Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на политичката партија Демократска унија за интеграција, Али Ахмети.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски укажа на потребата во периодот што претстои сите политички чинители да имаат одговорен пристап и да ги насочат своите капацитети кон исполнување на реформската агенда, а со цел отпочнување на пристапните преговори за членство со Европската унија.

На средбата претседателот Пендаровски порача дека Република Северна Македонија е исправена пред историска шанса да се потврди како партнер и рамноправен дел од најзначајните сојузи во светот – Европската унија и НАТО. Тоа, според претседателот Пендаровски, е единствениот пат кој води кон стабилност и просперитет на државата и на регионот. Оттаму, посочи претседателот Пендаровски, потребно е сите политички фактори во Република Северна Македонија да се насочат кон помирување и обединување околу стратешките цели на земјата.

Претседателот на ДУИ, Ахмети, упати честитки до претседателот Пендаровски по повод стапувањето на функцијата и му посака успех во работата.

Сподели: