Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски оствари средба со претседателот на Собранието на Република Албанија, Грамоз Ручи, во рамки на официјалната посета на Република Албанија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните односи меѓу Северна Македонија и Албанија при што, беше изразено задоволство од позитивните случувања во однос на конструктивната соработка, демонстрираната посветеност за зајакнување и продлабочување на билатералните и добрососедските односи преку динамизиран и континуиран политички дијалог како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

Претседателот Пендаровски рече дека нашиот сосед, Република Албанија е континуиран партнер во обезбедувањето на просперитет, стабилност, безбедност и европска перспектива на регионот. Досегашната парламентарна соработка меѓу двете земји е конструктивна и интензивна, а за нејзино продлабочување потребно е интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

Двајцата соговорници оценија дека двете земји имаат идентични надворешно-политички цели во врска со регионалната соработка и европските интеграции, кои се значајни предуслови за стабилност и просперитет на регионот.

Заблагодарувајќи се за поддршката на Република Албанија за членство на нашата земја во НАТО, претседателот Пендаровски рече дека од голема важност е што двете земји една со друга се поддржуваат и во однос на нивните аспирации за станување рамноправна членка на Европската унија. И покрај фактот дека нашите земји не добија датум за почеток на пристапните преговори на последниот Самит на ЕУ, според претседателот Пендаровски, треба да се продолжи со посветеноста кон остварување на нашите европски аспирации.

На средбата беа разгледани и можностите за продлабочување на билатералната соработка и можностите за унапредување на економските односи.

Сподели: