Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски заедно со неговата сопруга Елизабета Ѓеоргиевска, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денеска во МладиХаб се сретна и се дружеше со 40-тина студенти од Институтот за специјална едукација и рехабилитација.

Градејќи го духот на солидарност, почитување и прифаќање на различностите, претседателот Пендаровски истакна дека секој треба да ги почитува правата на лицата со попреченост и активно да се залага да се обезбедат подобри услови за живот и соодветен пристап до сите институции, достапност до образованите и здравствени институции, како и поголема застапеност на пазарот на труд.

„Не можам да не ви честитам на сите ваши напори за сиот труд во инклузијата на лицата со попреченост, како и за поддршката на студентите со попреченост и олеснување на нивното школување, рече претседателот Пендаровски и додаде дека е убеден дека по примерот на Филозофскиот факултет којшто треба да биде прв инклузивен факултет во 2020 година, ќе тргнат и останатите факултети и воопшто образовни институции.

Истовремено, како што истакна претседателот Пендаровски, неопходно е државата да има здравствени работници кои се обучени да детектираат и да работат со лица со попреченост, но и вистински да се вклучат овие луѓе во училиштата, а подоцна и на пазарот на трудот.

„Исто така мораме многу да вложиме во сензибилизирање на пошироката заедница, да ги намалиме предрасудите и стигмата, да ги прошириме видиците и да сфатиме дека општество во кое има простор за сите има повеќе шанси за успех, општество во кое различностите се прифаќаат, е општество во кое различните заедници можат интегрирано да живеат“, потенцираше претседателот Пендаровски и додаде:

„Секој ден треба да биде 3 декември, да сме постојано свесни за проблемите на лицата со попреченост и атипичен развој, да работиме на инклузија и да изнаоѓаме решенија преку кои ќе ја градиме солидарноста, ќе ја почитуваме и прифаќаме различноста. Јас сум отворен за секоја ваша инцијатива. На располагање го ставам мојот мандат, мојот авторитет, моето време, човечките ресурси во мојот кабинет за остварување на заедничките цели“.

Деканот на Филозoфскиот факултет, Ратко Дуев од своја страна истакна дека како прв инклузивен факултет, оваа институција во континуитет работи на обезбедување на подобри услови за живот на студентите со попреченост и на олеснување на процесот на нивно школување.

На настанот, Ивана Попова, студент од генерацијата 2014/15 од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, доби парична награда во висина од 10.000 денари за постигнат највисок просек од 9,78, а парични награди во висина од 10.000 денари за особена посветеност во своето школување добија и Беира Салифовска, студент со оштетен вид од Институтот за специјална едукација и рехабилитација, како и Ангела Георгиева, студент на Филозофскиот факултет во Риека, Република Хрватска и Александар Аврамовски, студент на Економскиот и бизнис факултет во Марибор, Република Словенија.

Сподели: