„Драга Јана, драга Марија.

Ви благодарам за прекрасната најава. Јас не сум вашиот татко, јас сум вашиот другар.

Драги пријатели ви благодарам што сме денес заедно во Македонскиот Народен Театар, без маски.

Навистина сум пријатно изненаден од љубовта, од оптимизмот и позитивната енергија која денес зрачи и на сцената и во публиката.

Инаку, моите раце, кои го споменувате, се исти како вашите, отворени за ракување и за дружење, тоа се раце подготвени да им служат на сите луѓе на светот. Без вашите подадени раце моите би биле осамени. Сакам да ви кажам дека иако нечии раце се помали, некои се поголеми, иако различни – сите се раце. Без разлика на разликите што ги имаме сите ние сме еднакви и рамноправни. Токму меѓународниот инклузивен драмски фестивал „Игри без маска“ тоа и го покажува и го потврдува. Преку овој фестивал, но и воопшто во нашето секојдневие ве повикувам да го градиме духот на солидарноста, на почитувањето и прифаќањето на различноста.

Почитувани,

Кога говориме за едно општество за сите не смееме да заборавиме дека тоа не смее да биде само парола, туку во него навистина мора да има место за секого. Инклузијата на лицата со попреченост е показател за развојот на една држава, огледало на свеста и совеста на едно општество и на сите негови граѓани. Да не останеме само на желби и соништа, да ги направиме нашите животи театарска претстава без крај, исполнета со разбирање, со помагање еден на друг и со безусловна љубов.

Уште еднаш ви благодарам на честа да бидам покровител на овој прекрасен фестивал. Ви посакувам незаборавни мигови исполнети со дружење, заедништво и уживање во магијата на Талија.“

Сподели: