Изминатиов месец сме сведоци на една огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во нас, политичарите и во сопствената држава.

Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така.

Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава.

Свесен за мојата одговорност како претседател на сите граѓани и мојата должност да ги штитам интересите на државата и нејзините граѓани, нејзиниот просперитет и безбедност, како и реализицијата на стратешките надворешно-политички цели кон кои во изминативе две години забрзано се движиме – НАТО и ЕУ, барам од надлежните институции:

  1. Ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност,
  2. Доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не,
  3. Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери.

Длабоко верувам дека ние политичарите сме со поголема одговорност од другите граѓани, затоа и нашите, евентуални противзаконити дејствија треба да бидат процесуирани со поголемо внимание и дури и построго казнувани во однос на другите граѓани. Во оваа смисла очекувам зголемен мониторинг и од медиумите и при тоа, треба да ни биде помалку битно кој ги набавил или кој ги дистрибуирал снимките, од тоа дали содржината на разговорите е вистинита или не. При тоа, барам од медиумите, се разбира, без да се нарушува слободата на јавно информирање, внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од разни страни, затоа што лажните вести немаат за цел да ја информираат македонската јавност, туку да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и во државните институции.

4. Како претседател давам целосна поддршка на надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и ќе ги употребам сите уставни и законски овластувања за да ги заштитам од притисоци. Исто така, ќе ги употребам сите законски овластувања да ја заштитам националната безбедност од обиди за нејзино нарушување било од надвор, било од внатре.

Почитувани граѓани,

Оваа тешка ситуација ја става на огромен тест правната држава, надлежните институции и сите нас, одговорните политичари. Ако надлежните правосудни органи ја истераат работата до крај, а, повторувам – очекувам така да биде и никако поинаку, во тој случај ќе докажеме дека навистина функционира системот, а тоа е најдобриот начин да се врати довербата на граѓаните и на целокупната јавност во органите на прогонот. Во спротивно, ризикуваме нашите граѓани да ја загубат вербата во сите нас, политичарите и во својата држава, но, овој пат, дефинитивно.

Од она што досега е јавно познато, за жал, извесно е дека во случајот се вмешани луѓе од различни профили. Во неодамна објавените аудио снимки се слушаат гласови на бизнисмени, дури и на обвинителка, се споменуваат имиња на истакнати личности. Одговорност, повторувам – мора да има и по вертикална и по хоризонтална линија. Одговорност и казни мора да следат за сите чија вина ќе се докаже, без разлика дали станува збор за обвинители, членови на политички партии, бизнисмени, политичари. Никој не смее да биде над законите во оваа земја, ничија партиска или политичка припадност не смее да биде посилна од правдата. Оние кои тоа не го знаат или не го почитуваат треба да им го отстапат своето место на оние кои тоа го знаат и го почитуваат.

Почитувани граѓани,

Како што верував и јавно ја бранев институцијата СЈО во последниве 4 години и денес длабоко верувам дека институција која ќе се бори против високата корупција и криминалот на функционерите и е повеќе од потребна на нашата држава. Со својот минат труд, СЈО, не поединци, туку како институција, заедно со Преспанскиот договор даде огромен придонес за ослободување на заробената држава и за нашето приближување кон НАТО и ЕУ. Сите досегашни истраги на СЈО, сите изведени докази не можат да бидат прогласени за невалидни, по дефиниција, па дури и ако се докаже дека некои обвинители работеле спротивно на законот. Евентуалната индивидуална одговорност на еден обвинител не може да го доведе во прашања огромниот труд на целото обвинителство и сите оние докази кои се изведени во законска процедура.

СЈО, позиционирано внатре во системот на редовното јавно обвинителство, треба да продолжи да ги истражува криминалите на претходната власт, но, и криминалите на актуелната власт и на било која власт во иднина. Нема правна држава ако власта ги гони само криминалците на предходната власт, а не и криминалците во своите редови.

Почитувани,

Не се сите обвинители во СЈО и во редовното обвинителство корумпирани, не се сите судии корумпирани. Најголемиот дел од обвинителите и судиите се доблесни професионалци со интегритет. Во оваа држава имаме доволно чесни и способни луѓе со образ. Меѓутоа, тука, главната улога треба да ја одиграат политичарите, и во тоа ја гледам направената кардинална грешка. Генерации политичари пропуштија многу одамна да создадат амбиент во кој чесните и професионални кадри во судско-обвинителскиот систем ќе си ја вршат својата работа без притисоци од страна, а корумпираните ќе се соочат со правдата. Меѓутоа, не е предоцна и денес, час поскоро, ние тоа да почнеме да го правиме.

Сите политичари не се исти. Ние ја добивме довербата на граѓаните со тврдењето дека не сме исти со претходните, но, тоа мора секој ден практично да го докажуваме. Во оваа смисла јас имам цврста намера да го дадам својот придонес, без остаток.

Новинарско прашање: Господине Пендаровски во своето прво обраќање, споменавте дека сте разочарани од тоа што некој од надлежни отишле на одмор, на кој точно мислевте односно  дали само на обвинителите, а не и на Владата, и дали за овие пораки или претходно сте се слушале со премиерот Зоран Заев, за да му ја пренесете Вашата  загриженост и Вашите барања со повик за одговорност?

ПРСМ Пендаровски: Мислев на судско-обвинителските делови од системот кои се надлежни за овој случај и не мислев на политичарите бидејќи тие очигледно не се надлежни. Јас не сум надлежен за овој случај. Апелирам на оние кои се надлежни во ова фаза за тој случај, а тоа се првични истражни дејствија, да ги остават колективните одмори на страна и да ја почнат својата работа. Знаете да направам паралела со тоа што Парламентот, Владата или Кабинетот на Претседателот го прави секоја година. Сите ние имаме така наречени колективни одмори, после 2 Август обично. Кога не работи Парламентот, ќе работи повторно од 26 август натаму, не работи дел од Владата и дел од Кабинет на Претседателот, меѓутоа ако има потреба веднаш се состануваат. Во Уставот стои, Парламентот заседава постојано. Ако има потреба, веднаш, истата вечер се собираат сите 120 пратеници. Тоа мора да важи за нив и за обвинителите и евентуално за судиите. Значи  не смееме  да си дозволиме, ако имаме ваква голема афера, ние да тераме годишен одмор, како да е редовна состојбата, а не е редовна состојбата, знаеме сите. Не сум се чул ниту со Заев, ниту со било кој друг од министрите во Владата, бидејќи сметам дека нема потреба овој период. Затоа јавно на овој начин преку Вас, апелирам до тие што се надлежни, повторувам судско-обвинителските органи да почнат да ја работат својата работа, не само тие да речат дека почнале. Мора побрзо да ја тераме таа работа, не може да чекаме ние со месеци и месеци бидејќи станува збор за многу крупен влог. Од она што  е моја надлежност, како Претседател на државата, можам да ви кажам дека и од аспект на евро-атланските интеграции, ние мора брзо да ја расчистиме таа афера. Можеби во однос на НАТО не, бидејќи таму сме во завршните  фази од процедурата. Но во однос на Европската унија, не смееме да оставиме ни најмал сомнеж, ниту кај една единствена земја членка на ЕУ дека ние не сме подготвени да расчистиме и вакви случаи.

Новинарско прашање: Дали Претседателот можеби планира да свика седница на Советот за Национална Безбедност?

ПРСМ Пендаровски: Јас засега не, да одговорам веднаш на вашето прашање, засега не, затоа што сите информации кои ги добивам од надлежните органи кои се под моја надлежност и оние кој не се под моја директна надлежност, а ме информираат  – таква опасност по интегритетот, суверенитетот не постои во овој  момент. Индикаторите кои ги имаме кои ги означуваат трендовите исто така не кажуваат дека наскоро може да има влошување на безбедносната состојба во таков обем, да мора да се свика тој Совет за Безбедност. Меѓутоа, Ве уверувам дека  24/7 ги следиме сите тие работи, надлежните органи ги следат и ги информираат сите нивни претпоставени, да кажам и од државниот врв, и јасно е дека ако такво нешто постои ќе се свикаме веднаш, нема да  одиме на колективен одмор.

Новинарско прашање: Очигледно е дека првообвинетиот Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ е близок со политичката партија, која Вас кандидираше за Претседател. Дали некогаш  пред кампањата, за време на кампањата и од како сте Претседател, сте се сретнале со господинот Јовановски?

ПРСМ Пендаровски: Со г. Јовановски си имам сретнато два пати во животот, првиот пат во 2015 година, во така наречениот „Камп на Слободата“ кај што беа шаторите поставени пред Владата, на едно кратко запознавање и претпоставувам и фотографија, како што правевме со сите добро намерници, граѓани, кои во тоа време поминува во тој „Камп на слободата“. И  вториот пат се имам сретнато на кратко, кога за прв пат бев во телевизијата, да давам интервју по еден значаен за мене повод, мојот стар пријател Кабранов после 9 години прв пат се врати на екраните по затворањето на А1 телевизијата и ме повика на интервју како Национален координатор за НАТО. Тоа беше 4 април минатата година и Кабранов ме запозна со сопственикот или како да го наречам менаџерот на таа телевизија тоа беше средба  од 5-10 минути и тоа е се.

Новинарско прашање:  Дали сте разочарани од специјалната обвинителка Катица Јанева, на која безусловно и дававте поддршка, дали таа ги изневери Вашите очекувања и дали целиот овој случај ќе влијае на евро-интегративните процеси?

ПРСМ Пендаровски: Од оваа позиција секогаш кога коментирам може да се сфати како политички притисок врз она што истражните органи треба да го работат, меѓутоа сега ќе ви одговорам како човек, со оглед на тоа што досега го знаеме – Да, разочаран сум. А за евро-интегративните процеси, Ви реков, значи ние сме во завшните фази од интеграција во НАТО, постои една мала теоретска можност сега за сега да не ја завршиме целата работа до 4 декември до Лондонскиот самит, затоа што Шпанија во моментот нема Влада, се бори со месеци да направи Влада и последните обиди во таа смисла Санчез ќе ги направи како мандатар ќе ги направи кон крајот на септември, ако не успее, досега има две рунди неуспешни, ако не успее, тие закажуваат избори, следни вонредни  повторно,  во ноември и теоретски не можат да стигнат до 4-ти да ратификуват, да го ратификуват нашиот пристапен  протокол. Меѓутоа тоа е единствено од она што знаеме, се друго е практично влезено на шини ќе се заврши пред 4-ти. Но знаете и самите постојат земји членки на Европската унија, кои години наназад го имаат тој став – не се против Северна Македонија, меѓутоа се против проширувањето во принцип. И ние не смееме преку вакви случаи, преку инертност или непостапување на државните надлежни органи, да им дадеме и најмал повод да размислуваат во таа насока. До овој момент јас немам таков цврст индикатор. Утрово разговарав со некои од моите пријатели во Брисел, тие ме уверуваа дека, иако се и тие се на колективен одмор, меѓутоа кај нив ситуацијата не е ургентна како кај нас, ме уверуваат дека до сега нема битна промена на расположението во главните градови кои решават за интеграциите. Меѓутоа ние не смееме, повторувам, да им дадеме ни најмала шанса да помислат поинаку.

Новинарско прашање: Како го толкувате податокот што овој случај стана орудие во препукувањето меѓу европската крајна десница и левицата, како се случи тоа, дали нешто читате меѓу редови и како ги толкувате реакциите во регионот, главно во Србија, од медиумите и од властите кои го ставаат и премиерот Заев во конотација, чекаат многу брзо паѓање на Владата итн?

ПРСМ Пендаровски: Морам да ви кажам дека наназад неколку години се случуваат вакви ситуации, во различни европски држави, особено во посткомунистичките, во кои еден случај, не се фабрикува, меѓутоа еден случај кој има доволно широки и длабоки пропорции се користи за политички цели. Крајната десница или популистите или евроскептиците или како год да ги наречете во Европа, се разбира дека користат секаков повод да ја наметнат својата агенда. Нам може таа агенда да не ни се допаѓа, ама е легитимна. Мене не ме вознемирува и не мислам дека ова се прави само со Северна Македонија и со нашите аспирации да влеземе во НАТО и во Европската Унија, се случувало и ќе се случува и тоа не за жал, тоа е политиката. Едни имаат проевроска агенда, други имаат антиевропска агенда, значи не гледам нешто многу специфично во таа смисла. Се разбира дел од антиевропските сили, не зборувам на ниво на држави, зборувам на ниво на дел од политичките структури, на власт и опозиција постојат и во Западниот Балкан и тоа не е спорно. Тие си ја тераат својата работа. Нашата задача, на еврофилите е да не им дадеме повод, и во конечна инстанца да не не победат во таа битка, бидејќи јас како дел од таа структура која мисли дека Евроската Унија е добра шанса за развој на земјата, мислам дека ние треба оваа агенда да ја наметнеме до крај, ама навистина до крај без остаток, инаку се друго ќе биде замајување. Ние можеме за козметички преправки на нашиот општествен, политички и економски систем, меѓутоа тоа во Брисел ќе го препознаат и нема да не повикаат, сосема независно што прават европските десничари.

Новинарско прашање:  Претседателе, после аферава која и Вие ја нарековте  тежок криминал, ве прашувам повеќе аналитички, колку е можно да падне Владата на Зоран Заев во следниот период?

ПРСМ Пендаровски: Па неможам да ти одговорам аналитички, јас едно време бев аналитичар, сега сум во друга позиција и не би можел да шпекулирам на таа тема. Да сум аналитичар, кога ќе дојдам кај тебе во емисија, ќе збориме до утре за тоа. Тоа е работа на луѓето кои ја предводат Владата, и на политичките партии кои ја составуваат Владата. Нивната политичка проценка е најбитна. По Уставот е јасно, кој има 61 потпис од 120 пратеници, тој е на власт. Ако сакаат да одат на предвремени избори, повторно 61 пратеник го распуштаат Собранието, така што не ги знам нивните планови и не ги прашувам. Од оваа позиција не смеам ни да ги прашувам. Мислам, ако ме прашувате сега од позиција на Претседател кој се грижи и за евроатлантските интеграции, конечно и тоа ми е надлежност, мислам дека минимум додека не ги затвориме овие до крајот на годината битни прашања, не би требало да одиме на предвремени избори. Тоа е мој впечаток од аспект на евроатлантските интеграции. Сакам да ја видам Северна Македонија комплетно интегрирана во НАТО и со почнати преговори со Европската Унија, и ако сакате до крај да бидам искрен мислам дека тоа е исто така од интерес за државата. Не би одел, меѓутоа тоа не е моја работа, не би одел со предвремени избори и пред да направиме попис, кој ни е преку потребен за да имаме било каква фундирана развојна политика во сите клучни области. 

Новинарско прашање: Претседателе, дали ќе следува уште едно извинување до Италија после Фејсбук статусот на вашата советничка Ана Чупеска во врска со квалификациите клепто-фашисти за двајца италијански политичари?

ПРСМ Пендаровски: Јас мислам дека го познаваме изворот на таа вест и знаеме и тој многу добро знае дека Ана Чупеска не е мој советник, ни близок, ни подалечен, просто не е со никаков статус на советник, меѓутоа тој има своја лична политичка агенда да ги наметнува таквите лажни вести. Значи, повторувам, госпоѓата Чупеска нема никаква релација со овој кабинет, во смисла на советување или во смисла на било какво помагање, и не е инволвирана во ниту еден проект кадешто  Кабинетот на Претседателот е носител. Независно од тоа, должам да се произнесам во однос на ставоите кои ги чув во тој пост. Значи кусо и јасно: За мене Салвини не е фашист. За мене Салвини е демократски избран политичар во една демократска држава, Република Италија, која е една од најголемите пријатели на Република Северна Македонија во нашите обиди дефинитивно да станеме дел од евроатлантските интеграции.

Новинарско прашање: Ова е поддршка на европската десница, која има антимиграциона политика?

ПРСМ Пендаровски: Ова не е поддршка ниту на десницата, ниту на левицата, ова е само почит кон луѓето кои живеат во таа земја и имаат потполно право на демократски начин да си ги изберат своите политички репрезенти. Совршено не ме интересира политичкиот светоглед на господинот Салвини. Мене ме интересира дали е политички репрезент избран на демократски начин и ако е тој избор на италијанскиот народ, јас морам да го почитувам, исто како што од него или од кој било друг во светот не очекувам да каже Пендаровски не ме бендисува заради не знам кој негов став.

Новинарско прашање: Претседателе, какви се вашите сознанија, има ли шанси Македонија да добие датум за почеток на преговорите, колку ќе влијае оваа афера. И уште едно прашање, до каде се преговорите околу една изборна единица, вие бевте иницијатор?

ПРСМ Пендаровски: Ќе дојдам до тоа, не сум иницијатор, меѓутоа ја поддржувам идејата да се разговара за промена на изборниот модел. Ќе дојдам до тоа. За првото мислам дека доволно кажав. Во овој момент, од оние информации кои јас ги имам од Европската унија, од Европската Комисија, нема промена во ниту една земја-членка во насока да го ревидираат својот став. Знаете дека одложувањето во јуни-јули беше од технички причини, заради германскиот Бундестаг, кој од 27 до 29 септември треба да ја одржи таа сесија, во која ќе ни даде зелено светло. Значи, нема промена, меѓутоа повторувам – ние мора да дуваме и на јогурт, ние не смееме да се опуштиме. И помали афери од оваа се повод некои земји-членки да кажат, бидејќи не го сакаат проектот на проширување без претходно продлабочување на Европската унија, да кажат не ни требаат овие од западниот Балкан, не Северна Македонија, било кој. Затоа мислам дека ние имаме обврска да не им дадеме аргумент плус во нивните такви политички настојувања. Јас сум еден од оние кои со години зборуваат дека е потребна промена на изборниот модел, и без да навлегувам во детали, бидејќи од оваа позиција не ми е дозволено да бидам аналитичар, што би рекол Миле. Мојот став и порано и денес е дека е подобро да имате подиверзификуван парламент, значи повеќе политички партии внатре, отколку помалку. Јас тврдам дека на долг рок, не преку ноќ, на долг рок, сигурно Република Северна Македонија ќе виде подемократска држава, ако повеќе политички субјекти влезат внатре, што значи дека повеќе граѓани ќе имаат свои репрезенти во законодавниот дом. Вака, со овој изборен модел, порано имавме и полоши од тој аспект изборни модели. Имавме мнозински изборни модели, во кој најголемите партии добиваат и плус пратеници и гласови, кои практично помалите политички партии субјекти не можат да ги соберат во иста изборна единица, за да имаат макар еден политички претставник. Значи неколку политички партии се обратија до мене, јас ги примив, разговаравме на таа тема, им дадов поддршка, се разбира немам намера јас како претседател да иницирам промена на изборниот модел, меѓутоа сум подготвен да дадам поддршка во таа насока.

Сподели: