Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември, прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија го запознаа претседателот Пендаровски со тековните активности по повод одбележувањето на 3 декември, како и со положбата на лицата со попреченост. Главни предизвици со коишто секојдневно се соочуваат овие луѓе, како што посочија, се непристапноста до објектите, недостиг на литература со Брајово писмо, мал број на толкувачи на знаковен јазик, како и малата финансиска помош од државата. Но она што за нив е најголема пречка, како што потенцираа претставниците на националните сојузи на здруженија на лица со инвалидитет, е стигматизирањето на овие луѓе од општеството.

На средбата претседателот Пендаровски истакна дека е свесен дека инклузијата на овие луѓе во општеството не е на завидно ниво и дека затајува и функционалноста на институциите. Во таа насока, како што посочи претседателот Пендаровски, неговиот Кабинет за луѓето со попреченост е отворен во секое време.

Истовремено, претседателот Пендаровски изрази поддршка за активностите на инвалидските организации и подвлече дека и натаму ќе се залага за понатамошно подобрување на правата на овие лица, преку подобрувањето на законската легислатива и преку нејзино доследно имплементирање.

Претседателот Пендаровски им порача на претставниците од Националниот совет на инвалидските организации на Македонија дека без оглед на состојбите, треба и понатаму бескомпромисно да се залагаат за афирмирање на нивните потреби и права, за што секогаш ќе ја имаат неговата безрезервна поддршка.

На средбата присуствуваа претставници на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, како и на националните сојузи на слепи, на глуви и наглуви лица, на луѓе со телесен инвалидитет на Македонија, претставници на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака, на националниот сојуз на цивилни инвалиди од Втората светска војна и претставници на националниот сојуз на инвалиди на трудот.

Сподели: