Почитувани,

Дозволете ми прво да им се заблагодарам на младиве луѓе за изведбата пред малку, изведба што верувам кај сите нас предизвика силни емоции.

Насилството врз децата е една од најдевијантните појави денес која се случува за жал секој ден, во секој крај на светот. За многу од нив дознаваме од медиумите, од заедницата, од училиштата, но има илјадници за кои никогаш нема да дознаеме.

Сметам дека претставува одлична можност што Северна Македонија е домаќин на оваа Конференција каде што земјите од Западен Балкан ќе ги потврдат заложбите за заедничко дејствување преку Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата, како и ќе ги споделат моменталните состојби во државите, ќе ги споделат најдобрите практики и новите, ефикасни пристапи за решавање на овој проблем.

Глобалната анкета на УНИЦЕФ од пред две години покажува дека големо мнозинство – речиси 80 проценти од родителите и старателите користат најмалку една форма на насилство врз децата, а една петтина од анкетираните пријавиле дека користат само позитивни методи и ненасилни методи на родителство. Истражувањата покажале дека децата – жртви на злоупотреба и насилство се изложени на поголем ризик и самите да повторат или сторат насилство кога ќе станат возрасни, и тоа најчесто врз сопствените деца. Насилството не им штети само на децата и на семејствата, туку на целокупното општество. Фрапантни показатели содржат и многубројните анкети на ученици и студенти кои укажуваат дека во детските години тие имаат искусено физичко и емоционално злоставување, телесно казнување, физичко и емоционално занемарување и можеби најтешкиот облик – сексуално злоставување. Некои проценки од 2013 година покажуваат дека глобалните економски влијанија и трошоци што се резултат на последиците од физичкото, психолошкото и сексуалното насилство врз децата може да достигнат и до 7 трилиони долари на глобално ниво. Тоа се повеќе од загрижувачки резултати и проценки.

Кај нас, во Република Северна Македонија, бројките, исто така, се немилосрдни.

Истражувањата велат дека 8 од 10 родители користат физичко и психичко насилство, примарно со цел да ги подучат децата на тој начин. Кај нас преовладува ставот дека детето треба да биде послушно наспроти љубопитно или независно. Истражувањата укажуваат на генералниот став дека општеството не треба да интервенира во семејството и неговите утврдени практики и дека право на родителот е да го одгледува своето дете онака како што смета дека е најсоодветно.

Нашиот одговор во борбата против насилството врз децата мора да биде сеопфатен. Ниту една конференција, кампања или политичка заложба нема да е доволна за да се справиме со насилството врз децата. Потребно е заедничко дејствување од сите нас, како индивидуи, потоа од страна на ресорните министерства, социјалните служби, образовните институции и граѓанскиот сектор. Да ја подигнеме свеста, да научиме како да го превенираме насилството и како да ги заштитиме децата од насилството. Доколку не успееме во превенција и заштита, последиците ќе бидат трауматични и долгорочни. Затоа е потребно интегрирано решение, заеднички пристап за проблем кој сите нас не засега.

Здравствените работници треба да се оспособат да можат да препознаваат рани знаци на насилство. Образовниот систем треба да ги зајакне општествено-емоционалните вештини кај децата за да превенира врсничко насилство. Системот за социјална заштита треба да даде соодветен одговор преку оперативен и мултидисциплинарен стручен тим. Припадниците на полицијата треба да бидат професионално обучени за работа со деца.

Почитувани,

Ви посакувам пријатна работа и плодна дискусија на Конференцијата, за да најдеме системско решение, да ја искорениме оваа појава и да создадеме општество кое ќе биде безбедно за децата. И конечно, како држава да го дадеме својот придонес и со многу работа и ангажман да ги исполниме целите за одржлив развој 2030 – да се стави крај на злоупотребата, на експлоатацијата, на трговијата и на сите облици на насилство и тортура врз децата.

Ви благодарам.

Сподели: