Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) – Прешево (Република Србија).

Со договорот, потпишан меѓу владите на Северна Македонија и Србија на 12 јули 2019 година во Белград, се предвидува воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин Табановце – Прешево.

Претседателот Пендаровски смета дека воспоставувањето на заедничките контроли позитивно ќе придонесе за натамошното унапредување на билатералната комуникација меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, и ќе придонесе за олеснување на движењето на граѓаните и трговската размена, а ќе се поедностави и регулацијата на сообраќајот на државната граница.

Според претседателот Пендаровски постигнатиот договор треба да претставува поттик во насока на овозможување на заеднички контроли и на граничните премини со другите соседни држави.