Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Вила Водно, денеска го посетија ученици од Општинското основно училиште „Владо Тасевски” од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет.

Учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, да се информираат за неговата работа и надлежности, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните средби, како салите во коишто се организираат свечености, настани и прес-конференции. Посетителите се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот од коишто беа информирани за историјатот на објектот, во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на оваа институција.

За време на денешната посета, претседателот Пендаровски и учениците засадија неколку садници Македонски даб (Quercus trojana), симбол на претседателскиот амблем, а во активноста се вклучи и Благоја Сотировски, којшто во текот на 2008 година бил ангажиран во редизајнирањето на хортикултурното уредување на дворот на Кабинетот, Вила Водно.

Денешната активност Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, со кој се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.

Сподели: