Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Мирослав Лајчак, министер за надворешни и европски работи на Словачката Република и актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, при што изразија задоволство од развојот на соработката која бележи континуиран позитивен тренд во повеќе области од заемен интерес, што пак се заснова на искреното пријателство, меѓусебната почит и доверба.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени силната заложба и конкретната поддршка од Словачка за добивање датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, нагласувајќи дека интегрираниот и безбеден регион е еден од суштинските предуслови за стабилна и просперитетна Европа. Во тој контекст, Претседателот го поздрави и ратификувањето на Протоколот, во словачкиот парламент, за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

На средбата, претседателот Пендаровски подвлече дека Северна Македонија во изминатиов период  вложи огромен труд и напори во исполнувањето на европските критериуми. Во таа насока тој изрази благодарност за поддршката и помошта што ОБСЕ ја дава на нашата држава во клучните општествено политички области, особено во судството, законодавството, изборниот процес, унапредувањето на меѓуетничките односи и владеење на правото.

Двајцата соговорници изразија увереност дека Европската унија го препознава напредокот на Северна Македонија и дека ќе го исполни ветеното, оваа година да отвори ново поглавје во односите со нашата држава.

Министерот Лајчак му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, посакувајќи му успех во работата, и ја изрази подготвеноста за натамошно продлабочување на традиционално пријателските односи меѓу двете држави.

Сподели: