичка номинација, а утре има нова политичка композиција на власт, тука може да настане проблем со нив. Не верувам дека би настанал проблем со професионалците од МНР.

Новинар: Синоќа во претседателската палата кај вас се одржа една трибина зад затворени врати, кој ја побара германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. Беше насловена „Правната држава” и се зборуваше за реформите. Се одржа истиот ден кога поранешниот премиер Никола Груевски беше објавено дека застарел еден предмет кај што е обвинет, и се одржа истиот ден кај што беше одреден датумот за судењето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Што заклучивте на тој состанок после ваков ден?

ПРСМ Пендаровски: Идејата беше директно од Хајко Мас, кој пред да биде министер за надворешни работи, беше министер за правда во Германија, кој сакаше да се сврти вниманието на една многу битна тема. Кога ќе преговарате утре, задутре, здравје, со Европската унија, тоа и по мое, и по сечие убедување на оние кои го познаваат тој процес, ќе биде најголемиот залак. Значи, правна држава, владеење на правото, правна сигурност, правна извесност, не селективна примена на закони итн. Значи, беше на иницијатива на германскиот министер, се одржа во мојот Кабинет. Идејата беше клучните функционери во таа област да бидат присутни.

Новинар: Споменувајќи ја средбата и читајќи го соопштението вие лично сте спомнале дека се сомневате во скриена амнестија.

ПРСМ Пендаровски: Реков дека не смее да се дозволи,

Новинар: Алудирајќи на Никола Груевски.

ПРСМ Пендаровски: Не само на Никола Груевски.

Новинар: Го поврзувам тоа бидејќи токму тој ден се случи да се прогласи застарување на предметот „Кинески патишта“ за кое беше обвинет за мито.

ПРСМ Пендаровски: Јас реков, и ова не го пуштивме во соопштението туку во моето излагање, на кратко да ви кажам за тој дел.
Значи, јас мислам дека е добро што се направи континуитет и што предметите се преземаа од поранешното Специјално Јавно во сегашното редовно обвинителство. Сметам дека тоа е многу битно, и во делот на временската дистанца, кога тие предмети утре или задутре ќе се решаваат, зашто, ако почнува се наново, или ако се изгубат некаде тоа може да биде скриена амнестија.

Новинар: Или ако застарат.

ПРСМ Пендаровски: Да. Ќе се вратам на тоа трето прашање во истиот комплекс. Значи, одлично е што предметите беа трансферирани. Меѓутоа, велам, ќе ни треба во наредниот период Закон за јавно обвинителство. И, велам, во тој дел, бидејќи сега предметиве од бившото СЈО се трансферирани, нам не ни треба повеќе брзање, и апелирам, идниот Закон за јавно обвинителство да се направи саглам, со барање на европски искуства, со барање на европски експерти, и тоа да биде стварно издржан закон кој ќе ги уреди работите внатре на нормативно ниво.

Новинар: Што значи одново, после сите неуспешни преговори? Ние веќе имаме предлог на Владата, предлог на опозицијата, заглавија, не го донесоа. Значи сега сосема нов?

ПРСМ Пендаровски: Гледајте како спојувам. Јас велам дека трансферот е направен на предмети. Според мене тоа е добро. Не трпат процедурите, постапките не трпат. Не се губи ништо тука, ни време, ниту докази. И сега, овој закон, очигледно не можевме да го донесеме од познати причини до сега, сега не мора да брзаме. Значи, десет години да го квачиме, меѓутоа ние мора овој закон да го донесеме темелно, добро, во склад со најдобрите европски практики, и ќе мора да има странска експертиза во тие работни групи. Значи, тоа е во тој дел. За скриената амнестија, мојот став е дека, порано имаше предлози во тие преговори меѓу работните групи кои доаѓаа од различни страни. Не би сакал да поверувам дека било кои следни експертски или политички разговори меѓу било кого во оваа земја ќе се дрзнат да размислуваат повторно за скриена амнестија. Ние дури тогаш нема никогаш да влеземе во Европската Унија. Не постои земја-членка на Европската Унија, не само Франција, ни една, ниту најмалите од Балтикот, кои не ни велат дека тоа мора да се излече до крај со постапките и да се истражи тој огромен скандал во кој имаше милиони снимки, инаку поинаку вие не можете да бидете третирани како правна држава.

Новинар: Но, тој закон за јавно обвинителство на кој инсистираат токму во Европската Унија, самите држави кои го бараат, не можеме да си го дозволиме тој луксуз од неколку години за да го донесеме како што треба? Вие велите нека траат.

ПРСМ Пендаровски: Не, не. Ајде да се вратиме на она претходното. Претходно ми направивте компарација меѓу Макрон и Тимоние тука. Јас ви тврдам, врз основа на сите расположливи податоци што ги имам дека Европската Унија во овој момент, од нас не бара нов Закон за јавно обвинителство за да ни даде датум. Ви тврдам, не само врз основа на разговорот со Макрон. Ви тврдам, прашајте го и МНР, со кого тие комуницирале, прашајте го кабинетот на премиерот. Меѓутоа, тоа не ни треба сега, за месец или два, не ни треба март, не ни треба до Загрепскиот самит. Меѓутоа ни треба таков закон, и велам, да не одиме прекутрупа како велат старите, да го направиме темелно како што треба. Но, во овој момент, повторувам по не знае кој пат, нема предуслов формулиран како „мора да имате закон за јавно обвинителство за да ви дадеме датум“ или „Франција ви одби и неколку други ја поддржаа затоа што немавте во тој момент закон за јавно обвинителство.“ Тоа е неспоредливо. И морам да се реферирам на застарувањето на еден од случаите против Груевски. Не сум бил никогаш повеќе гневен во последните шест или дванаесет месеци, ако се исклучи во август месец кога ја одржав таа прес конференција повикувајќи ги државните органи да забрзаат со постапките наместо да користат колективни годишни одмори, отколку сега кога видов дека еден од најкрупните предмети застарел затоа што, не знам, пет или шест години поминале.Тоа е катастрофален показ дека сè уште во Република Северна Македонија, граѓаните не можат да имаат верба дека имаме саглам правна држава. И тоа се предмети на кои се тестира капацитетот на државните институции во оваа сфера и, тоа се како велат, клучни, одредници и индикатори, дали ние како граѓани ќе имаме верба во нашиот систем, во нашата држава.

Новинар: Во август излеговте да потсетите дека не треба да користат одмори, туку да се фатат за работа, за случајот „Рекет“. Колку тој случај нанесе штета на меѓународниот углед?

ПРСМ Пендаровски: Од моите контакти што ги имам од оваа позиција на која сум, од 12 мај натаму, односно од август кога се обелодени тој случај, можам да Ви кажам дека со кого год да разговарате во Европа, на маргините на разговорот ќе Ви рече види ова не е предуслов, бидејќи сè уште е во рана фаза таа постапка, меѓутоа кога ќе почнете да преговарате ако тие процедури не одат како што треба, по закон, со вистински не селективна примена на правото, Вие не можете да просперирате и да прогресирате кон Европската Унија. Значи, јас тоа сум го кажувал и порано, случајот „Рекет“ е лакмус за правната држава, тоа е тест базичаен за отпорноста на политички влијанија на клучните институции. Ако го поминеме тој тест, јас Ви гарантирам, не само затоа што досегашните преговори со ЕУ и стартуваа со поглавје 23, односно со тоа владеење на правото и правна држава, и да не е тоа во Европа, последниве 10 години, сите кандидати, еве Ви ги Црна Гора, еве Ви ја Србија, се проценуваат најмногу низ таа призма. Сè друго може да направите брилијантно, ако тука случаите на висока корупција или евентуалното замешателство на политички функционери во некој криминален предмет, ако тука киксирате, Вие не може да одите понатаму.

Новинар: Да, тогаш рековте ако има политичка одговорност, тогаш секој треба да ја сноси, такво нешто до сега не видовме

ПРСМ Пендаровски: Таа е работа на која допрва треба да се учиме, за жал, бев предмет, тоа не е тајна, на критика, од некои луѓе, условно кажано, од мојата политичка страна, зошто таква изјава, зошто таква прес-конфернција, меѓутоа и тогаш и сега, сега сум поуверен дека бев во право со тие констатации, затоа што, видете не можете само да чекате евентуална правна одговорност од некој надлежен орган да Ве гони. Постои ваљда и нешто што се нарекува, дури и во политиката, образ, не можеме да бидеме ѓонови за некои очигледни ситуации.

Новинар: Зошто оваа Влада не успеа да го реформира судството. Што ѝ замерувате?

ПРСМ Пендаровски: Знаете, 2016 јас бев носител во првата изборна единица, бев дел од таа највисока политичка структура, која се бореше против диктатурата на Груевски, која на крајот успеа да направи Влада и сум директен сведок од 2017, откога е направена Владата, 6 месеци прво доцнеше тој процес од познати причини, пред јуни чинам 2017.Во изминативе две и пол години, јас знам дека звучи како оправдување, но бидејќи бев инсајдер во некои од тие битни процеси при договорите со соседите и одењето кон НАТО и кон Европската Унија, или Законот за јазици да не го забораваме, огромна политичка енергија се потроши во тие, јас ги нарекувам три столба, низ кои се одвиваше регенерацијата на македонското општество и држава. Значи, Законот за јазици внатре ја засили во многу кохезијата, настрана коментари на Венецијанската комисија,тоа е во ред, јас зборувам за политичките аспекти на тој закон, за политичките аспекти, правните ќе ги разговараме допрва. Договорот со Бугарија и договорот со Грција. Договорот со Бугарија и сеуште е во фаза на имплементација, меѓутоа тоа беше нужен предуслов да ги смирите страстите, иако не знам колку знаат нашите луѓе, нашата јавност – бугарските претставници во ЕУ најмалку 2 до 3 години наназад беа еднакво критични кон нашите евро-атлантски аспирации како грчките колеги, само што тоа не го правеа доволно видливо за нашата јавност.

Новинар: Освен во Европскиот Парламент…

ПРСМ Пендаровски: Да, да, внатре по комисии, по работни тела беа и те како критични и бараа да се склучи ваков договор. Значи тоа беше едно значајно реклаксирање. Ние можеме да разговараме што и да предвидуваме да анализираме што ќе се случи догодина, откога ќе почнеме да преговараме практично.

Новинар: Со оглед на Декларацијата, веќе кога ја споменуваме Бугарија која го негира македонскиот народ.

ПРСМ Пендаровски: Да, да така. Меѓутоа факт е дека до овој момент Бугарија беше прво потписник на писмо на 13 земји-членки кое бараше веднаш отварање на преговори уште пред 2 месеци, и Бугарија и на последните европски совети и состаноци беше еден од нашите најголеми поддржувачи, тоа неможеме да го негираме.

Новинар: Се дури почнеме преговори, тогаш веќе веројатно ги покажаа своите намери кои не се…

ПРСМ Пендаровски: Во ред е, ќе има и многу други проблеми кои ќе се појавуваат и со други земји-членки, јас претпоставувам, меѓутоа битно е дека се залагаат да влеземе во колосек, тоа е многу битно, како директен сосед.

Новинар: Но очигледно некој го искористи тоа што ние направивме реформи во судството, денеска го читав и лидерот на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски кој ветува дека ќе направи независно судство за да не се создадат центри на моќ кои ќе ги контролираат партиите, меѓутоа не можеме да го коментираме оти не кажува како тоа ќе го стори.

ПРСМ Пендаровски: Станува збор за една легитимна реторика на една опозициона партија, не гледам ништо спорно во тоа. Тоа е нивниот концепт, со тој концепт и други некои ќе излезат на избори и граѓаните ќе го кажат своето.

Новинар: Господине Претседателе, последната лидерска средба ќе ја паметиме, што вие ја организиравте што дојдоа сите лидери, но пред се по брзината со која беше постигнат консензус и тоа првпат без меѓународни посредници, многу преседани. Колку беше тоа Ваша заслуга да се договорат за избори или изборите беа договорени уште пред да влезат кај Вас во претседателската палата.

