Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вечерва во Музејот на современа уметност – Скопје, присуствуваше и се обрати на отворањето на постановката насловена „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ на Музејот на современа уметност „МОМус“ од Солун, Република Грција.

Дами и господа,
Вљубеници во уметноста,
Драги пријатели,

Уметноста не препознава граници и поделби, а нејзината суштинска улога, барем според моето скромно мислење, е да биде поддршка на соживотот и заедничката иднина меѓу народите. Токму затоа, уметниците освен што биле и се, главните градители на мостови кои не поврзуваат, тие се и првите гласници на мирот и разбирањето меѓу нас.

Имам несекојдневна чест да се обратам на отворањето на оваа постановка, која е историски, прво претставување на солунскиот Музеј на современа уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.

Ова што вечерва се случува тука, би требало да го трасира патот по кој треба да се движат и другите институции и организации кај нас. Патот, по кој, не ќе е лошо, да одат и граѓаните во двете држави. Музејот на современа уметност во Скопје како најкомпетентна и најзначајна институција во откривањето, негувањето и ширењето на вистинските вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време, ја почнува новата ера на соработка во сферата на културата помеѓу Северна Македонија и Грција. Најискрени честитки до тимот на Музејот кој го насочува својот поглед кон ова ново поглавје во соработката, што несомнено ќе донесе вредности какви што доликуваат на две соседни, пријателски, европски држави.

Овој настан вечерва почитувани пријатели, коинцидира со уште еден значаен настан, не би сакал да го наречам историски, затоа што на Балканот сите сме презаситени од историја, што се случи претпладнево во мојот Кабинет. Имено, предавањето на акредитивите на првиот грчки амбасадор, со што го подигнавме нивото на дипломатско претставување на Република Грција кај нас.

Денешниве настани се еден очекуван, логичен, би рекол природен тек на процесите по потпишувањето на Преспанскиот договор. Во оваа прилика сакам да им оддадам признание на сите оние и политичари и уметници кои во изминативе години и децении трпеливо ги подотвораа портите што овозможи, денес, а се надевам и во иднина, низ нив слободно да поминуваат и луѓето и идеите.

Почитувани,

Уметноста од памтивек била предвесник на иднината во која ќе живееме. Ако по утрото денот се познава, како што вели нашиот народ, тогаш нескромно можеме да кажеме дека нашата генерација, ја постави основата за ставање крај на предрасудите и поделбите. Се надевам се согласуваме, дека сите ние конечно, заслужуваме да живееме во посреќни времиња, уживајќи во убавините на животот, онака како што само уметноста знае да ги претстави.

Со оваа мисла, дозволете ми да ја прогласам изложбата за отворена.

Ви благодарам.

Сподели: