Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше на свеченото отворање на документарната изложба „100 раритети на руската државност“, организирана од Федералната архивска агенција, Државниот архив на Руската Федерација и Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија, по повод Денот на народно единство на Руската Федерација.

На свеченото отворање на изложбата беше изразено задоволство поради можноста и граѓаните на Северна Македонија поблиску да се запознаат со историскиот развој на Руската Федерација. Беше изразено уверување дека особен интерес кај посетителите, меѓудругото би предизвикале и кирилските текстови, кои сведочат за длабоките врски на Русија со словенските народи. Ваквите настани го потврдуваат длабокото пријателство меѓу двете држави, кое е поврзано со афирмацијата и зачувувањето на духовните вредности и културни стремежи.

Уникатните документи коишто се дел од оваа поставка, за прв пат беа претставени во Москва, во 2018 година, на изложбата реализирана по повод одбележувањето на 100 годишнината од државната архивска служба во Русија. Овој проект, како што денеска беше нагласено, предизвикал огромен интерес, бидејќи за прв пат на едно место биле собрани автентични писмени извори коишто отсликуваат различни етапи од афирмацијата на руската државност.

Сподели: