Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими делегација на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, предводена од командантот на гардата полковник Грегори Најт.

На средбата беше изразено задоволство од долгогодишната успешна соработка меѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии. Во изминатите 25 години двете пријателски земји оствариле над 400 заеднички обуки, во кои биле вклучени повеќе од 450 припадници на Армијата на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски истакна дека постигнувајќи го Преспанскиот Договор, Северна Македонија направи голем исчекор и изрази очекување дека наскоро ќе заврши процедурата за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Конгресот на САД.

Полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, како што рече Претседателот Пендаровски, ќе придонесе за натамошно продлабочување на соработката со Националната гарда на Вермонт и со САД, како стратешки партнер на државата.

Денешната средба претседателот Пендаровски ја искористи да истакне дека Северна Македонија е посветена на унапредување на односите со Соединетите Американски Држави, и дека ќе продолжи да дава придонес во борбата против тероризмот, како и против други закани на глобално ниво.