Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Финска во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Кимо Лахдевирта.

Обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски

Ваша Екселенцијо,

Имам исклучително задоволство и чест да ги примам акредитивите од Неговата Екселенција, претседателот Саули Нинисто, со кои Вие сте именуван за нов амбасадор на Република Финска во Република Северна Македонија.

Дозволете ми срдечно да Ве поздравам и да Ви посакам искрено добредојде во нашата земја и да Ви посакам успешно извршување на оваа мошне одговорна функција.

Високо го цениме Вашето богато дипломатско искуство и сметаме дека ќе претставува значаен придонес во збогатувањето на нашите пријателски односи. Ве уверувам дека во вршењето на Вашите дипломатски должности ќе ја уживате нашата целосна соработка и помош.

Почитуван Амбасадоре,

Од воспоставувањето на дипломатските односи, Република Северна Македонија и Република Финска, во континуитет градат пријателски и партнерски односи и со задоволство можам да истакнам дека постигнавме успешен развој на билатералните односи во повеќе сфери на општественото живеење.

Истовремено сметам дека меѓу нашите две земји се уште постои неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката и меѓусебна комуникација, и во таа насока, убеден сум дека Вашиот ангажман ќе остави траен белег во надградбата на пријателските односи и соработката меѓу нашите земји.

Поддршката од Република Финска за интеграција на земјите од регионот на Југоисточна Европа во европските структури, а во тие рамки и на Република Северна Македонија, секогаш била од голема важност. Во тој контекст, изразувам надеж дека напредокот на мојата земја, кој е отсликан во Извештајот на Европската Комисија, ќе биде вреднуван и зацврстен со позитивна одлука за време на финското претседавање со Советот на Европската Унија.

Екселенцијо,

Република Северна Македонија ги негува истите европски вредности како и Република Финска. Сигурен сум дека европската определба и во иднина ќе претставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Северна Македонија и Република Финска.

Ве уверувам дека Република Северна Македонија останува посветена на остварувањето на своите стратешки приоритети, уверени дека европската и евроатлантската перспектива е гаранција за просперитетот, стабилноста и благостојбата на Балканот.

Посебно би сакал да го нагласам интересот за интензивирање на соработката меѓу нашите две земји во сферата на економијата. Верувам дека мерките и активностите што ги презема Владата на Република Северна Македонија за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима, ќе го привлече вниманието на финската бизнис заедница.

Во оваа прилика би Ве замолил, во мое и во име на граѓаните на Република Северна Македонија, да ги пренесете поздравите до Неговата Екселенција, претседателот на Република Финска, г-дин Саули Нинисто, со искрени желби за негово добро здравје. Истовремено, би сакал да ја искористам оваа прилика и да упатам покана до Неговата Екселенција, претседателот на Финска, да ја посети Република Северна Македонија.

Дозволете ми Ваша Екселенцијо, уште еднаш да Ви посакам многу успех и добро здравје во извршувањето на Вашата одговорна функција.

Обраќање на Кимо Лахдевирта, новоименуван амбасадор на Република Финска во Република Северна Македонија, со седиште во Белград

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува голема чест и задоволство што ме примивте да ги предадам моите акредитиви како новиот амбасадор на Финска во Република Северна Македонија.

Господин Претседател,

На почеток, би сакал да Ве уверам во мојата посветеност да ја продолжам работата на моите претходници за понатамошно продлабочување и проширување на соработката помеѓу нашите две земји.

Јас ја посетив Вашата земја во средината на деведесеттите во период кога еден фински генерал беше командант на мировната операција на ОН овде.

Импресиониран сум колку многу успеа да постигне Вашата земја оттогаш, на домашен и меѓународен план.

Второ, Финска е сега претседавач со Претседателството на Советот на Европската Унија и во таа насока Ве уверувам дека ќе бидеме искрени посредници и ќе направиме се што е во нашата моќ да постигнеме конкретни резултати за време на нашето претседателство.

Финска силно верува дека кредибилна политика на проширување е инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа. Во согласност со препораките на Комисијата, Финска го поддржува отпочнувањето на преговорите за членство со Република Северна Македонија. Се надевам и верувам дека Советот на министри на ЕУ ќе донесе позитивна одлука за ова не подоцна од октомври.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува привилегија да Ви ги предадам, господине Претседател, моите акредитивни писма и писмата за отповикување на мојот претходник.