Студенти од Правниот факултет на Универзитет во Тетово, денеска го посетија Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во рамки на активноста Отворен Кабинет.

Студентите имаа можност да се сретнат со претседателот Пендаровски и директно од него да се информираат за дел од неговите надлежности, да ги посетат просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите за свечености, состаноци, настани и прес-конференции.

Посетителите од вработените во Кабинетот беа запознаени и со историјатот на Вила Водно, со дел од активностите коишто се одвиваат, како и со начинот на функционирање на оваа институција.

Денеска за првпат една церемонија на државен чин имаше и едукативна компонента. Студентите присуствуваа и на церемонијата на предавање на акредитивните писма на Мариа Вирџиниа Мендес да Силва Пина, новоименувана амбасадорка на Португалската Република во Република Северна Македонија.

Денешната посета на Вила Водно е во рамки на Отворен Кабинет, активност којашто овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/otvoren-kabinet/ имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.

Сподели: