Почитувани,

Со особено внимание го прочитав вашето отворено писмо, анализирајќи ги предлозите за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено. Несомнено за сузбивање на овие појави, но и, воопшто,напроблемот со прекумерното загадување, потребна е координација и максимално инволвирање на сите надлежни органи. За таа цел, јас планирам проблемот со загадувањето на животната околина да се стави како точка на наредната седница на Советот за безбедност. Следствено на ова ќе следи и интензивирање на комуникацијата и координација токму со вас, граѓанските организации, кои дејствувате во сферата на екологијата. Верувам дека сите заедно може да придонесеме за надминувањето на овој проблем. Јас, како претседател на Република Северна Македонија, се ставам на располагање за да помогнам во активностите, да бидам гласен поддржувач на граѓанските иницијативи и своевиден мост за побрза и поефективна комуникација помеѓу надлежните институции и граѓанските организации.

Што се однесува до предлогот за ангажман на Армијата на Република Северна Македонија, чиј врховен командант сум, би сакал да го подвлечам следново:

Во член 122 од Уставот на Република Северна Македонија се вели дека вооружените сили на Република Северна Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.

Во согласност согоренаведеното, Армијата не би можела да биде вклучена во активностите како што се наведени во барањето (патроли, ноќни дежурства во национални паркови и слично) од причина што грижата за внатрешниот ред е мисија на полицијата. Секако,армијата во рамките на своите надлежности придонесува за заштита и за унапредување на животната средина преку низа активности кои ги презема: засадување нови садници на дрвја на опожарените места, расчистување на опожарените места, пошумување, расчистување на отпад од речни корита, селекција на отпад на локациите каде што армијата ги извршува своите секојдневни активности (касарни, логорски простории и слично) со користење наменски контејнери, селекција на отпад ина отпадни води при изведување на вежбовни активности, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина итн.

Почитувани,

Како што веќе подвлеков, потребно е интензивирање на меѓусебната комуникација и координација и тоа што поскоро. За таа цел поканувам претставници од потписниците на отвореното писмо на средба во мојот кабинет на 14.11.2019 во 13.30 часот.

Во оваа прилика би сакал да апелирам до сите надлежни институции максимално да придонесат за надминување на загадувањето на животната средина. Секако е потребно зголемување на нивните капацитети како и постојана координација и заеднички активности. Апелирам и на совесно однесување на граѓаните без чиј активен придонес не би можеле да дојдеме до посакуваните резултати.

Со почит,
Стево Пендаровски

Сподели: