Студенти од политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во рамки на активноста Отворен Кабинет.

Студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаа можност да се сретнат со претседателот Пендаровски и непосредно да поразговараат за неговите активности и надлежности, да ги посетат просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите за свечености, состаноци, настани и прес-конференции.

За време посетата на Кабинетот, студентите беа запознаени и со историјатот на Вила Водно, со дел од активностите коишто се реализираат, како и со начинот на функционирање на оваа институција.

Во согласност со воспоставената практика во Кабинетот, граѓаните да присуствуваат на настани од јавен карактер, денеска студентите имаа можност да присуствуваат на еден историски чин, потпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Денешната посета на Вила Водно е во рамки на Отворен Кабинет, активност којашто овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/otvoren-kabinet/ имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.

Сподели: