Драги студенти, колеги,
Почитувана амбасадорке Брнс, претставници на медиумите,

Благодарам за поканата да се обратам денеска и да дебатирам со студентите од Американ колеџ.

Со оглед на тоа дека наскоро очекуваме да го заокружиме членството во НАТО со последната ратификација од Шпанија, темата е многу актуелна деновиве. Ќе се задржам на неколку аспекти зошто е значајно да станеме членка на НАТО, за долгорочната стабилност и безбедност на земјата и регионот.

Ние сме сега во процес на ратификација на нашето членство. Ова значи дека откако добивме покана да се приклучиме на НАТО, во јули 2018 година, секоја од членките на НАТО мора да го ратификува Пристапниот протокол за нашето членство, а откако сите 29 земји ќе ја поминат процедурата, нашиот Парламент ќе го ратификува, односно ќе донесе одлука да станеме членка на НАТО, а инструментот за нашето членство се депонира во Вашингтон, каде е и потпишан Северноатлантскиот договор, основачкиот документ на НАТО.

Членството во Алијансата е наш стар стратешки приоритет уште од почетоците на нашата независност, кога беше донесена Резoлуцијата за влез на Република Македонија во НАТО, одлука која во 1993 година во тогашниот парламент беше поддржана од сите парламентарни партии. Во ноември 1995 го потпишавме Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, а две години подоцна бевме примени и во Евроатлантскиот партнерски совет. Во јуни 1996 година ја отворивме Канцеларијата за врски, а при крајот на 1997-та и нашата Постојана мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, се стекнавме со кандидатскиот статус за членство, по што започнавме со реализација на Акциониот план за членство.

Членството во НАТО е важно за нас затоа што како мала држава со ограничени ресурси за одбрана и безбедност, нам ни е потребно да сме дел од систем на колективна безбедност. На пример, членот 5 од Севернатлантскиот договор гласи дека доколку една земја-членка е нападната, одговор ќе следи од сите. Ова значи дека како идна членка на НАТО нашата безбедност се гарантира од сите земји-членки на НАТО. Исто така, имаме можност да заштедиме на ресурси, односно да имаме ефективен начин за тоа како инвестираме и трошиме во одбраната. На пример, контролата над нашето небо ќе се прави од Грција, преку регионален систем на соработка, наместо ние самите да обезбедуваме средства за таа намена, кои ќе ја оптоварат нашата економија.

НАТО членството и овозможува на нашата Армија да биде дел од глобален современ систем на одбрана, во блиски односи и соработка со армиите на нашите партнери, сите заедно дел од најсилните воени структури во глобални рамки.

Но, НАТО не значи само безбедност и воена обука, туки и развој, нов пазар на труд и нов пазар за нашите компании. На пример, НАТО има многу програми за јавна дипломатија, за истражување и развој во кои може да учествуваат студенти, граѓанскиот сектор и универзитетите. Поседувањето на „НАТО стандард“ значи дека нашите компании ќе имаат пристап до поголем пазар во земјите-членки на НАТО за кои можат да добавуваат услуги и производи.

Почитувани пријатели,

Да не заборавиме дека членството во НАТО значи и споделување на исти вредности. Самиот Северноатлантски договор стипулира дека членките на Северноатлантската Алијанса се обврзуваат да ги чуваат „слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото“, како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста.

Досега покажавме дека можеме да ги исполнуваме обврските како земја која е партнер на НАТО, а сме подготвени да ги исполнуваме и обврските како идна земја-членка преку поголемо вложување во одбранбениот буџет кој треба во иднина да биде 2% од БДП. Со влезот во НАТО ќе бидеме на иста маса со уште 29 сојузници, со еднакво право на глас за евроатлантската безбедност и држава каде безбедноста се гарантира за секој инвеститор, средина каде може да се предвиди стабилноста, што ќе доведе до поголем економски развој.

Да бидеме искрени, безбедносните ризици нема да исчезнат со нашето членство во НАТО. Живееме во динамичен свет каде безбедносните закани се асиметрични и не може секогаш да се предвидат. Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни се присутни и нема наскоро да исчезнат. Но, најдобриот начин за справување со современите безбедносни закани е колективната безбедност, затоа што тогаш не сме сами. Имаме сојузници со кои можеме да ги здружиме ресурсите и заеднички да одговориме. Со нашето членство во НАТО, ќе има и поголема регионална стабилност.

Членството во НАТО ќе ни помогне и за домашната стабилност. Зошто? Затоа што Нашата европска и евроатлантска интеграција се процеси кои имаат висок и постојан консензус на национално ниво од политичарите, бизнисите, граѓанскиот сектор, заокружено со најважната висока поддршка од граѓаните. Со влезот во НАТО ја зајакнуваме нашата внатрешна кохезија, а тоа е сигурен предуслов да спроведуваме долгорочни стратегии за понатамошен развој на нашето општество.

Ви благодарам.

Сподели: