Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска, во рамки на официјалната посета на Република Словенија, оствари средба со претседателот на Владата на Република Словенија, Марјан Шарец.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, што се карактеризираат со доверба, пријателство и цврсто партнерство, и се разговараше за можностите за унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, како и за актуелните случувања и предизвици во регионот и на Балканот.

Претседателот Пендаровски изрази надеж дека долгогодишната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија ќе продолжи и во иднина. Во тој контекст, Претседателот изрази очекување дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ. Претседателот Пендаровски се заблагодари за сета досегашна поддршка од Словенија на планот на евроатлантските интеграции.

Двајцата соговорници констатираа дека напредокот на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион.

На средбата беа разменети мислења и за предизвиците од илегалната миграција, при што беше констатирана потребата досегашната успешна соработка да продолжи и во иднина, а со цел поголема регионална стабилност и безбедност.

Заедничка констатација на двајцата соговорници беше дека во иднина напорите треба да бидат насочени кон интензивирање на економската соработка и трговската размена, преку поблиска соработка на бизнис заедниците и поттикнување на инвестициите од двете држави.

Сподели: