Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими амбасадорот на Државата Израел, Дан Орјан.

На средбата беа разменети мислења за севкупните односи меѓу Северна Македонија и Израел и беше констатирано дека двете држави во континуитет негуваат блиски пријателски односи, засновани на меѓусебна доверба и почит.

Двајцата соговорници се согласија дека Северна Македонија и Израел градат плодни економски релации, притоа изразувајќи подготвеност за интензивирање на соработката во областа на безбедноста, науката и новите технологии, земјоделството, како и во областа на културата и туризмот.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од цврстата поддршка и помош што Државата Израел во континуитет и ја дава на Република Северна Македонија, порачувајќи дека Израел во нашата држава секогаш ќе има искрен пријател и партнер.

Амбасадорот Орјан упати честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успех во вршењето на должноста, притоа реафирмирајќи ја неговата лична заложба за унапредувањето на билатералните односи меѓу двете држави.

Сподели: