Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Карло Ромео, амбасадор на Италијанската Република во Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Италија, при што беше изразено задоволство од континуираниот успешен развој на соработката меѓу двете држави, во сите области од заемен интерес.  Во тој контекст беше реафирмиран интересот за дополнително интензивирање на економските односи и трговската размена, како и за соработката во областа на одбраната и безбедноста, образованието, културата и туризмот.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени конструктивната, јасна и безрезервна поддршка од Италијанската Република на нашиот пат кон полноправно членство во Европската унија, притоа изразувајќи очекување и дека италијанскиот парламент во најскоро време ќе го ратификува  Протоколот за пристапувањето на Северна Македонија во НАТО.

Италијанскиот амбасадор Ромео упати честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успех во вршењето на должноста, притоа изразувајќи подготвеност за натамошно унапредување и зајакнување на односите меѓу двете држави.

Сподели: