Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на Социјалистичка Република Виетнам во Република Северна Македонија. 

На церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Ентони Џорџ Симпсон, новоименуван амбасадор на Нов Зеланд во Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски нагласи дека нашите две земји ја споделуваат визијата и одговорноста за посигурен и предвидлив свет, за одржлив развој  и економски просперитет, како и за заштита на човековите права и на човековата околина, а овие цели најефикасно се остваруваат преку механизмите на мултилатералната соработка. Ја цениме активната улога на Нов Зеланд во рамките на ООН, рече претседателот Пендаровски додавајќи дека нé радува нашето партнерство и соработка на ова поле и во иднина. 

Амбасадорот Симпсон нагласи дека двете земји, иако се географско одалечени, споделуваат многу заеднички нешта како што е посветеноста на обезбедување свој придонес кон одржувањето на светскиот мир и безбедност преку учество во меѓународните операции за одржување и поддршка на мирот, како и преку  промовирање на дијалогот и мирното разрешување на спорови во нашите соодветни региони и пошироко. Нов Зеланд, додаде амбасадорот Симпсон, ја препознава значајната улога на Северна Македонија во одржувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан. 

На церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Доан Туан Лин, новоименуван амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам во Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски истакна дека двете пријателски земји демонстрираат искрена желба и настојувања за развој на билатералните односи и соработката во сите области од заемен интерес изразувајќи уверување дека заемната соработка ќе биде збогатена со нови содржини. 

Амбасадорот Лин рече дека е почестен што е назначен како амбасадор во нашата земја истакнувајќи дека ќе го даде својот придонес кон натамошното зајакнување на пријателството меѓу Виетнам и Северна Македонија во интерес на народите на двете земји. 

Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска функција.

Сподели: