Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

На средбата, претседателот на Собранието Џафери му честиташе на претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успешна работа во следните пет години.

Претседателот Пендаровски и претседателот на Собранието Џафери разменија мислења за актуелните состојби во Република Северна Македонија. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста сите релевантни институции во државата во претстојниот период да ги насочат севкупните капацитети кон реализација на следниот важен чекор во европската интеграција на Република Северна Македонија – одредување датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Во таа насока, претседателот Пендаровски го посочи значењето на Собранието во реализацијата на реформската агенда и на парламентарната димензија во остварувањето на интересите на Република Северна Македонија на меѓународен план.

На средбата, двајцата соговорници договорија натамошна поблиска координација на двете институции во корист на граѓаните и во интерес на Република Северна Македонија.

Сподели: