Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше на интерактивната вежба за заштита и спасување „Заеднички одговор 2019“, во близина на административната зграда на ОКТА АД Скопје.
Вежбата се спроведе под раководство на Дирекцијата за заштита и спасување и на неа учествуваа претставници од десетина државни институции, јавни и приватни претпријатија и организации. Со вежбата беше опфатено сценарио на појава и справување со пожари на отворен простор, со зафаќање на индустриски објекти во реонот на селата Миладиновци, Петровец и Бунарџик – индустриска зона.
Претседателот Пендаровски беше запознаен со севкупната подготовка, организација и реализација на вежбата, како и целите за нејзиното спроведување. Заеднички беше заклучено дека високото ниво на меѓуинституционална координираност, дава можност за полесно и поефикасно справување со предизвиците и кризните ситуации.