Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска се сретна со претставници на иницијативата „Стоп за извршителите“.

На средбата, тие во детали ја образложија ситуацијата во којашто се наоѓаат како и нивните иницијативи за разрешување на состојбите во насока на времен мораториум на извршувањето на долговите кон физички лица, ревизија на работата на извршителите, почитување на постапката на застареност на долговите согласно законот за облигациони односи и постоење на lex specialis, т.е. закон за бришење на долгови.

Претседателот Пендаровски на состанокот искажа поддршка на основното барање на иницијативата „Стоп за извршителите“, односно дека е потребно да се изнајде решение за оваа категорија на граѓани на Република Северна Македонија во најскоро можно време.

Исто така, претседателот Пендаровски се заложи дека од надлежните институции ќе побара што поскоро детално да ги разгледаат барањата на иницијативата „Стоп за извршителите“, со цел да се утврди на кој начин би се дошло до конечно решение на нивните проблеми.

Сподели: