Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на учеството на форумот во Израел по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот, оствари средби со неколку шефови на држави учесници на форумот.

На средбата со претседателот на Република Финска, Саули Нинисто, претседателот Пендаровски се заблагодари за принципиелната поддршка за нашата европска перспектива за време на изминатото шестмесечно финско претседателство со ЕУ и нагласи дека двете држави градат пријателски односи.

Претседателот Пендаровски, на средбата со Никос Анастасијадис, претседател на Република Кипар, изрази задоволство од воспоставените дипломатски односи и истакна дека Северна Македонија е целосно подготвена за заеднички развој на пријателски односи со Кипар во областите од заеднички интерес, особено во културата, трговијата и туризмот.

Со претседателката на Грузија Саломе Зурабишвили, беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави и можностите за нивно унапредување, при што беше истакната потребата од воспоставување на билатерална правна рамка во сите области од взаемен интерес, како основа за натамошно продлабочување на соработката, особено во областа на економијата.

Претседателот Пендаровски на 22 и 23 јануари 2020 година во Ерусалим, Израел учествува на лидерски форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.

Сподели: