Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, денеска ја посети општина Кочани.

Претседателот Пендаровски го посети Киро Стојов, кој донираше дел од својот црн дроб на личност со која не е во крвно сродство, што е редок случај не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион. „Хуманоста не познава граници“, рече кочанчанецот Стојов кој пред три години донираше дел од својот црн дроб на 39 годишна личност, која не е во крвно сродство со него. Стојов раскажа дека во ниту еден момент не размислувал дали да го стори тоа. „Ваков човек не се раѓа. Тој го спаси животот на моето чедо“, рече мајката на личноста на која Стојов и го спасил животот. Стојов упати апел сите што се во можност да го следат неговиот пример и да бидат хумани.

Во Кочани претседателот Пендаровски го посети Средното општинско училиште „Ѓошо Викентиев“, каде се сретна со учениците-иноватори и нивните ментори, кои како тим „The MAKBot Pioneers“ ја претставија Северна Македонија на Светското првенство во Детроит – САД, организирано од Асоцијацијата за препознавање на наука и технологија и од компанијата ЛЕГО.

Тимот „The MAKBot Pioneers“ е составен од девет ученици од неколку основни и средни училишта од Кочани. Тимот функционира во склоп на СОУ „Ѓошо Викентиев“ и работи како дел на кабинетот по роботика. Нивниот проект е посветен на употреба на неискористениот потенцијал на термичките води, кои кога се враќаат како отпадна вода, ја имаат вистинската температура за одгледување на алгата спирулина.

Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ја посети библиотеката „Искра“, која располага со библиотечен фонд од околу 90.000 книги и каде оствари средба со дел од најактивните читатели. Во градската библиотека претседателот Пендаровски се сретна и со новинари од локалните медиуми во градот, кои му ги пренесоа проблемите со кои се соочуваат во нивното работење.

Претседателот Пендаровски присуствуваше на тренинг на фудбалскиот клуб „Осогово“ еден од најстарите во нашата држава, формиран 1924 година.

150 хектари шума, од кои 30 до 40 години стари борови и многу пчелни семејства беа уништени во трите последователни подметнати пожари во Кочани во август. „Шумите се наше богатство кое мора заеднички да го чуваме“, рече претседателот Пендаровски, кој денеска заедно со градоначалникот Николчо Илијев, со припадници на Армијата, пожарникари и локалната самоуправа симболично засади 30-тина садници на падините на Осоговските планини.

Во Кочани претседателот Пендаровски го посети Земјоделскиот институт – оддел за ориз. Некогаш водечки институт со 30 вработени, денес има само тројца вработени, кои ја посочија потребата за нормализирање на работата на институтот, преку обезбедување на финансиски средства, како и од нови вработувања и инвестирање во млад кадар.

Претседателот Пендаровски беше во компанијата „Екстра-Фунги“, која се занимава со откуп и преработка на печурки. Вработените го запознаа со работата на компанијата, која функционира од 1988 година и постојано бележи раст и успеси. Тоа за помалите градови, според Претседателот е важно бидејќи се создаваат можности за нови вработувања и подобрување на животниот стандард на локалното население. Претставниците на компанијата го потенцираа проблемот со недостиг на сезонска работна сила.

Проектот „Лице в лице со Претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеи за нивно надминување.

Сподели: