Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари средба со почесни конзули на Република Северна Македонија во странски држави.

На средбата којашто се реализира во пресрет на Конференцијата на почесни конзули на Република Северна Македонија, конзулите го информираа претседателот Пендаровски за нивните досегашни активности, за предизвиците со кои се соочуваат во вршењето на нивната должност, споделувајќи ги идеите и размислувањата за нивно надминување.

Изразувајќи задоволство од континуираниот позитивен придонес на нашите почесни конзули во промовирањето на Северна Македонија, претседателот Пендаровски нагласи дека со нивната индивидуална заложба создаваат можности за проширување и зајакнување на билатералните односи на Северна Македонија со голем број земји во светот. Оттаму истакна тој, неопходно е државата да им ја пружи сета неопходна поддршка.

Говорејќи за Европската унија и НАТО, како наши најзначајни приоритети, Претседателот истакна дека очекуваната позитивна одлука за почеток на претпристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија, е заслужено и праведно признание за нашата досегашна улога, како во креирањето на добрососедската политика во Југоисточна Европа, така и во европските интегративни процеси, во кои несебично даваме свој придонес. Пред почесните конзули, тој нагласи дека стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион е во тесна врска со евроинтегративните процеси.

Со секоја од земјите во коишто нашите конзули живеат и функционираат имаме различни врски и интереси истакна Претседателот, но нашиот императив секогаш останува зајакнувањето на економските односи, подобрување на културните врски и односите меѓу луѓето. Во тој контекст, изрази задоволство што голем број од воспоставените бизнис контакти се резултат на активниот придонес на почесните конзули. Охрабрувајќи ги нивните понатамошни активности, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија ќе продолжи да ги поддржува иницијативите за соработка од заемен интерес, во насока на зголемување на свесноста за културата и деловните специфики, како во земјата во која конзулите не претставуваат, така и во Северна Македонија.

Сподели: