Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари посета на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија.

На средбата со стопанствениците од оваа комора, Претседателот рече дека не прави никакви поделби и дека ќе разговара со сите, бидејќи целта е иста, да се направи животот во Република Северна Македонија поубав и побогат. Три приоритети се битни за кои треба заедничка работа. Првиот, рече Претседателот, е економскиот развој, посочувајќи дека нема повисока цел за еден политичар од тоа да направи подобар живот за граѓаните.

Претседателот истакна дека последните економски индикатори се одлични, со оглед на состојбата во која беше државата пред само неколку години. Од ситуација во која имаше напад на Законодавниот дом, во една земја – заробена држава, последните економски индикатори од првиот квартал во годината се 4,1% раст. Се разбира, рече Претседателот, тоа не е доволно, но смета дека сме на добар пат, а од политичарите и стопанствениците зависи правењето амбиент во кој нема да се упропасти оваа позитивна тенденција, која се одвива во круг на клучните сектори на државата, вклучително и во економијата.

„Во тој дел можам само да повикам да се расчистуваат сите овие случаи кои ги имаме во медиумите околу рекет на луѓе од бизнис заедницата, бидејќи тоа е најсигурен начин една држава да не постои, ако се забошотуваат или ставаат под тепих или ако се оди до половина во расчистување на вакви случаи“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот се заложи да има што помалку политика во бизнисот.

„Што помалку политика во бизнисот, подобро за бизнисот, подобро за сите нас како држава. Секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи. Можеби една фамилија се богати, како што беше случај пред повеќе години, можеби неколку луѓе околу нив, можеби една политичка партија имаа најбогато седиште во Европа, меѓутоа во просек, народот страда. Значи, да ги тргнеме на страна тие работи и да се дистанцираме. Политичарите прават амбиент за бизнисот, но не учествуваат, не се партиципиенти во бизнисот на ниеден начин. Ниту преку посредници, ниту директно, ниту индиректно. Значи генерално, било кој да е на власт, политичарите да ги тргнат надвор рацете од бизнисот. Ако сакаш да се бавиш со економија, ќе ја напуштиш политиката, ќе формираш фирма и ќе си бркаш бизнис“, порача Претседателот.

Како втор приоритет за кој треба единство во државата се евроатлантските интеграции кои се предуслов за просперитет и економски развој. Трет приоритет се добрите меѓунационални односи, без кои не е можен развој на економијата, ниту евроатлантски интеграции.

Претседателот најави дека акцент ќе стави на економската дипломатија, а побара и договор околу стратешките прашања, за кои и Претседателот, заедно со власта и опозицијата, ќе работат на нивна реализација.

„Една од моите улоги треба да биде и таа, да се обидам да комуницирам со сите политички страни и етнички страни, и да придонесам колку што можам да се намалува тој јаз таму каде што не треба да го има“, изјави Претседателот.

Тој се осврна и на внатрешниот амбиент во кој се прави бизнисот и, како што рече, не му е драго што постои длабока политичка поларизација, посочувајќи дека и во наредниот период ќе продолжи да ги доближува спротивставените политички позиции.

„Тоа се вообичаените реторики на политичките партии, кои ги слушаме со години, посебно засилени последниве година, година ипол, со една запалива реторика која ги иритира граѓаните, независно од која етничка припадност се и за која партија гласаат. Јас мислам дека таа партиска или интрапартиска реторика треба да се стиши, да се намали, и да почнеме да зборуваме за сосема конкретни работи, од што живееме и како да живееме подобро, рече Претседателот, нагласувајќи дека нема да потпише ниту еден указ на закон кој е контра интересите на бизнис заедницата.

Сподели: