Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Домот на Армијата во Скопје беше брифиран за борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го информираше претседателот Пендаровски за состојбата во Армијата во 2019 година, истакнувајќи ги позначајните активности во процесот на трансформација и достигнатото ниво на имплементирање на процедурите и обврските поврзани со членството во НАТО. Претседателот беше брифиран и за реализацијата на плановите и задачите во текот на 2019 година.
Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се за реферирањето, го истакна придонесот во меѓународните мисии и вежби, како доказ за подготвеноста на Армијата за придонесот во колективниот систем за безбедност и членство во НАТО Алијансата. Претседателот ги нагласи неговите заложби за подобрување на животниот и професионалниот стандард на припадниците на Армијата. Во тој контекст, изрази поддршка за реформите во Армијата и зголемувањето на буџетот на Армијата на 2% од БДП до 2024 година.
„Јас можам да кажам дека сум задоволен од она што го слушнав и од она што го знам од тековното информирање, не само од овој брифинг. Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција, ако се спореди што се случуваше во таа институција, пред само две, три, пет години. И тоа не се должи само на енормно зголемениот воен буџет, морам да кажам повеќе од два пати е зголемен буџетот за следната година, ако го компарирате со 2017 година. Значи буџетот за догодина ќе биде 160 милиони евра, што е апсолутен рекорд кога станува збор за одвојување на средства за воениот буџет од нашата независност, од 90-та, до денес. И велам, повеќе од двојно во однос на 2017-та и два ипол пати повеќе од претходни некои години. Значи не е само во тоа – постои едно раководство генерално, во државата и во овие ресори кое има сосема поинаква стратешка парадигма“, изјави претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски потсети дека на лондонскиот самит Северна Македонија била третирана како да е полноправна членка на НАТО, што се должи не само на одвојување на повеќе средства, туку и на поинаква политичка филозофија.
„Јас мислам дека можеме да бидеме задоволни со тоа што политичката поддршка на овој курс мора да продолжи и да остане – не на ова ниво, туку и да се зголеми, бидејќи нема да ги завршиме сите работи со членството во НАТО. Имаме еден куп обврски кои доаѓаат и како полноправни членки на НАТО“, рече претседателот Пендаровски.
Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на Началникот на Генералштабот кон Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен Командант на Армијата, за состојбата на борбената готовност во Армијата.