Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на конференцијата „Можности за регионална интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија“ којашто се одржа во организација на Унијата на европските федералисти на Македонија.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на Претседателот.

Почитувани организатори на конференцијата,
Почитувани панелисти и учесници,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ви се обратам на отворањето на конференцијата „Можности за регионална интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија“ во организација на Унијата на европски федералисти на Македонија.

Во времето во кое што живееме и делуваме, за жал, има многу малку причини да се биде безрезервен оптимист за европскиот проект, кој е јадрото на идејата на европскиот федерализам. Суверена, демократска и обединета Европа, темелната вредност на идејата на европскиот федерализам, во ерата на растечкиот популизам, кризата на демократските вредности, растечкиот национализам и евроскептицизмот, прикриениот расизам изразен преку ксенофобијата, нетрпеливоста кон мигрантите и т.н. политики на идентитет, се чини толку далеку, како што, веројатно, се чинеле после Втората Светска Војна кога идејата на европскиот федерализам се етаблира во движечка сила на, тогаш, новиот проект на обединета Европа. Двата основни принципа на европските интеграции „единство во различностите“ и „се поблиската унија“ во последниве години се помалку се споменуваат, дури и од оние политичари кои се докажани еврофили, плашејќи се од реакцијата на радикалните популисти дома. Меѓутоа, во време на евидентна криза на европскиот проект мораме да се соочиме со проблемите и да зборуваме отворено и искрено за самата суштина на европската идеја, за нејзините основни цели и нејзината иднина.

Една од основните политики на Европските заедници односно денешната Европска унија е политиката на проширувањето, односно комплетирањето на европскиот проект. Ова го истакнувам бидејќи интеграцијата во Унијата е право на секоја држава во Европа утврдено во основачките договори и не претставува никаква милостина или вонредна концесија којашто државите во Европа ја очекуваат од постојните членки на ЕУ. Се разбира, интеграцијата подразбира исполнување на услови и стандарди како што е интеграцијата на правниот, политичкиот и економскиот систем на државите кандидатки со правото на ЕУ,  со нејзините политики и заедничкиот пазар. Но, крајната цел на оваа интеграција е полноправно членство во ЕУ, односно рамноправен статус со сите останати држави членки на Унијата.

Токму затоа, после непријатните вести од последниот состанок на Советот на ЕУ во октомври оваа година, кога нашата држава не го доби најавениот, целосно заслужен и долго очекуван датум за почеток на пристапните преговори, мојата реакција, но и реакцијата на сите лидери на поголемите парламентарни партии беше дека полноправното членство во ЕУ нема алтернатива. Таквата реакција и реафирмирањето на нашата стратешка определба не беше ниту избрзана, ниту прекумерна. Имено, пред, за време и после октомврскиот самит, можевме да слушнеме сугестии од повеќе страни дека, можеби, иднината на западниот Балкан и на Северна Македонија како дел од него, треба да се гледа во некакво соседство на ЕУ или посебен вид на економска интеграција без целосна политичка интеграција во Унијата. Овие идеи, освен што се одраз на очигледната криза на европскиот проект, претставуваат формално напуштање на основната политика на ЕУ, утврдена уште со усвојување на критериумите од Копенхаген. Тие идеи, истовремено, отвораат пат кон можна дестабилизација на целиот регион во време на интензивни обиди за геостратешко позиционирање на држави кои не се пријателски расположени кон европската интеграција и, воопшто, кон вредностите на современата западна цивилизација.

Сепак, слабостите во самата Унија, не ја намалуваат нашата одговорност за начинот на кој ќе се одвива европската интеграција на нашата земја. Исчекувањето на новата методологија за пристапните преговори и конечното доделување на датум за почеток на преговорите во текот на пролетта следната 2020 година, не смеат да бидат изговор за брзината и квалитетот на домашните реформи за коишто ние ја имаме примарната одговорност. Дури и со отпочнати преговори на пролет следната година, нам ни претстои долг и тежок процес на прилагодување кој ќе трае, оптимистички од 5 до 7 години.

Дотогаш, за да опстанеме како демократска држава и општество, ќе мораме да се справиме со проблемите поради кои стотици илјади наши граѓани веќе ја напуштија државата. Проблемот на организираниот криминал и високата корупција не се само предизвик за обвинителството и судството, туку се основен услов за опстанок на јавниот поредок. Релативно спорото темпо на економскиот развој е клучна пречка за отворање на добро платени работни места, коишто се единствена надеж за успорување на миграциските текови. Конечно, слабостите во нашиот образовен систем, во јавното здравство и заштитата на човековата околина се повеќе стануваат причини за незадоволство кај граѓаните и мотив за напуштање на државата, не само од економски загрозените граѓани, туку и од оние кои имаат релативно добар социјален статус, но се незадоволни од функционирањето на системот.

За остварување на овие цели, секако, важна ќе биде и регионалната соработка и интеграција во областите од заемен интерес. Во таа насока, мојата поддршка за надградување на идејата за слободна трговија меѓу државите на западниот Балкан преку постепено либерализирање на преостанатите царински бариери, создавање на заеднички пазар на работна сила и меѓусебно автоматско признавање на професионалните квалификации е единствено во насока на забрзана интеграција на државите на западниот Балкан во ЕУ. Иницијативата, популарно наречена „мал Шенген“, не е замена за членството во ЕУ, таа треба да биде разбрана само како дополнителен чекор во единствената насока кон која што сите ние се движиме.

Почитувани,

Се надевам дека денешната конференција ќе биде можност да се осврнете подетално на повеќето аспекти на европската интеграција за коишто јас само начелно зборувам ова утро. Она што сега ни е најпотребно е градењето на државен консензус за конкретните модалитети за остварување на нашата стратешка определба и тоа преку отворен и искрен дијалог. Во тоа име, им благодарам на организаторите за поканата да ја отворам оваа конференција, а на сите вас, на сите учесници ви посакувам конструктивна и плодна дискусија.

Во благодарам.

Сподели: