Обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на средбата со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со Северноатлантскиот Совет

3 јуни 2019 | Обраќања

Почитуван г-дин Генерален Секретар, Јенс Столтенберг,

Ваши екселенции, амбасадори, постојани претставници на земјите-членки на НАТО,

Почитувани пријатели,

Дозволете најнапред да го изразам моето огромно задоволство од фактот што Северноатлантскиот Совет доаѓа во историска посета и многу значаен период за Северна Македонија.

Верувам дека имате исполнет работен ден, па затоа ќе се обидам да бидам концизен и да се фокусирам на клучните пораки што сметам дека е неопходно да ги истакнам.

Изминатиот период, како држава поминавме низ многу значајни промени кои го отворија патот на Северна Македонија кон полноправно членство во Алијансата.

Убеден сум дека сите овде присутни ги ценат суштинскиот демократски напредок и спроведените реформи насочени кон возобновување на институционалниот и правен поредок во државата. Не би сакал да ги набројувам сите реформи. Овде само ќе го истакнам потпишувањето на двете клучни спогодби со нашите соседи и пријатели, Грција и Бугарија, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Минатата недела ги посетив Министерството за одбрана и Генералштабот, каде имав можност да се запознаам од прва рака со реформските зафати и плановите за опремување и модернизација на Вооружените сили, во функција на идното полноправно членство во Алијансата. Изразив задоволство од фактот дека приоритет во овие реформски процеси ќе биде даден на декларираните НАТО единици.

Истовремено, ја поздравив заложбата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана за достигнување на целта, како идна НАТО земја-членка Северна Македонија да издвојува 2% од БДП за трошоци во одбраната. Оваа цел ќе ја достигнеме до 2024 година.

Покрај ова, како претседател на Северна Македонија, имајќи ги предвид моите надлежности во безбедноста и разузнавачките служби, ќе инсистирам на нивно темелно реформирање согласно сите највисоки стандарди на НАТО. Ова ќе биде моја постојана лична заложба, а ситуацијата активно ќе ја набљудувам и ќе настојувам напредок во оваа област да имаме час поскоро.

Дозволете во оваа прилика да се заблагодарам на Постојаните претставници на земјите-членки кои до сега го ратификуваа пристапниот протокол и воедно да потенцирам дека сме задоволни од динамиката на ратификација. Очекуваме дека и останатите држави ќе ги заокружат внатрешно-правните процедури, а процесот ќе заврши кон крајот на годината.

Како држава остануваме посветени на придонесот за зачувување на глобалниот мир и стабилност,  борбата против меѓународниот тероризам, за што сме подготвени во наредниот период да го зајакнеме нашето учество во мировните операции под водство на НАТО.

За нас членството во НАТО е еден од најголемите кохезиони фактори во нашето мултиетничко општество,  а поддршката за процесот е константно висока години наназад, што не обврзува како држава да продолжиме со реформите и како полноправна членка на НАТО.

Покрај ова, длабоко сме убедени дека членството во НАТО на Северна Македонија позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност и стабилност, со што влијанието на надворешните малигни фактори ќе биде сведено на минимум.

Почитувани, во сиот свој професионален работен ангажман ме водеше идејата да помогнам во процесите кои денес ја донесоа државата до полноправно членство. Ве уверувам дека како претседател на Северна Македонија во мене и во мојот тим имате партнер и поддржувач на се она што е и ќе биде регионален и глобален приоритет на Алијансата.

Со оваа констатација, дозволете, почитуван генерален секретар и постојани претставници на земјите членки, да Ви се заблагодарам за постојаната поддршка и помош која НАТО ни ја пружаше сите овие години преку разни форми, како и преку директното присуство во Северна Македонија на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје.

Убеден дека наскоро ќе имаме можност да се видиме во седиштето на НАТО во Брисел, почитувани пријатели на Северна Македонија, ви се заблагодарувам за вашата денешна посета.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...