Почитувани пронаоѓачи,
Почитувани организатори на Макинова и на Еконова,
Драги гости,

Ми претставува особена чест да бидам покровител на јубилејното 40. издание на Макинова и на 17. издание на Еконова. Пред сè, би сакал да ја искажам својата благодарност до пронаоѓачите кои изложуваат на Макинова и на Еконова и чии дела сведочат за нивната креативност, знаење, вештини и макотрпна и креативна работа. Верувам дека треба систематски да се работи за нивниот број да биде сè поголем и поголем. Особено сме почестени што и годинава традиционално имаме и гости изложувачи од странство, што на манифестацијата и дава меѓународен карактер и несомнено придонесува за нејзиниот квалитет. Секако не може, а да не се одбележи и бројното присуство на млади пронаоѓачи. Несомнено, тие се иднината на нашето иноваторство и во нив мораме да вложуваме и да им помогнеме да се надградуваат и да се усовршуваат. Влогот во нив, всушност претставува влог во нашата иднина.

Веќе 17 години паралелно со Макинова егзистира и Еконова. Периодов кога се соочуваме со зголемено аерозагадување нè потсетува дека треба посебно внимание да се посвети токму на пронајдоци и идеи чија цел е подобрување и заштита на животната средина. Инвестирањето во овие пронајдоци може да придонесе за поздрава животна средина и подобар живот за сите нас.

Почитувани,

Секое одговорно општество ги стимулира пронаоѓачите и ја цени нивната улога во научниот, техничкиот и економскиот развој. Човечкиот потенцијал може да биде пресуден за нашиот развој имајќи ги предвид лимитираните ресурси и географската местоположба. Она што е битно е сите оние кои имаат потенцијал и креативност да дојдат до услови за понатамошно усовршување и развој.

Од интерес на нашата држава е македонските пронаоѓачи да го најдат своето место во нашите научни и образовни институции, во стопанските субјекти и активно да придонесуваат за добросостојбата на својата татковина.

На крајот, на ова кратко обраќање, би сакал да се заблагодарам на организаторите, Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања на Македонија ‒ СПАТУМ и Народна техника на Македонија и да посакам успешно одвивање на Макинова и Еконова 2019.

Ви благодарам.

Сподели: