Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска, по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, прими ученици од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, „Димитар Влахов“ од Скопје.

За време на посетата на Кабинетот на Претседателот, Вила Водно, учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски, да му ги пренесат своите интереси за личен развој во рамки на образовниот процес, како и желбите за нивните идни професионални определби, а ги споделија и предизвиците и пречките со коишто се соочуваат во секојдневното живеење.

Гостите го информираа Претседателот дека нивното училиште е успешен модел и пример за инклузија, бидејќи во него сите ученици заедно учат, другаруваат и се забавуваат. Се пофалија дека се одлични шахисти, а пред претседателот Пендаровски покажаа дека се и талентирани музичари. Познатите мозаици во Кабинетот ги видоа на свој начин, со допир и како што велат, со душата и со срцето.

Претседателот Пендаровски нагласи дека сите млади луѓе во нашата држава ја имаат неговата безрезервна поддршка во реализирањето на нивните права, конструктивни цели, заложби и иницијативи, коишто непосредно влијаат врз целокупниот квалитет на живот на граѓаните на државата.

Надлежните институции и граѓанските организации, истакна Претседателот, треба системски да работат на подигнување на општествената свест за целосно укинување на сите облици на дискриминација кон слепите лица. Унапредувањето на нивните права, подвлече Претседателот, треба да биде наш заеднички приоритет, а ангажманот не смее да се сведува на активности што се организираат еднаш годишно, кога се одбележуваат ваквите денови, туку секојдневно, на сите нивоа и во сите сфери на општествениот живот.

Гостите се сретнаа и со дел од вработените во Кабинетот и беа запознаени со начинот на функционирање на оваа институција. Ова е прва посета на деца од училиштето „Димитар Влахов“, кое постои од 1954 година и е единствено од ваков карактер, кое обезбедува најдобра социјална вклученост и образование на децата со оштетен вид.

Сподели: