Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, денеска ја посети општина Кочани.

150 хектари шума, од кои 30 до 40 години стари борови и многу пчелни семејства беа уништени во трите последователни подметнати пожари во Кочани во август. „Шумите се наше богатство кое мора заеднички да го чуваме“, рече претседателот Пендаровски, кој денеска заедно со градоначалникот Николчо Илијев, со припадници на Армијата, пожарникари и локалната самоуправа симболично засади 30-тина садници.

Во Кочани претседателот Пендаровски го посети Земјоделскиот институт – оддел за ориз. Некогаш водечки институт со 30 вработени, денес има само тројца вработени, кои ја посочија потребата за нормализирање на работата на институтот, преку обезбедување на финансиски средства, како и од нови вработувања и инвестирање во млад кадар.

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата „Екстра-Фунги“, која се занимава со откуп и преработка на печурки. Пред претседателот Пендаровски беше претставена работата на компанијата, која функционира од 1988 година и постојано бележи раст и успеси. Тоа за помалите градови, според Претседателот е важно бидејќи се создаваат можности за нови вработувања и подобрување на животниот стандард на локалното население. Претставниците на компанијата го потенцираа проблемот со недостиг на сезонска работна сила.

Проектот „Лице в лице со Претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеи за нивно надминување.

Сподели: