Претседателот Пендаровски во посета на општините Тетово и Теарце во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“

4 ноември 2019 | Лице в лице со претседателот, Соопштенија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, денеска ги посети општините Тетово и Теарце. 

Во Тетово, претседателот Пендаровски, придружуван од градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, ја посети Шарената џамија, една од најрепрезентативните обележја на исламската архитектура во Северна Македонија. Пред претседателот Пендаровски беше претставен историјатот на Шарената џамија од страна на имамот Баки Касами.

Претседателот Пендаровски го посети фудбалскиот клуб Љуботен, кој годинава одбележува 100 години од формирањето. Пред претседателот Пендаровски беа посочени проблемите кои ги има фудбалскиот клуб во неговото функционирање, вклучувајќи го и најголемиот предизвик со кој во моментов се соочува клубот – немањето на сопствен стадион.

За време на посетата на Тетово, претседателот Пендаровски се сретна со младиот иноватор Орхан Багашов, кој во својот дом околу една година развива робот со вештачка интелигенција. Багашов има освоено бројни награди и признанија, меѓу кои и златен медал на меѓународниот натпревар „ИнфоМатрикс“ во конкуренција од 347 проекти, за својот проект ротирачки 3Д принтер. Претседателот Пендаровски ја истакна потребата од поддршка за младите иноватори како Багашов, за да продолжат својот потенцијал да го развиваат во сопствената држава. 

Во изјава за медиумите, претседателот Пендаровски рече дека по Велес и Кочани, Тетово е третиот град којшто го посетува во рамки на проектот “Лице в лице со Претседателот”. 

„Граѓаните не треба со своите проблеми или со своите дилеми да доаѓаат кај мене во Кабинет. Најдобро е јас да дојдам кај нив, да ги слушнам. Но, се разбира, а тоа го покажува и структурата на мојата посета, дека нема да се занимаваме само со проблемите. Тоа не значи дека кај нашите граѓани нема проблеми, коишто ќе ги решаваме. Но, мојата намера во рамки на овој проект е да ги истакнам и позитивните примери. Тие луѓе се меѓу нас, а сеуште не знаеме колку вредат и колку придонесуваат за позитивниот имиџ на земјата и многу подалеку од границите на државата“, изјави претседателот Пендаровски во Тетово.

Претседателот Пендаровски, во Центарот на култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово оствари средби со новинари од локалните медиуми и со претставници на граѓански организации од тетовскиот регион, на кои беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочуваат во нивната работа. 

Претходно, во Теарце, претседателот Пендаровски го посети основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, кадешто учат ученици од македонската, албанската и турската етничка заедница. Покрај мешаниот етнички состав, карактеристично за училиштето е што учениците по избор изучуваат и јазик којшто не им е мајчин. Учениците и вработените во училиштето ја истакнаа потребата за нови учебници, со цел подобрување на квалитетот на наставата. 

Во селото Слатино, претседателот Пендаровски ја посети Рита Бехадини, која преку социјалните мрежи покрена и реализира акција за собирање на училишни материјали и прибор, за ученици од семејства со социјален ризик. Претседателот Пендаровски оддаде признание за активностите на Бехадини, истакнувајќи дека нејзиниот пример треба да го следат и други млади луѓе. 

За време на посетата на тетовскиот регион, претседателот Пендаровски го посети Лешочкиот манастир. Во придружба на тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф, претседателот Пендаровски ги посети црквата “Св. Атанасиј” и црквата “Св. Богородица”, како и конаците во рамки на манастирскиот комплекс, каде е сместена спомен-собата на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Претседателот Пендаровски беше запознаен со историските факти за манастирот и за конаците, а беше истакната потребата за поголема заштита на културно-историското богатство на манастирот, особено на црквата “Св. Богородица”, која датира од 14-от век. 

Во селото Џепчиште, претседателот Пендаровски го посети етно музејот во сопственост на Симеон Златев – Моне, кој се смета за најмал етнолошки музеј во светот. Во музејот, на вкупно 7,2 метри квадратни, има изложено околу 1150 експонати, од вкупно 2000 експонати  што Златев ги собирал во изминатите три децении. Сопственикот на музејот го информираше претседателот Пендаровски за намерата и официјално да го внесе неговиот музеј во Гинисовата книга на рекорди како најмал етнолошки музеј во светот. 

Проектот „Лице в лице со Претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеи за нивно надминување.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...