Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите.

На средбата со актуелното и новоизбраното раководство на МАНУ беа разменети информации и мислења за актуелните активности на академијата, како највисока и самостојна научна и уметничка институција во државата, како и плановите за идните активности по стапувањето на функција на новото раководство од 1 јануари 2020 година.

Претседателот Пендаровски беше информиран за тековната реализација на национални и меѓународни проекти од страна на академијата, како и меѓународната соработка со други академии. На средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на соработката меѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и МАНУ.

Претседателот Пендаровски, посакувајќи успешен мандат на новото раководство на МАНУ, со претставниците на академијата размени мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија, нејзините аспирации за членство во Европската унија, како и за состојбите во регионот. Претседателот Пендаровски, на средбата, се осврна и на неговите меѓународни активности.

На средбата стана збор за усвоената Повелба за македонскиот јазик од страна на Собранието на МАНУ, на седницата одржана на 3 декември. Според претседателот Пендаровски, постоењето на македонскиот јазик е факт и беспредметни се сите обиди за негово негирање, ревизии и толкувања надвор од научната сфера.

Сподели: