Претседателот Пендаровски во официјална посета на Република Албанија

26 октомври 2019 | Соопштенија, Средби

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска престојува во официјална посета на Република Албанија.

Во Тирана, претседателот Пендаровски беше примен со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Албанија, Илир Мета. Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба и пленарна средба со официјалните делегации, по што се одржа заедничка прес-конференција на претседателите.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателот Пендаровски на прес конференцијата.

Почитувани,

Најпрвo сакам да му се заблагодарам на мојот домаќин, на претседателот Мета за поканата да ја посетам Република Албанија и за срдечниот пречек, кој е јас мислам достоен на две соседни, пријателски и европски држави.

Односите меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во континуитет бележат позитивен тренд на развој. Во оваа прилика сакам да изразам задоволство од постигнатото ниво на билатералните односи, како и од соработката и на регионален и на мултилатерален план.

Северна Македонија и Албанија остваруваат плодна и интензивна соработка што претставува потврда за одличните односи меѓу двете држави. Нас не поврзуваат многу работи, заедничката историја, заедничката географија, заедничката евроатлантска иднина, како и заедничките предизвици во делот на општествените реформи и трансформации.

Република Северна Македонија, како еден од највисоките приоритети го има градењето на односи на добрососедство, што особено е нагласено изминативе 2-3 години, а за што потврда е и оваа моја посета на пријателска Албанија, која ја остварувам една седмица по исходот на последниот самит на ЕУ, би рекол во време на вонредни околности во регионот.

На средбата, го информирав мојот колега, претседателот Мета, за неодамна одржаната лидерска средба кај нас, на која утврдивме државен консензус, да се продолжи по европскиот пат, но и да се организираат предвремени парламентарни избори.

Со албанскиот претседател се согласивме дека наша обврска како шефови на држави е да продолжиме да ги охрабруваме сите политички фактори во нашите држави да продолжат со спроведување на обврските од европската реформска агенда во интерес, пред се, на нашите граѓани, како и да продолжиме да ги убедуваме европските лидери дека преговорите со земјите во регионот се влог во стабилноста и просперитетот.

Во тој контекст мислам дека е добро, земјите од западниот Балкан во наредниов период да одржат еден вонреден самит, на кој ќе дискутираме за проширувањето, за добрососедските односи и притоа да ги отфрлиме идеите за алтернативи на проширувањето. Доколку постои согласност околу овие работи, мојот предлог би бил Република Северна Македонија да биде домаќин на овој самит.

Со претседателот Мета се согласивме дека од големо значење за нас е досегашната поддршка од Албанија за македонското членство во НАТО, додека ние, од своја страна, го ставаме на располагање нашето досегашно искуство на планот на евроинтеграциите и сметам дека од особено значење е оваа соработка, со несмален интензитет да продолжи и во иднина. Но, исто така констатиравме дека треба да ја продолжиме и насочиме нашата енергија и внимание и во економскиот дел, затоа што економската соработка не ги одразува добрите политички односи и фактот дека сме соседни и пријателски држави.

Денес предложив и иницијатива за формирање на, да ја наречам, неформална група на македонско-албанско пријателство во која би биле поканети да учествуваат, членуваат, истакнати интелектуалци, стопанственици, претставници од културата, од невладиниот сектор, но пред се, младите, кои би се состанувале наизменично во двете земји и би давале предлози за унапредување на соработката, билатералните односи и пријателството меѓу двете земји.

Претседателот Мета зборуваше за неопходниот услов за развој на нашите две држави и на целиот регион, зборуваше за физичката инфраструктура и тука потполно се согласувам и го поддржувам неговиот предлог, особено фамозниот коридор 8 за кој многу малку е направено во изминативе две до три децении. Меѓутоа, мене ми се чини дека исто така, ако не и поважно е да ја градиме, да ја надградуваме човечката инфраструктура во регионот која може да биде предуслов за подобрување и на билатералата и на мултилатералата во регионот и пошироко.

На крајот, би сакал да истакнам дека на средбата разменивме мислење и информации за положбата на македонската заедница во Албанија и на албанската во Република Северна Македонија, кои се неспорно фактори на зближување меѓу двата народа и двете држави и збогатување на соработката меѓу нашите две пријателски земји.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...