ПРСМ Пендаровски: Во првиот дел на прашањето немам намера да навлегувам бидејќи од мене барате да се фалам сега, “јас сум бил тој што ги свикал итн.. Мислам дека созреаа условите во меѓувреме, мислам дека политичката култура во меѓувреме во нашава земја дојде на многу повисоко ниво за.. не е како на времето да речеме, меѓутоа има еден друг факт, мојот избор не беше оспорен од опозицијата. Претпоставувам освен тоа, освен изборите кои беа признаени, резултатите и од главната опозициона партија, моето практично….

Новинар: Но лидерот на опозицијата одбиваше да дојде на средба кај Вас…

ПРСМ Пендаровски: Да, имавме телефонски контакти во меѓувреме, меѓутоа дојде, тоа беше прво негово доаѓање во кабинетот. Сакам да кажам, претпоставувам, дека во таа насока одиграла некаква улога мојата активност, моето однесување во изминатите 5-6 месеци во кои јас мислам дека покажав дека јас сум предложен од едни, меѓутоа но не сум непријател на други. Тоа е во тој дел. Инаку да знаете изборите беа договорени на таа средба и можам да ви кажам дека имаше од почеток до крајот во тој втор дел од состанокот лицитирање со многу датуми, про и контра. Клучната дебата се водеше околу потребата да се обезбеди Пржинска влада во полно траење од 100 дена. Затоа што првичните предлози на премиерот Заев беа во декември, два датума во декември предложи, меѓутоа Мицковски сметаше дека во тој случај би имале само педесеттина денови прилика и дека тоа не би биле 100-те предвидени по закон денови за Пржинска влада. И тука имаше различни правни толкувања, има правници кои сметаат дека ако се работи за предвремени избори дека тоа не мора да се испочитува 100 дена Пржинска влада, меѓутоа мислам дека е добро што надвладеа ставот, политички џентлментски еден став, дека ОК ќе дадеме 100 дена и изборите ќе ги закажеме подоцна, со цел да го испочитуваме, иако се предвремени избори во суштина, не се редовни, по редовен рок, и мислам дека тоа беше добро, значи ви кажувам дека договорот за предвремени избори се случи за помалку од час.

Новинар: Дали Вие сметате дека изборите се вистински потег во овој момент, тоа што не добивме датум за почеток на преговори можеби некој требаше да биде поттик, некои сметаа Владата да се зафати со реформите, самите рековте многу енергија беше изгубено на договори со соседите и се друго. Зошто избори? Изборите се застој.

ПРСМ Пендаровски: Знаете, мотивацијата на партиските лидери ќе ја барате кај нив да ви ја кажат. Моја проценка од страна е, и тоа го побарав на средбата, само да се води сметка околу ратификацијата на НАТО Протоколот, тоа е од ултимативна важност за државата според мене, конечно да ја зацементираме таа безбедност и да влеземе во клуб во кој има 29 други држави и не си сам, при било каква закана, не само традиционални, туку и нови, хибридни итн. И беше заклучено, со оглед на ситуацијата во Шпанија, дека најверојатно нема да има поклопување во таа смисла. Конечно, изборите се во изборна година, само 6 месеци пред редовниот рок, значи тоа не се не знам колку порано, така што мој впечаток е дека Владата тоа што има да го покаже во делот на реформите како велите, во делот на продолжување на реформите ќе има време да го докаже до 3ти јануари, а и подоцна…

Новинар: Тоа е само еден месец, што може да стори за еден месец?

ПРСМ Пендаровски: А и со техничка Влада да не заборавиме, значи опозицијата ќе партиципира со премиер, се извинувам, со пет министри и заменици вкупно, меѓутоа главната владина структура останува на досегашните партии. Значи тие можат и понатаму, освен овие четири пет позиции каде што ќе имаат врзан потпис да продолжат со реформи. Се сомневам дека некој би ги спречувал во тоа. Прво мислам дека е добро што се запази динамиката во однос на НАТО Протоколот, зошто во декември, возможно е ако беа изборите во декември, возможно е Шпанија да направи брзо Влада, иако изборните резултати тоа не го гарантираат, меѓутоа има…

Новинар: Не изгледа така во моментов, дека ќе добиеме и да има.

ПРСМ Пендаровски: Има некоја информација од пред два дена во која се тврди дека двете партии кои не направија Влада претходно, значи Социјалистичката партија и Подемос, веќе направиле меѓупартиски договор и им фали уште една помала партија за да го надминат прагот кој е неопходен, за да немаат малцинска Влада, меѓутоа да не шпекулираме, во декември ќе беше проблематично ако имаме избори, бидејќи требаше веднаш да се распушти Парламентот, а ова сега остава доволно простор, значи таму некаде до февруари, дури јас тврдам, како правник, дека и понатаму ако затреба и ако е тоа баш битно, од најголемо значење, можеме да го направиме тоа, да го свикаме Парламентот и подоцна.

Новинар: Но токму тоа го оспорува Претседателот на Парламентот Талат Џафери, дека нема да биде возможно заради роковите за избори и тој ќе го распушти Парламентот на почетокот на февруари.

ПРСМ Пендаровски: Има правен, има одлука на Уставниот суд, има правен преседан претходно направен, треба да почитуваме тоа што таа највисока институција правна во државата вели во тој дел, меѓутоа јас мислам дека нема да ни се случи баш во изборна кампања да дојде се ратификувано и ние да немаме Парламент, јас мислам дека тоа претходно ќе заврши, ако заврши, ако не Шпанците ќе имаат проблем, тогаш подолго време ќе немаат Влада, тие немаат Влада од почетокот на претходната година. Гледајте мојот став е, иако јас не сум повикан тука да давам мој став дали требаше да имаме предвремени избори или не, меѓутоа ви кажувам како човек кој долги години се бави со овие политички процеси, јас мислам дека после една прилично неповолна одлука на Европската унија, спротивно од се она што очекувавме, сите ние, да добиеме датум за преговори, јас мислам дека можеби е добро да се преиспита политичкиот легитимитет на владејачките партии на избори. Да речат ние направивме што направивме, ги направивме сите предуслови, на прагот сме на членство во НАТО, можеби ќе бидеме и членки на НАТО, еве што направивме внатре, еве што направивме надвор, Европската унија во октомври вели не е до вас, сега е до нас, внатрешна реформа, па подоцна ќе се навратиме на проширувањето, народе, граѓани, повелете, ваше е, кажете дали сте задоволни од она што го направивме или мислите дека некој друг може повеќе да направи. Така што од тој аспект мислам дека е неспорно.

Новинар: Добро, да, така не им изгледа на бизнисмените кои денеска навистина дигнаа глас и деновиве, повикувајќи се на искуството кога има преодна Влада, кога е во кампања, се застанува во државата.

ПРСМ Пендаровски: Нивниот став е коректен, но тоа влече корени од 2014 година или минимум од 2016 година, практично секоја година има некаков избор, не заборавете и минатата година и Референдумот беше избор и организирање на тој процес и на сите и на бизнисмените и на граѓаните им е преку глава од избори секоја година.

Новинар: Каква е вашата соработка со опозицијата, еве го споменавме Христијан Мицковски, дали по лидерската средба сте се сретнале?

ПРСМ Пендаровски: Не, не сме се сретнале, меѓутоа мислам дека тоа беше одличен знак што присуствуваа на лидерската средба, мислам дека не беше добар знак што не дојдоа на Советот за безбедност бидејќи разговаравме за многу битни прашања, за безбедноста во државата и за безбедноста во поширокиот регион која може да има влијание и врз нашата безбедност. Меѓутоа тоа беше и помина со присуството на лидерската средба, и со договорите кои ги направивме на лидерската средба што не беше само физичкото доаѓање, ние внатре направивме апсолутен консензус и власт и опозиција да ги соопштиме тие работи што ги соопштивме и мислам дека тоа беше чекор напред.

Новинар: Каква би била кохабитацијата, каква би била ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, каква е сега вашата соработка со Владата?

ПРСМ Пендаровски: Јас ви реков дека има некои ситуации, некои мои изјави кои не наидуваат на одобрение на сегашната Влада иако јас сум дел од таа политичка структура, практично десетина години, и гледате потешкотиите со кои воспоставувам комуникација со сегашната опозиција и доколку улогите евентуално се заменат до година јас мислам дека нема да имам никакви проблеми. Затоа што односот и на сегашната владина структура кон мене и односот на сегашната опозиција кон мене покажува дека јас, јас верувам во тоа дека непристрасно ја работам својата работа.

Новинар: Најавивте и очекувате да биде донесен нов Закон за разузнавање, се уште го нема?

ПРСМ Пендаровски: Тој не е влезен во владина процедура иако е готов, направен е од една работна група, мислам дека е битно да го имаме и преку тој закон да го направиме тој долго најавуван процес на ветинг и во таа структура на ветинг на вработените скептичен сме дека можеме да стигнеме во оваа трчаница до 3.јануари, бидејќи очигледно многу законски проекти кои биле започнати сега Владата ќе се обиде да ги дозаврши, што е сосема легитимно политички. Не знам дали ќе стигне на дневен ред, иако за нов закон во таа област со таа содржина не би имала против ни сегашната опозиција.

Новинар: Да, но очигледно ќе почека, бидејќи таму има многу бранувања, во светот на разузнавачите се случија многу промени.

ПРСМ Пендаровски: Нема многу промени ,но се случи промена на политичкиот амбиент и една многу мала група на луѓе која беше вработена таму а не работеше за државата работеше за нечии туги интереси , откога дојдоа санкции за тоа почнаа да го креваат својот глас и тоа е легитимно , она што е неспорно е тоа дека неодамна имавме една висока делегација од Канцеларијата за безбедност на НАТО и беше во посета на Агенцијата за разузнавање, извештајот го видов и можам да ви кажам дека оценките се највисоки.

Новинар: Денеска имавте средба со еколошките организации за животната средина, аерозагадувањето, загадувањето на ОХИС, откритијата што со децении постојат, таму лежат тешки отрови. Тоа не е во ваша надлежност меѓутоа проблемот е доволно голем да се ангажирате, што можете да направите.

ПРСМ Пендаровски: За сите прашања кои не се во моја надлежност, јас велам дека никој не ме спречува да зборувам за тоа или да ја кренам јавната свест за било кое прашање, неспорно е дека јас немам надлежност, меѓутоа може ќе ве зачуди дека денес на средбата со 14 еколошки здруженија го повикав и дури имаше кусо реферирање за состојбите, Началникот на Генералштабот на Армијата. Ако паметите во ОХИС беше вклучен и еден тим на армијата АБХО, бидејќи таква специфична единица нема во другите државни органи и мислам дека тоа беше еден значаен дел од целокупната акција на другите државни органи. Армијата на Република Северна Македонија е вклучена и месеци уназад во гасењето на пожари и во помагањето на локалното население во други елементарни непогоди. Го повикав Началникот на Генералштаб бидејќи има едно барање од група на невладини и јавно ги доставија тие барања до медиумите во кои јавно се бара армијата да се вклучи во заштита на човековата средина па дури и со предлог да се вклучи стражар покрај некои депонии и да ги санкционира оние што тоа го прават, палењето и сличните нелегални активности.

Новинар: Очигледно другите институции не си ја вршат работата…

ПРСМ Пендаровски: Не би сакал да навлегувам во тоа, но армијата не смее примарно да се ангажира внатре во нашите граници, може да биде само поддршка на полицијата ако надлежните институции така оценат. Армијата е се уште присутна на нашата јужна граница, каде има официјално декларирана кризна состојба и таму е поддршка на полициските единици. Едноставно војниците не се обучени за тоа и законот и уставот не им даваат право за тоа. Можат да даваат поддршка и даваат поддршка сегде каде можат…

Новинар: Да, но велите оваа специјализирана единица може да учествува …

ПРСМ Пендаровски: Да и таму беше повикана и даде поддршка на другите органи и се повлече, не може да настапи самостојно. Тоа е секаде така во демократски држави, армијата нема што да бара во внатрешноста на државата.

Новинар: Да, но го гледате незадоволството на граѓаните особено со еколошките теми и самите тие рекоа дека можеби ќе ги бојкотираат изборите, ќе блокираат институции доколку ништо не се направи…

ПРСМ Пендаровски: Зборуваат за облици на граѓанска непослушност на што имаат апсолутно право, ако така решат, ова им го реков – На почетокот на декември мојата цврста определба е на следниот Совет за безбедност да ги поставам еколошките закани и заштитата на животната средина како единствена точка на ред. Ќе ги повикам надлежните институции да реферираат и еве нека биде тоа ексклузива за Вас иако ние сите се бавиме со чиста политика меѓутоа мислам дека ова е значајно во склад со моите напори тоа да го дефинираме како една од заканите за националната безбедност, на таа седница на Советот за безбедност ќе бидат повикани и претставници на еколошките здруженија.

Новинар: Зошто е закана за националната безбедност, како тоа ќе го образложите?

ПРСМ Пендаровски: Па еве податоци на официјални органи три и пол илјади луѓе умираат само од лошиот воздух годишно во нашата земја и знаете тешките метали се присутни во неколку општини со години еве го линданот што го спомнавме каква све темпирана бомба и какви се консеквенции може да има во тоа. Значи станува збор за закана која се повеќе и повеќе е во демократскиот свет се дефинира како една од примарните. Јасно е дека ние не можеме да определиме или да одделиме толку ресурси за заштита на човековата околина како на Шведска или Канада или Јапонија меѓутоа мораме со време да почнеме да мислиме, зошто премногу луѓе страдаат од тоа и ние не можеме да одиме напред во економскиот развој ако немаме здрава нација.

Новинар: За крај прилично сте активен на терен можам да кажам, често одите насекаде во државата и инсистирате на средби со граѓаните. Што тие ви велат и како тие реагираат на она што почнавме и што не добивме датум за преговори со ЕУ некое очекување кое требаше да ги отвори вратите и земјата да продолжи натаму па се создаде чувство дека удривме во ѕид?

ПРСМ Пендаровски: Да ви кажам најискрено кога одам на средби со граѓани пред да се случи ова со Европскиот совет нивните барања, поплаки, приговори се во делот на економијата, на социјалата, на неможноста да реализираат некои свои права кои им припаѓаат по Закон по Устав. Меѓутоа после 18-ти октомври и таа несреќна одлука на Европскиот совет, оние луѓе со кои се среќавав во изминативе неколку недели беа малку исплашени да ме прашуваат што ќе се случува сега со нашата држава. Знаете тоа ни остана како некој рефлекс од години и години наназад, бидејќи од 91 година па наваму поминуваме само низ турбуленции или внатре или во регионот, постојано она дали ќе не биде, дали е ова дефинитивно и така натаму, и постоеше една мала резерва кај некои луѓе и кај по возрасни дури наши граѓани, меѓутоа јас им реков дека нема никаква потреба од загриженост во тој дел. Ние најверојатно ако задоцниме со интеграциите нема да се развиваме со задоволително темпо во тој сегмент, меѓутоа нема никаква опасност дека Македонија нема да ја биде, дека не знам што ќе се случи друго, нема да се случи, за неколку месеци од сега реков да повторам скоро сигурно, еве и сигурно влегуваме во НАТО Алијансата и тоа е најголемата можна гаранција која може да ја добиеме и таква гаранција добиваме прв пат во речиси триесет години независна држава од најголемите, најмоќните светски сили.

Новинар: Значи уште има стравувања од некаква дестабилизација?

ПРСМ Пендаровски: Има кај обичните луѓе и тоа од било која етничка припадност морам да ви кажам, меѓутоа јас се надевам дека како што оди сега текот на настаните дека тоа ќе спласнува и луѓето повторно ќе се враќаат на она што најмногу ги мачи, а тоа се сигурно проблемите во економско социјалната сфера.

Новинар: Ви благодарам господине претседателе за учеството во вечерашната Топ Тема.

ПРСМ Пендаровски: Благодарам.

Сподели: