Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, заедно со сопругите на амбасадорите акредитирани во државата, и амбасадорката на Украина, активно се вклучија во акцијата за јакнење на свесноста за женското кардиоваскуларно здравје „Црвен аларм за женското срцево здравје“.

Денеска, со личен пример преку прегледи и разговори за ризиците од ова заболување, се заложија за промена на погрешната перцепција дека кардиоваскуларните болести се болест ексклузиво само за машката популација. Болестите на срцето се за осум пати поголема причина за смртност кај жените во споредба со карциномот на дојка. Токму затоа, превенцијата е од исклучително значење, истата треба да започне што порано во животот на младите жени.

Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, посочи дека ова е здравствен проблем и тема што досега се занемарени и се во сенка на други болести кои не се поубиствени од болеста на срцето, но, многу повеќе се експонирани и застапени во јавноста низ разни акции.

„Јас сум тука заедно со дел од сопругите на амбасадорите, акредитирани во Република Северна Македонија, да дадеме поддршка за акцијата Црвен аларм за женското срцево здравје, која ќе трае во наредните три месеци, до 1-ви февруари. Сакам да апелирам до жените на било која возраст да отидат во нивните семејни амбуланти и да извршат скрининг, односно проценка на ризикот за кардио-васкуларни заболувања, бидејќи за жал, иако сметаме дека карциномот на дојка е еден од најголемите убијци на жената, смртноста од кардио-васкуларни проблеми е драстично поголема. Ако смртноста од карцином на дојка е еден наспрема 31, смртноста од кардио-васкуларни болести е еден наспрема три“, изјави Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија.

Акцијата ќе се одвива три месеци, до февруари наредната година, поточно, до Денот на одбележување на женското срцево здравје.

Сподели: