Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска присуствуваше на форумот „Сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот“, којшто се одржа во Ерусалим, Израел.

На форумот, покрај претседателот и премиерот на Израел, Реувен Ривлин и Бенјамин Нетанјаху, се обратија и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, потпретседателот на САД Мајк Пенс, претседателите на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Франк Валтер Штајнмаер, како и Неговото Височество, Принцот Чарлс. На конференцијата во Ерусалим зборуваа и Авнер Шалев, претседател на Јад Вашем, претседателот на советот на Јад Вашем, Рабинот Меир Лау и Моше Кантор, претседател на Фондацијата на Светскиот форум на Холокаустот.

Нагласувајќи дека ниту еден политичар или поединец повеќе не смее да дозволи да се случи ист или сличен настан како Холокаустот, говорниците и присутните им оддадоа почит на околу 6 милиони Евреи од целиот свет коишто беа убиени во Втората светска војна.

Положувајќи меморијален венец, претседателот Пендаровски им оддаде почит и на илјадниците убиени македонски Евреи кои беа депортирани во логорот на смртта во Треблинка, во Полска. Претседателот Пендаровски им оддаде почит и на сите останати жртви, коишто во периодот од 1941-ва до 1945-тата година биле немилосрдно измачувани, а потоа и убиени.

По повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, во рамки на конференцијата во Ерусалим, двајца преживеани од Холокаустот го запалија меморијалниот факел.

Сподели: