Претседателот  на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се обрати на годишниот Амбасадорски совет којшто годинава е посветен на европската перспектива на Република Северна Македонија.

По октомври кога очекуваме датум за почнување на преговорите со Европската унија, рече претседателот Пендаровски, почнува и долг процес на работа.

„ Дистрибуцијата на местата во Европскиот парламент е одлична за нас. Од 751 член, 506 се во групата проевропски сили. Таа поволна констелација мора да ја искористиме, бидејќи тоа се луѓе кои се наклонети на проширувањето на ЕУ и знаат колку е значајно за стабилноста на Западен Балкан“, рече претседателот.

Северна Македонија речиси 100% е во НАТО, се очекува само на формирањето на Владата во Шпанија за да се заврши работата во декември.

Претседателот Пендаровски говореше за двата историски договори кои ги потпиша државата.

„ Договорот со Бугарија го постигнавме полесно, но во имплементацијата може да имаме проблеми. Во комисијата на историчари има политички влијанија. Околностите и амбиентот не е како пред 5-6 месеци. Но, ние ќе создадеме амбиент тој да се постигне. Не смееме да пропуштиме било што во тие преговори кои се многу битни. Тоа што ќе го потпишеме треба да трае, не треба ад-хок решение кое ќе се сруши. Треба цврсто да застанеме на стратешките интереси на земјата, а за тоа државниот врв има заеднички став“, рече претседателот.

Во однос на Косово, претседателот Пендаровски посочи дека два принципа се важни за нас како држава. Првиот е дека за нас е легитимно сé што ќе се договорат Србија и Косово, а вториот дека не секое решение, особено промена на граници и размената на територии е добро за стабилноста на регионот.

Претседателот најави дека во наредните 4 месеци ќе има позасилена дипломатска активност . До крајот на годината ќе ги посети Виена, Токио, Париз, Рим и Варшава, а во почетокот на октомври во Скопје доаѓа претседателот на Црна Гора.

Претседателот Пендаровски на средбата со Амбасадорскиот совет рече дека имал повеќе средби со министерот за надворешни работи Никола Димитров на кои е разговарано за пополнување на 15-16 од испразнети 27 амбасадорски позиции.

„Во МНР направена е анализа за работата на Дипломатско-конзуларните  претставништва. Некои кои не го оправдаа постоењето ќе бидат затворени, а некои значајни ќе бидат зајакнати. Станува збор за рационализација, а не партиски реваншизам. Битна е професионалната компонента, а не партиската“, рече претседателот Пендаровски посочувајќи пред присутните дека тој и неговиот Кабинет им стојат на располагање и целосно ќе се вложат за доброто на државата.

Одговарајќи на новинарско прашање за случајот „Рекет“, претседателот Стево Пендаровски изјави дека случајот „Рекет“ не е критериум за добивање на датум за почеток на преговори, а според сегашните реакции на надлежните институции, нема ни да биде.

„ Во овој момент не е, моја проценка е, наша проценка е дека нема ни да биде до крајот на годината, бидејќи ова што досега го направија надлежните државни органи е соодветна реакција. Меѓутоа случајот очигледно е комплексен, да оставиме на надлежните органи да продолжат да го работат. Ако не продолжат со ова темпо, со ова широчина и длабочина со која почнаа досега, тоа  може да стане. Но, сега не е и нема да биде до октомври “, рече претседателот Пендаровски.

Сподели: