Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија и во Република Грција.

Двајцата соговорници констатираа дека со потпишувањето и имплементацијата на Преспанскиот договор е отворена нова перспектива во односите меѓу двете држави во сите сфери од заеднички интерес. Во тој контекст се согласија дека има унапредување на односите и дека постојат можности за развој на соработката помеѓу регионите и општините, особено преку искористување на европските порграми за поддршка на развој.

Претседателот Пендаровски го истакна интересот на Република Северна Македонија за унапредување на севкупната билатерална соработка со Република Грција, вклучително преку продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и преку развој на инфраструктурното поврзување.

Претседателот на Северна Македонија истакна дека неговиот Кабинет останува отворен за поддршка на граѓанските иницијативи кои би ги унапредиле односите помеѓу двете земји преку соработката на граѓаните, организациите и бизнисите од двете страни на границата.

Градоначалникот Бутарис информираше за тековната соработка помеѓу Солун и Скопје во областа на културата, за можностите за соработка на проекти од областа на заштита на културното наследство, особено на еврејската заедница, на чијашто трагична судбина се сеќаваат и Северна Македонија и Грција, за заштитата на животната средина, како и за туристичката промоција на двете држави.

Градоначалникот Бутарис упати честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успех во вршењето на должноста.

Сподели: